Животни платформи: „ќе се покајам ли за ова“, наспроти „ќе бидам ли задоволен од ова“
- pozitivnapsihologija
- Oct 24, 2015
- 5 min read
Веќе некое време размислувам да го напишам овој текст. Го одложував. Дилемата ми беше дали баш мора (секогаш) да се тргнува од негативните контексти за да станеме свесни за позитивните. Зарем е толку тешко да се концентрираме на позитивните и од тука да го градиме својот живот. Тоа ми беше дилемата.
На мене лично, второво ниту ми е тешко, ниту ми е неразбирливо. Напротив. Но, во својата практика секојдневно се сретнувам со луѓе кои толку многу се навикнати на негативните аспекти за својот селф, своето битисување, живеење и воопшто постоење, што говорењето за позитивните аспекти едноставно не допира до нив. Тоа е толку многу далеку од нив, што иако може да им звучи многу примамливо, тоа останува „ветена земја“ на која, од точката во која се наоѓаат моментално, никако не можат да стапнат. Со други зборови, позитивното живеење за нив претставува слатка идеја, но тешко остварлива реализацијата. Тие посакуваат да можат да „скокнат“ во изобилството на позитивното живеење, но нивниот обид завршува со паѓање во бездна на разочарување и повторување на мислите дека убавиот живот „не им е суден“ (познато во стручната литерарура од психологија како како феномен на руминација). (За волја на вистината, во тој скок тие сами одбираат дупнат падобран прикрпен од оние петпарачки будалаштини од типот на „позитивни мотивациски пораки“, „лајф-коучинг“, „водени медитации“, „денско сонување“, па така самите си го одредуваат падот, не читајќи квалитетни текстови, не загребувајќи под површината на проблемот, со што остануваат кратки за фактите и уште поважно за практиките кои можат да им го унапредат квалитетот на живеење. За жал, самите пропуштаат да дознаат дека „квантен скок“ не постои, сѐ дури не треснат од земја.)
Е, и бидејќи јас верувам дека не мора секогаш да се треснеме од земја за да научиме нешто корисно за себе, го пишувам овој текст со таков ниет – да понудам мост кој води од негативните кон позитивните контексти на живеење. Затоа, едниот носечки столб е на негативната страна, а другиот на позитивната. Така ја решив својата дилема.

Не, не мора секогаш да се тргне од негативната страна, но кога веќе некој е таму, подобро да тргне од таму и да стигне кај што посакува, отколку мечтаејќи за „скок“ да стои во место или уште бетер, да тресне од земја (иако ова последново и не е така лоша варијанта за оној кој сака да учи да лета, но не и за оној кој сака само да прелета!).
Овој текст разберете го токму така, како мост за премин од негативната страна на позитивната страна на живеењето. Тргнувам од за што ќе се каеме во животот (што е крајно негативен контекст), со цел да стигнеме до она за што ќе сме горди и задоволни од животот (што е крајно позитивен контекст).
И бидејќи во моментот во кој се наоѓаме сега не можеме да знаеме за што ќе се каеме во иднина, корисно е да послушаме што има да каже на темава оној кој го минал патот – старците. А она што тие го порачаа е: грижите се огромна загуба на вашето скапоцено и ограничено време кое го имате во животот, елиминирајте ја грижата – тоа е најпозитивен чекор кој можете да го направите за постигнување поголема среќа.
(Целата статија за ова истражување ја имате овде.)
Сега, да се задржам на преминот од негативните можни контексти кон позитивните можни контексти.
Каењето, тој крајно негативен исход од она што сме го минале може да произлезе или од она што сме го направиле или од она што не сме го направиле. Но, тежината на тоа како ќе се справиме со едното или другото не е иста.
Сите лоши дела, лоши зборови, омраза, злоба, пакост, одмазда, лутина, подметнувања, сторени на другите или на себе си, со нив и некако ќе се справиме („минува времето“, „избледуваат спомените“, „било што било“, „поминало“, „се каам за тоа, но тоа е најдобро што знаев во тој момент“).
Но, она со што потешко ќе се справиме е она што не сме го направиле. Времето кое сме го потрошиле на грижи („што ако се случи ова“, „став ми е од она“, „леле, леле ако биде тоа“, „не смеам вака“, „да не испаднам глупава“, „ќе ме исмеваат поради тоа“, „дали ќе им се допадне“, „што ќе мислат за ова“), наместо на уживање, задоволства и играње, е времето по кое ќе зажалиме и со што потешко ќе се носиме. Тогаш кога пред нас ќе има помалку сега отколку што ги има зад нас („можев да сакам повеќе, можев да уживам повеќе, можев да патувам повеќе, можев да се образувам повеќе, можев да искусам повеќе“, „можев да пишувам, сликам, пеам повеќе“), тогаш тешко ќе можеме да согледаме и прифатиме колку време сме потрошиле бадијала.
Да, отсуството на искуствата потешко ќе го доживееме, отколку присуството на истите (макар што на некои од нив нема баш да се гордееме и макар што некои од нив и не биле многу пријатни во текот на нивното случување).
Затоа, драги мои, престанете да се грижите за иднината (да го исполнувате своето време со едно големо ништо, што се вика – анксиозност) и наместо тоа, фатете се во костец со своите реални проблеми на живеење. А како што тврди науката, нив ги имате многу помалку отколку што мислите (затоа и имате време да се грижите, но наместо да се грижите, забавете се со она што можете да го создадете ос својот живот). И во нашата народна мудрост постои она „нема друга работа“ или „нема попаметна работа“, за човек кој не си го гледа сопствениот живот (сопствените таленти и можности), туку се мафта со глупости кои немаат никаква врска со неговата реалност.
Сосема за крај ...
Живејте го својот живот така што во секој момент од животот, пред да направите што и да е, ќе се прашате: ќе се гордеам ли на ова што го правам сега (а не, ќе зажалам ли за ова што го правам). Прашајте се: ќе бидам ли позадоволен од себе ако го направам ова (а не, ќе се каам ли ако го направам ова). Прашајте се: ќе бидам ли посреќен со себе ако го направам ова (а не, ќе ме заштити ли од каење ако не го направам ова).
Ова е најпозитивната платфрома од која можете да го креирате сопствениот живот.
Доколку каењето сепак на некој начин останува ваша доминантна платформа, не е крај на светот. И од тука можете да исчекорите кон позитивната платфома. Ако ова е случај со вас, тогаш пробајте барем да се прашате ќе се покаам ли затоа што нештото не го правам. Ова е до одредена мерка подобро и претставува чекор поблизу до позитивните можни контексти (од она крајно негативното ќе се покаам ли за ова што го правам).
Направете го барем овој мал чекор. Воведете ја таа промена во својот живот - ќе се покаам ли за она што нема да го направам, а можам. И наскоро, малку по малку, поважно ќе ви стане ќе бидете ли среќни поради својот живот (наместо, ќе бидете ли несреќни поради својот живот). Со практикување на ќе се покаам ли доколку не го направам ова, полека ќе се доближите до она ќе се гордеам ли поради ова што го правам.
На крајот на денот, најважно е од што сте задоволни. Помалку важно е за што се каете дека не сте го направиле. Најмалку важно е за што се каете дека сте го направиле. Последново, нека биде поука грешките да не ги повторите. Средното, опомена да го смените фокусот и правецот на својот живот. Првото, цел кон која тежнеете.
Поздав, без каење!
Даниела
Автор на овој текст и страницата ПозитивнаПсихологија
Comentarios