Медитација, „водена медитација“ и водена фантазија - што е што
- pozitivnapsihologija
- Sep 21, 2015
- 10 min read
Денеска, насетувате и по насловот, пишувам (нешто) за медитацијата.
Малку за тоа што всушност претставува медитација, но и малку за тоа што не е медитација.
Овој текст е мојот придонес во точното разбирање на медитацијата и нејзино разграничување од она што медитацијата не е. Последново е дотолку поважно да биде разбрано, бидејќи постои извесна терминолошка интерференција меѓу термини кои носат слично име, а се однесуваат на комплетно различни содржини. Термините за кои ќе зборувам се: медитација, т.н. „водена медитација“ и водена фантазија.
Намерата на овој текст е да се демаскира изразот „водена медитација“, која во суштина е една модерна будалаштина, честопати намерно доведена во врска со медитацијата и која, како израз, со „гордост“ ја користат неговите „изумители“, небаре го измислиле тркалото. Но, дискусијата не е сведена само на оваа намера, туку се осврнува првенствено на медитацијата – древна вештина позната од пред илјадници години.

Затоа, преку аналогија тргнувам токму од таму – од тоа зошто медитација.
Кога ве боли стомак, кој треба да се напие чај од нане – вие или комшијата од спротива. Ако сте настинати, кој треба да направи топла бања со масло од лаванда – вие или брат ви.
Кога вашата душа има штогоде да каже, кој треба да ја слушне – вие или едикојси.
Вие или едикојси? Да, тоа е прашањето. Мислите дека е несоодветно?! Си помислувате – па, јас, нормално. Е, па ако е нормално, тогаш што мислите зошто луѓето не наоѓаат барем десеттина минути во текот на денот да ја слушнат душата што ја носат. Или, уште подобро кажано, душата што ги носи нив – онаа истата која ги крепи и ќе ги крепи цел живот, сѐ додека се на земјава, вакви какви што се. Зошто, ако е толку нормално дека секој треба да ја слушне својата, тоа ретко кој го прави на дневна основа? За ова пишував пред извесно време, еве овде.
Но, да продолжам со денешниов ниет ...
За што служи медитацијата
Токму за тоа – за да ја слушнете сопствената душа.
Единствениот некој кој може да го слушне гласот што го носите во себе сте вие самите. Тој глас, кој не бадијала го нарекуваме гласот на мудроста, тој е секогаш внатре. Во вас. Вашата внатрешна мудрост е постојана, сеприсутна и жива. Но, исклучително тивка и ненаметлива (му ја отстапила наметливоста на супер-егото).
За да воопшто можете да го слушнете својот внатрешен глас, мора самите да ги стивнете
сопствените мисли и емоции (бидејќи навистина прават премногу врева, понекогаш). Ете, за тоа се користи медитацијата – за да го слушнете шепотот на сопствениот глас, кој вечно ќе тлее и никогаш нема да престане да ви чука на уши. А дали ќе го слушнете и разгорите, начулувајќи го своето „трето уво“, тоа ќе зависи од вас. За тоа служи медитацијата.
Што е медитација
Тоа е процес во кој останувате сами со себе. Таа претставува суштински контакт на вас со вас. Процес во кој сте осамени, во смисла на отсуство на интеракција со какво и да е друго лице или сензација од надвор. Исклучок е медитацијата во природа, каде станувате едно со природата, па природните сензации (црцорење на врапчиња, шумолење на вода, татнење на ветер и сл.) не ја попречуваат, туку поддржуваат медитацијата. Сепак, ова е околина во која може да се практикува медитацијата доколку веќе сте поодминале во нејзино овладување. Но, ако сте почетник, дури и природните звуци можат да направат дистракција на концентрацијата, па тие иако природни, не се сосем препорачливи, освен ако имате перфектна концентрација. Значи, со медитацијата нераскинливо е поврзана тишината, што особено е препорачливо, повторувам, особено за почетниците.
