top of page

Позитивна психологија

Научна дисцилина за истражување на среќата и блогосостојбата на човековото живеење.

Што е позитивна психологија?

 

Позитивна психологија претставува релативно нова гранка од психологијата која ја изучува среќата и процутот на човекот. Таа има цел преку научни истражувања да го проучи, разбере и објасни феноменот на среќата кај луѓето. Позитивната психологија работи на откривање на тоа што ги прави луѓето среќни, како и на примена на откритијата со цел постигнување на исполнет и среќен живот. Таа ги изучува позитивните искуства и односи, како и позитивните институции.

 

Некои од димензиите кои ги истражува позитивната психологија се: позитивните вредности и ставови, позитивните карактерни црти и доблести, состојбите на фокусираната активност и животното задоволство, позитивните мисли и емоции, благосостојбата и доживувањето на припаѓање, како и нивоата на среќата и нивно менување.

 

Научниот напор на позитивната психологија е особено насочен кон откривањето на начините за тоа како сите горе наведени состојби и појави можат да бидат постигнати од човекот на индивидуално ниво, но и како истите можат да бидат промовирани од страна на општествените и социјалните системи и институции.

 

Основоположници на позитивна психологија

 

Како основоположници на позитивна психологија, во форма на научна дисциплина, се смеатаат Martin Seligman и Mihaly Csikszentmihalyi.

 

Други големи имиња на позитивната психологија се психолозите-научници: Marie Jahoda, Christopher Peterson, Ed Diener, Carol Dweck, Barbara Fredrickson, Daniel Gilbert, Ellen Langer, Kennon Sheldon, Sonja Lybomirsky, Charles R. Snyder, нобеловецот Daniel Kahneman и други. 

 

Историски осврт

 

Историски гледано, среќниот живот и постигнувањето на истиот, бил интерес на човештвото од памтивека. 

 

На периодот, кој историчарите го нарекуваат стар век, му припаѓаат едни од најголемите проучувачи на среќата. Филозофи и учители кои оставиле печат на своето време, но и  наследство за следните генерации, за теми поврзани со целисходен и исполнет живот, секако се учителите од далечниот исток; меѓу нив значајни се Buddha од Индија, како и Confucius, Zhuangzi и Mencius од Кина. На европските простори древните мислители кои се бавеле со среќата, длабоко ја истражувле и со своето дело го оплемениле човековото наследство се Socrates, Aristotle и Epicurus.

 

Дури и темниот среден век има свои светли точки кога станува збор за изучување на среќата. Творците какви што се al-Ghazali или Thomas Aquinas блеснале во своето време на начин кој инспирира и денеска.

 

Ренесансата, својот претставник меѓу изучувачите на среќата го има во легендарниот John Locke. Нему му ги должиме изразите потрага по среќа и вечна среќа, во смисла на тоа дека задоволствата кои ги искусуваме денеска се многу живи впечатоци и тоа ни’ дава слатка претпоставка за задоволствата кои ќе ги искусиме во иднина.  

 

Овие учители, мислители и филозофи поставиле свои видувања за среќата на човекот и човештвото, кои современата позитивна психологија се’ повеќе научно и практично ги докажува.

 

Научни основи

 

Позитивната психологија своите научни корени, временски лоцирано, ги има во средината на дваесеттиот век, во учењата на хуманистичката психологија, како правец во психологијата. Хуманистичката психологија истражувала феномени какви што се здравје, креативност, љубов, природа, себство, потенцијали, индивидуалност, само-актуелизација. Во достигнувањата на хуманистичката психологија, позитивната психологија ги има своите научни основи.

 

Меѓу оние кои ја направиле промената за фокусирање на психологијата како наука, од болест кон здравје, секако се доајените на хуманистичката психологија:
Erich Fromm,
Carl Rogers и Abraham Maslow.

 

Erich Fromm работел на полето на здравјето на општеството, човековите слободи и конформизмот; тој оставил значајни дела за унапредување на човековата среќа преку лично растење низ љубов и позитивно општество со човечки лик.

 

Брилијантниот Carl Rogers, маркантна фигура во хуманистичката психологија, ќе остане запаметен по неговата работа со деца а секако и по човеко-центричната терапија и учењето во чиј центар е ученикот. 

 

За крај, но не најмалку битен, напротив, тука е и Abraham Maslow. На овој великан на психологијата му го должиме терминот позитивна психологија, кој за првпат е употребен во 1954 година, во неговото епохално дело Мотивација и личност, како дел од насловот на последното поглавје, Кон позитивната психологија. Непотребно е да се спомене дека еден од неговите врвни придонеси е пирамидата на мотиви, на чиј врв е само-актуелизацијата, која патем речено претставува еден од основите за лична среќа и исполнет живот.

 

 

 

 

 

* Прочитајте како авторот на ПП.мк гледа на прашањето: „Зошто (воопшто) позитивна психологија?

 

Отсуството на ментална болест не е доволен индикатор за менталното здравје.

Marie Jahoda

Животот е навистина едноставен, но ние инсистираме на тоа да го направиме комплициран.

Confucius

Работите кои ги сакаме ни’ кажуваат што сме.

Thomas Aquinas

Ниедно чоеково знаење не може да оди подалеку од неговото искуство. 

John Locke

ЉУбовта е единствениот здрав и задоволувачки одговор на проблемот на човековото постоење. 

Erich Fromm

Добриот живот е процес, не состојба на битието. Тој е насока, не дестинација. 

Carl Rogers

Ако планирате да бидете што и да е помалку од она за што сте способни, веројатно ќе бидете несреќни целиот свој живот.

Abraham Maslow

bottom of page