



Позитивно живеење
Начини за остварување на среќен и исполнет живот.
ПП.мк го третира човекот холистички, односно онака како што природата го дала: како целина составена од тело, ум и душа и сметаме дека сите аспекти од неговото битисување имаат свој удел во креирањето на неговата лична среќа и благосостојба.
Во продолжение изложени се факторите за исполнет и целисходен живот.
Листата не е конечна, како што не е конечен ни самиот живот, ниту можностите да се постигне негово исполнување со среќа, смисла и личен процут. Ако имате идеја за проширување на листата пишете, со задоволство ќе ја прошириме.

Природно окружување
За да се остварите како битие, да живеете среќен и исполнет живот потребно е да живеете онака како што сте дадени/родени: како природно битие.
Прошетките во природа, пливањето во природни води, дишењето чист воздух, сончањето, се само некои од активностите кои силно влијаат врз балансот на човековото битие. Од време - на време пешачете боси а секојдневно гледајте во пејсаж, изложете се на сончева светлина и дишете мирно и длабоко барем 10 минути.
Практикувајте почесто да бидете едно со природата. Бидете блиску до каменот, дрвото, водата, сонцето. Останете во непрекинат контакт со дел од природата барем на кратко, секој ден. Користа од овој контакт тешко може да се замисли, но влијанието од оваа природна средба е над она што современиот човек може да го замисли.

Физичка активност
Физичката активност е составен и нераскинлив дел од здравото живеење. Човекот е конструиран да се движи. Ова е голема вистина за човековото битие.
Сетете се дека често знаете да кажете: одам да се раздвижам. Се раздвижувате и веќе се чувствувате повесели, опуштени и смирени. Се чувствувате како да сте едно цело, како свои на своето, како да сте го фатиле ритамот.
Сетете се, исто така, дека по станување од спиење или кратка дремка, сосема природно се истегате. По истегнувањето се чувствувате енергизирано а насмевката едноставно ви се развлекува од уво до уво.
Секое природно движење има благопријатни ефекти врз целокупното човеково битие. Искачувањето на планина, трчањето, пливањето, пешачењето, танцувањето, смеењето, потскокнувањето и истегнувањето се природни човечки активности. Тоа се оние активности кои секојдневно треба да се практикуваат барем 15 минути. За нив не ви се потребни ама баш никакви дополнителни реквизити, како тегови, велосипед, скии и сл. (иако и овие прекрасни активности се исклучително забавни и корисни за човека). За нив ви е потребно само потсетување на тоа дека само доколку се движите ќе се чувствувате како здрав и исполнет човек.
Не бадијала Decimus Iunius Iuvenalis рече: mens sana in corpore sano или по нашки: во здраво тело - здрав дух (а може и обратно, затоа што се работи за целина).

Моменти за тишина
...
Тишина. Тоа е она кога ќе останете сами со себе.
...
Тишината има благотворно дејство врз балансот на човековото битие. Таа има два битни аспекта: да се остане сам со себе си во тишина и да се постигне тишина во себе си. И првиот и вториот аспект на тишината се мошне далечни за современиот човек, но се достижни и особено препорачливи за неговото ментално здравје па и севкупно здравје. Нема среќа и благосостојба без да се ослушне сопственото битие и нема исполнетост без да се ослушне сопствената суштина.
Ако сонот е царскиот пат до несвесното, како што не’ подучи Freud, тогаш тишината мора да се царскиот пат се’ свесното.
Најдете време за тишина.
Тоа е најбогатиот свет што можете да го искусите.
Лесен начин за одржување на металниот баланс е барем на кратко во текот на денот да останете во просторија која е тивка, без силни и променливи звучни сензации. Едноставно останете мирни и ослушнете го својот внатрешен свет. Набљудувајте ги сопствените мисли и емоции. Без осудување и без оценување. Само набљудувајте. Многу ќе откриете за себе од таа комуникација.
Медитацијата од друга страна е една од методите за постигнување на тишината во своето внатрешно битие. Ова е воедно и една од потешките а со тоа и една од супер корисните методи за постигнување на живот во мир и благосостојба. Да не се мисли на ништо и таа состојба да се одржи на повеќе од секунда, со сигурност е состојба која човек најтешко може да ја постигне. Но, врвот е највисок затоа што погледот од него е најубав.
* Постои уште еден исклучително битен аспект на тишината и тој се поврзува со сонот и спиењето, за што повеќе ќе можете да пронајдете на блогот.

