top of page

Кога тиквата ќе пукне (»извини«) не држи вода

  • pozitivnapsihologija
  • Oct 27, 2015
  • 4 min read

Сте го имале ли она доживување кога во последно време размислувате за одредена тема, мислите за решавање на некое прашање и „одненадеж“ решението го гледате пред очи. Во тој момент прво што ви паѓа на памет е: „е, па не ми се верува!“. И со восхит си повторувате, „не ми се верува“, „ма, не можам да верувам“ (а насмевката не ви се симнува од лице). Всушност, нема ништо пологично од тоа да го здогледате токму она што го барате (оттука и насмевката). И да, навистина е за восхит. Си велите „од нигде никаде, еве, точно тоа што го мислам/барам веќе некое време“. Но, не е од нигде никаде. На кратко само, кога го здогледувате она што го размислувате во последно време, од психолошка гледна точка и не е толку необјаснив феномен. Ако сакате „јунговски“ се работи за синхроницитет. Но, тоа е во извесна смисла „помагично“ објаснување од она што е „меинстрим“ во психолошката наука, каде е потврдено дека колку повеќе ги барате одговорите, толку повеќе станувате осетливи за нив. Па, колку повеќе станувате осетливи, толку повеќе сте во можност да станете свесни за она со кое доаѓате во допир. Толку едноставно!

Така, деновиве размислувам за тоа дали вреди да се рече »извини«. Размислувам кога вреди да се слушне извини, кога не. И така, пред некој ден наидувам на сликава:

Верувам дека повеќето од вас знаат што пишува на сликата, но ред е да го пишам текстот на македонски (чунки, ова е блог на овој јазик). Текстот вели:

Земи една чинија и тресни ја од земја.

- ОК, направено.

Се скрши ли?

- Да.

Сега, кажи ѝ »извини«.

- »Извини«.

Дали [чинијата] се врати во едно парче, како што беше претходно?

- Не.

Сега, разбираш ли?

Ја гледам сликата, го читам текстот и си велам: „ма не ми се верува“.

Тоа е тоа – »извини« всушност нема потреба да се каже. Зошто? Еве вака ...

Да се рече »извини« е ОК тогаш кога не се познаваме, тогаш кога се запознаваме, односно кога немаме доволно информации за луѓето со кои доаѓаме во контакт. Тогаш, може да се случи по некоја „утка“ за која вреди човек да се извини, во смисла „немав лоша намера; ако сум те повредил, било несакајќи, извини “ или „не знаев дека ти се случило тоа, да знаев немаше да споменувам, извини“. Во овој случај, извини има еден премостувачки ефект. Ако некој каже »извини« и дообјасни, другиот би требало (!) да стане свесен дека првиот немал никаква намера на каков и да е начин да повреди или навреди. Тогаш, двајцата се доближуваат еден до друг. И ова е случај кога »извини« „држи вода“ (иако реално нема вистинска причина за воопшто да биде кажано, бидејќи немало никаква намера да се навреди или повреди друго човечко битие, кое самото од свои причини си се нашло допрено; навистина, нема ама баш никаква причина да се изговори тоа »извини«, бидејќи секој човек е одговорен само за своите содржини, во случајов намери, а кога тие не постојат, тогаш нема зошто да се извинуваме за своето однесување; како и да е, кога во ваков случај се изговара »извини« тоа е повеќе од куртоазност, воспитание, обѕирност, човечност, сочувствување, емпатија). Во овој контекст, »извини« ќе изгради нова димензија од младиот (новиот) однос кој се гради меѓу двајца (или група).

Но, кога добро се познаваме, »извини« е збор кој е поарно да не го изговориме. Всушност, не самиот збор, туку е подобро да не се доведеме во ситуација да го изговориме. Бидејќи, ако сме се довеле во таква ситуација, тогаш тоа значи дека „тиквата е одамна пукната“. Кога веќе некој изминува заеднички пат со некого, се подразбира дека тие двајца (или повеќемина) треба и подобро да се познаваат. Од учесниците во тангото се очекува да ги знаат движењата на партнерот. Па, ако некој се доведе во ситуација да му стапне на „жуљ“ на другиот (и после да се прави „наудрен“ и да извинува), тогаш нешто не е како што треба да биде. Тука повеќе не се работи за незнаење, туку за измама, себичност, слабост, подмолност и слични други „тракатанци“ кои одамна ја „пукнле тиквата“. Во тој случај, дефинитивно едно (па и илјада) »извини«, нема да заврши работа (затоа е подобро и да не се изговори – само ги влошува работите, бидејќи објаснувањето веројатно ќе биде полошо од грешката).

Прашањето не е повеќе дали некој жали за глупоста (обично по неа следува »извини«), туку зошто некој воопшто си дозволил да направи нешто за кое бил свесен дека ќе мора да се извинува, ако го фатат жив (а тоа редовно се случува, затоа што тој е свесен за глупоста и тоа нешто на вибрациско/енергетско ниво, сакал нејќел ќе го оддаде од себе, па оние кои го познаваат и тоа како ќе го фатат жив.)

(Доколку пак се работи за некој кој не чувствува вина за направената глупост (направена со свесна намера, за свое задоволство и истовремено на штета на другиот!) – а со тоа и на вибрациско/енергетско ниво не оддава вознемиреност (туку, во правнички термини „ладнокрвност“ и „со умисла“ или во психијатриски „отсуство на афект“ и „пресметаност“) – се работи за психопатска или социопатска структура на личноста или евентуално за добро истрениран филмски оперативец од типот на Џејмс Бонд – за кои во овој текст не станува збор).

За крај, сликата која ја сретнав пред некој ден (онаа погоре) ме инспирира да ја направам оваа (малку е поблиска до нашето јазично и културно милје – тиква си е тиква).

До следното читање,

еден здрав (не распукан, ама сладок како тиква) поздрав,

Автор на текстот

Психолог и Психотерапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comentários


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page