Медитацијата претставува активност поврзана со свесност, волја и концентрација. Концентрацијата веќе ја спомнав и ја повторувам бидејќи е суштинска за практикување на медитација, токму поради тоа што доколку не може да се одржи на потребното ниво, за медитација воошто не може да стане збор. Поспаност, расеани мисли или расеано внимание, на пример, не се карактеристики во кои се практикува медитација. Концентрацијата во медитација обично најнапред се тренира преку задржување на фокусот на правилното природно ритмичко дишење или се потпомогнува преку одредена музика за медитација (ѕвончиња или друг, обично жичан инструмент), но притоа особено треба да се внимава на фреквенцијата на музиката, која по правило треба да е на 432 Hz, како што се звуците на природата (внимавајте на ова). Сепак, останува тврдењето дека за медитација, тишината е она што е најприродна околина, бидејќи во неа на најприроден начин се стивнуваат мислите и се концентрира/фокусира/насочува вниманието кон внатрешниот глас.
Како се учи медитација
Е, сега. На овој процес/активност никој не може да ве научи. Па, побогу, може ли некој да ве научи да слушате. Може ли некој да ве научи да дишете. Не. Никој. Освен вас. Ова е многу важно да го разберете бидејќи ова е суштината на медитацијата. Да повторам, медитацијата е пат во кој сте сами. Таа е уникатен процес во кој стапувате во контакт самите со себе си. Ова е алфа и омега за медитација. Повторувам, нешто кое нужно мора да го знаете за „учењето“ на медитацијата е дека – никој не може да ве научи да медитирате. Никој. Исто како што никој не може да ве научи да одите (и по цели денови и ноќи некој на шестмесечното бебе да му објаснува како се оди, додека тоа само не го направи, неколку месеци подоцна, својот прв чекор, нема да прооди).
Затоа, доколку сакате да медитирате, тоа искуство ќе мора сами да го дожвеете. Бездруго, зборовите не се оние кои учат, искуството е. Па, ако се прашувате како да почнете, овде имате никулец за тоа.
Што прави човек во медитација
Она што човек го прави кога медитира, во главно, на почетокот, се сведува на набљудување. На слушање на сопствени содржини, мисли и емоции, без да дозволи истите да го „одвлечкаат“ некаде или „повлечат“ надолу или „возвишат“ не знам каде. Ова е активност која поставува највисоки барања пред личноста, бара предаденост и време, па поради тоа честопати е опишувана и како „најтешка“, но во исто време е и најкорисната работа која еден човек може да ја направи сам за себе. За последново можат да посведочат сите оние кои медитираат редовно, а никако не можат да го разберат оние кои никогаш не го пробале процесот.
Значи, она што човек во прави во медитација е – набљудува – слуша со своето трето уво, гледа со своето трето око, искусува со внатрешните сетила, за кои додека не ги открие ни името не им го знае.
Што се случува со човекот во медитација
Она што се случува во текот на медитацијата е постигнување на состојба на „смирување на умот“ (и срцето, како физички орган, но и како „носител“ на емоциите). Но, ова се постигнува со редовно и посветено практикување, а сосем ретко ако сте почетник (иако не е исклучено, во зависност од претходните животни искуства).
Ако сте некој кој веќе има искуство со медитацијата подолго време, тогаш сигурно веќе знаете дека она што се случува со вас додека медитирате (откако веќе сте успеале да ги стивнте мислите) е постигнување на една поинаква трансценденција, која со зборови не може точно и прецизно да се опише. Зошто? Прво, затоа што никој никому не може да објасни нешто за кое другиот нема сопствено поимање, доживување и искуство (ако не сте каснале јагода, немате претстава каков е вкусот). И второ, дури и да медитирате редовно, ќе се сложите дека со зборови тоа доживување на трансценденција не може доволно добро да се исцрта, особено со речник на која и да е европската „цивилизација“ (на која како поднебје и културен контекст ѝ припаѓаме), бидејќи во нив едноставно не постои збор за тоа доживување што се случува со човекот во медитација (исто како што кај Абориџините, на пример, не постоел збор за фала и те молам, до пред да ги снајдат „цивилизираните“ англиски затвореници). Затоа, нема да одам понатаму во објаснувањето што се случува со човекот и неговиот контакт со себе си додека медитира (бидејќи тоа е „интимна“ работа ;-) – позната само нему).
Сега, за она ...