Природна исхрана
Има ли некој кој се’ уште не го разбрал во потполност она давинчиевото: она што го јадеме тоа сме?
Ако има такви, еве мој мал придонес кон проширување на свесноста: ако јадеме жива храна - живи сме. Ако јадеме храна полна со живот, ние сме полни со живот. Толку едноставно.
Не заборавајте, се’ во природата има своја енергија. Се’ живо вибрира, има своја фреквенција.
Семињата, зеленчукот, особено зелено-листестиот и овошјето се природни пакувања на животот. Држете се до природно „спакуваната“ храна доколку сакате поквалитетен живот. Избегнувајте ја конзервираната, процесираната и рафинираната индустриска храна бидејќи во неа нема есенција која дава живот.
Само животот дава живот. Помислете на ова секогаш кога принесувате залак пред уста.
Умно избирајте ја храната и уживајте во ефектите кои таа ги има врз вашето здравје и благосостојба.

Mенталнa активност
Клучот на креирањето на среќен живот е позитивната металната активност. Преку свесно управување со сопствените ментални содржини, со нивно насочување кон позитивни нешта, среќниот и исполнет живот е на дофат.
За многумина е тешко поимливо, недоволно јасно или неприфатливо дека нивната ментална активност е најодговорна за среќата во нивниот живот. Работата, всушност е мошне едноставна. Колку и старата мудрост: какви ни се мислите - таков ни е животот.
Човекот е роден како слободно битие. Неговата слобода е особено впечатлива кога станува збор за слободата на изборот на неговите мисли. Секој може да избере на што ќе мисли, како ќе гледа на минатите искуства или како ќе си ја претставува, визуализира или озвучува иднината која ја посакува за себе. Мислите се лична одговорност на секој поединец а со тоа и лична одговорност за неговиот живот. Најголемата вредност на мислите е што тие се моќна алатка за постигнување на личната среќа.
Заради тоа, за среќен живот, најбитно е човек да одбере да биде среќен. Одберете да мислите на убави нешта, да мечтаете за работи кои ве прават среќни или да разбудите сеќавања за ситуации во кои сте биле среќни. Фокусирајте ја својата ментална активност на содржини кои се позитивни и корисни за вас. Не трошете го вашиот ментален капацитет на работи за кои сметате дека се штетни за вас. Наместо да го критикувате тоа што го гледате, одберете да го пофалите она на што му се восхитувате. Наместо да осудите нешто што ве иритира, одберете да се заблагодарите за она што го наоѓате за добро во сопствениот живот. Наместо да дозволите да ве преплават доживувања кои не му служат на вашето битие, одлучете дека ќе се чувствувате добро во поголемиот дел од денот.

Забава и
игра
Целта на човековото постоење е да се забавува.
Погледајте ги децата. Цел ден се во состојба да си играат, да се качуваат по дрвја, да трчаат, да се смеат, да шлапкаат во вода, да фантазираат, да се санкаат, да бидат надвор, да бидат во вода, да прават колачи од кал. По цел ден! На памет не им паѓа дури ни да јадат. Сте се запашале ли некогаш од каде им е таа енергија. Како не се заморуваат? Како не им здосадува да си играат?
Енергијата им е таму што го живеат она што се, таа тече низ нив затоа што го исполнуваат своето битие онакво какво што е дадено; не се заморуваат затоа што забавата ја зголемува животната енергија, не ја одзема; и не им здосадува затоа што се во контакт со содржини кои за нив се природно интересни.
Децата го знаат тоа. Го знаат со целото свое битие. Штом нештото ќе престане да биде забавно, тие едноставно ја напуштаат играта.
Ефектот од играта е растење.
Иако често не ја разбираат суштината на детската игра, битно за возрасните е тоа што набљудувајќи ја можат да се потсетат дека овде сме за уживаме во животот и да му се радуваме.
Забавата е природен процес на човековото битисување.
Само она што е забавно има смисла.
Животот без забава и радости е бесмислен.
Фокусирајте се само на активности кои ви се забавни, кои ве исполнуваат и кои за вас имаат смисла.
И не заборавајте да си играте бидејќи како што забележи брилијантниот George Bernard Shaw: ние не престануваме да си играме затоа што старееме, туку старееме затоа што престануваме да си играме.
© 2014 ПозитивнаПсихологија | За страницата | За идејата | Визија, мисија, цели | За авторот | Услови и политики | Контакт