Што не е медитација
Вака, убави мои – медитацијата не е т.н. „водена медитација“. Такво нешто како „водена“ медитација едноставно не постои. Да повторам уште еднаш – нема такво нешто како „водена (guided) медитација“, која во суштина претставува една модерна измислица на која се печали од незнаењето на оној кој се „запишал на курс по медитација“ или „посетува часови по медитација“. Значи, такво нешто како „насочена/водена медитација“ не постои. За сопствено добро, не залажувајте се со таква глупост.
Зошто т.н. „водена медитација“ нема врска со медитација
Веќе кажав – во медитација, сами го остварувате контактот со себе и никој, освен вие самите, не може да ве води низ тој процес. Разбирате ли? Контактот со себе можете да го направите исклучиво сами – вие самите со себе. Во тој процес не може некој да ви каже „видете го ова“, „замислете го она“ или „почувствувајте го тоа“ и притоа тоа нешто што ќе го „видите“, „замислите“ или „почувствувате“ да остане само ваша содржина. Значи, ако некој во нешто ве води, тоа повеќе не може да биде ваша (и само ваша) работа. Ако некој ве води низ некој процес (какво што е терапиското водство, на пример), колку тој и да е ваш личен процес (бидејќи несомнено доаѓате во контакт со исклучиво сопствени содржини), самото водство вклучува учество (а со тоа и одговорност) на друго лице (терапевтот, во случајов), што автоматски исклучува медитација во нејзината најчиста форма.
Ве молам, прочитајте го овој пасус уште еднаш убаво.
Затоа, доколку наидете на курс/видео чиј наслов е „водена медитација“ или „медитација со едикојси“ знајте, тука не се работи за медитација во нејзината кристална форма и тоа токму поради отсуството на нејзината најсуштинска карактеристика, а тоа е обезбедување на контакт на вас со вас, воден исклучиво од вас, како битие. Знаете, кога медитирате, во тој контакт со себе, вие се потврдувате себе не како изолирано и „од земја никнато битие“, туку како битие кое е поврзано и едно со комплетниот свет. Медитацијата не е некаков „чукнат“ разговор на „мене со другата во мене“ или „јас со моето второ/трето/петто јас“. Сосем спротивно, низ медитација вие се искусувате како уникатно битие поврзано со сѐ во вселената (најмногу со космосот во себе), но во тие моменти на медитација таа врска со целината од која сте дел, е само ваша. Преку таа врска се спознавате себе си, својата смисла на постоење, смислата на животот и смислата на вашиот живот (и уште многу други работи, кои се поврзани само со вас и вашата поврзаност со Вселената, Природата, Животот). Затоа, на тој пат не може некој друг да ве води, а ако ве води, тогаш тоа не е медитација, бидејќи тоа не е само ваш пат. Затоа велиме дека изразот „водена медитација“ нема суштинска врска со медитацијата како активност и практика. Придавката „водена“ пред медитација во никој случај не имплицира медитација. И нема сила, ниту значење на медитација.
Овде морам да истакнам дека навистина постојат луѓе кои продреле во умешноста на медитирањето (за разлика од шарлатаните со „водената медитација“) и кои сакаат своето знаење да го споделат со светот, не би ли поттикнале повеќе луѓе да медитираат секојдневно и да ги искусат благодатите од медитацијата. Тие луѓе (без скромност и себе ќе се вклучам во оваа група) кои преку сопствено искусвто спознале колку медитацијата им го унапредува квалитетот на животот, сакаат тоа спознание да поделат со што поголем број на луѓе, за и тие да го искусат тој уникатен контакт со себе си. Такви луѓе неретко имаат развиено техники за дишење, техники за концентрација, техники за фокусирање, техники за свесност за сопственото тело, сопствените осети и сл., кои несомнено можат да помогнат во дишење, концентрација, фокусирање или подигнување на свеноста за телесните сензации. Но сепак, истите тие луѓе ќе ви посведочат дека медитацијата (на почетокот и на крајот - ако воопшто има такво нешто), сепак е личен процес, во кој „нештото“ може да ве воведе, но понатаму од тоа таа техника не може да води (низ вашиот личен медитативен процес). Таквите одлични програми (за разлика од оние „интернет водените медитации“), можат да бидат исклучително корисни ако имате дилема како да почнете со медитација, што е потребно во смисла, дали да лежите или седите на стол или на под, како да дишете, како да ви бидат поставени ’рбетот, главата, рацете, нозете, што да правите кога ќе станете свесни дека некоја мисла „ви се наметнува“, итн.итн. итн. Но, повторувам, тоа се помошни техники или ако сакате воведни техники, но тие сами по себе не се медитација. Овие корисни техники би ги опишала како кислород, кој ќе го поддржи разгорувањето на вашиот внатрешен глас, но тој („кислородот“) не може да „гори“ за вас. Згора на тоа, вие не можете постојано да сте „зависни“ од него. За понатамошниот пат во медитацијата, потребно е вашето лично искуство, заложба и предаденост (како и ваши лични извори на „кислород“). Да разимирам, во никој случај не сум противник на учење на техники за отпочнување на медитација (напротив, еве една добра), но истовремено не сум подджувач на идејата дека во медитација некој друг, освен вас, може да ве води. (Неспорно е дека пред да го полагате возачкиот испит, вие мора до одредена мерка да ја совладате техниката на возење. Но, дали ќе станте вистински добар возач, кој не само ќе се превезува од точка А до точка Б, туку и вистински ќе ужива во возењето, тоа ќе зависи само од вас и вашиот понатамошен ангажман.)
„Водена медитација“ наспроти водена фантазија
За крај, за мене како професионалец од областа на психологијата и психотерапијата, од исклучителна важност е да разграничам уште една можна терминолошка збрка која евентуално може да настане поради несоодветно користње на поимите медитација, „водена медитација“ и водена фантазија.
Веќе кажав и што е медитација, како и тоа дека „водената медитација“ не е медитација. Сега останува уште еден израз, а тоа е водена фантазија.
Значи, сакам да нагласам дека во Гешталт терапија постои една техника на работа, која ја викаме водена фантазија или визуелизација. Е, сега, изразот водена фантазија (на англиски: guided fantasy), во Гешталт терапија претставува експеримент* т.е. техника за работа, која служи за стапување во и остварување на контакт со себе, со сопствени содржини. Оваа техника претставува инструмент за работа на терапевтот со индивидуата и/или групата која е во тераписки, искуствен или едукативен процес.
Овде е потребно разграничувањето.
Значи, прво, водената фантазија не е медитативна техника, туку е тераписка техника. Таа е експеримент* во кој со помош на стручно водство од страна на терапевтот, клиентот стапува во контакт со сопствени содржини и досегнува свесност за себе, своите избори и одлуки, својата одговорност за сопствениот живот. Ова го нагласувам. Значи, водена фантазија не е медитација, туку Гешталт тераписка техника.
И второ, водената фантазија никако не смее да се меша ниту со потенцијално ризичното „сеење магла“ наречено „водена медитација“, бидејќи водената фантазија е инструмент кој го користат обучни професионалци од областа на Гешталт терапијата за да му помогнат на клиентот сопствените содржини, независно од нивната временска позиционираност и местото на настанување, да ги доведе и искуси овде и сега, па доведувајќи ги овде и сега, добива можност да „затвори“ сопствени незавршени гешталти. Како Гешталт тераписка техника, водената фантазија се изведува во сигурни и дискретни услови, во присуство и под водство на стручно лице (терапевт). Сличноста на водената фантазија со т.н. „водена медитација“ е извесна, но постои суштинска разлика, а тоа е безбедноста на изведување на истата. „Изведување“ на „водена медитација“ со слушалките во уши или под водство на луѓе со дискутабилно образование и сомнителен личен искуствен тренинг, одат на сметка и индивидуална одговорност на оној кој ги практикува. Изведување на техниката водена фантазија е само една од техниките преку кои клиентот и терапевтот заедно креираат можности за разрашување на витални незавршени работи, важни за клиентот.
Автор на текстот: м-р Даниела Арсовска Богдановски
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
* Самиот збор експеримент всушност значи откривање на вистината преку искуство, односно преку искуство да се открие вистината за истражуваната појава.
Comments