Патењето не е доблест. Задоволството не е грев.
- pozitivnapsihologija
- Aug 28, 2015
- 7 min read
Доблестите се оној феномен кој го прави животот вреден за живеење.
Позитивната психологија е наука која меѓу другото ги проучува и доблестите.
За оној кој се бави со проучување на доблестите (или барем размислува за нив), можеби на прв поглед може да биде нејасно што сега тука психологијата има да се „петља“. Доблестите се категорија која има етичко-морална димензија, па може некому да му изгледа дека е непримерено психологијата да „морализира“ (и во право е!). Сепак, доблестите претставуваат човекова карактеристика, а сѐ што го засега човека, ја засега и психологијата. Оттука, не само што е објаснив интересот на психологијата за доблестите, ами е и нужно потребен.

По дефиниција, доблести претставуваат позитивни карактеристики и квалитети. Тие се сметаат за благо на карактерот, кое го унапредува квалитетот на животот.
Човек без доблести живее недоволно исполнет живот кој доаѓа (пред сѐ) од сиромаштија на духот. Спротивно од него, високо доблестен човек живее богат, исполнет и квалитетен живот.
Интересот на позитивната психологија за изучување на доблестите, оттука, е не само оправдан, туку и неопходен, бидејќи негова крајна цел е да создаде тело на знаење за тоа како доблестите можат да го зголемат квалитетот на животот.
Во позитивната психологија доблестите честопати се поврзуваат со силните страни на карактерот. И иако сум психолог (кој покрај за „типично психолошките теми“ има посебен интерес за позитивната психологија), сепак не можам да кажам дека во потполност се сложувам со ваквата поврзаност (особено ако се земе како исклучива). Доблестите се категорија за која сметам дека подеднакво има врска со моралот и етиката (а со самото тоа со филозофијата на живеењето), колку и со силните страни, како карактеристики на личноста (што е во доменот на психологијата). Затоа, реков, не можам да се сложам со исклучиво нивно поврзување со силните страни (иако не ја одрекувам нивната тесна поврзаност), но прашањето со доблестите го гледам во поширок контекст, кој го вклучува и „мудрувањето“ (филозофијата) на живеењето.
Како и да е, поентата на овој текст е да ве запознае со тоа што всушност се доблести и да ја разбие фамата дека некои човекови карактеристики (или однесување) какви што се понизноста, послушноста, скромноста, патењето, страдањето, повлеченоста, трпението се доблести. Бидејќи не се! Но, историски гледано тие се длабоко вкоренети во колективното паметење како вредности кои треба да се негуваат (а за тоа кому му служи тоа да сте понизни, да страдате, да сте трпеливи, да сте послушни, на ова место нема да расправам - впрочем, ако малку размислите, сигурна сум дека ќе ви текне).
За среќен и исполнет живот, ниту една од последно наведените карактеристики не се вбројува во доблест, така што, по читањето на овој текст, најмалку што можете да направите за себе е да ги преиспитате сопствените ставови кон доблестите и кон она за што сте мислеле дека се доблести, па врз основа на тоа да размислите на што сте научени дека е добро да се негува (а што не) и на што ги учите своите деца дека е добро да станат (а што не).
Во продолжение ви ја пренесувам класификацијата на доблестите и силните страни на карактерот, категоризирани од позитивните психолози Peterson & Seligman (2004). И иако, како човек од струката на дел од категоризацијава би ѝ упатила извесна критика, сепак тоа нема да го сторам во оваа пригода, бидејќи како што кажав, главната идеја на овој текст е изворно да ви го доближи знаењето кое науката до сега го има постигнато во разјаснувањето на овие категории (па кој ќе се сложи - ќе се сложи, а кој не - нека направи подобро од ова!).
Значи, Peterson & Seligman (2004) класифицираат 24 (дваесет и четири) силни страни на карактерот во 6 (шест) категории на доблести и тоа:
1.
МУДРОСТ и ЗНАЕЊЕ Когнитивни силни страни кои бараат т.е. вклучуваат потреба од стекнување на знаење.
Креативност [оригиналност, генијалност]: мислење на нов и продуктивен начин во конципирање и правење на работите; вклучуваат уметнички постигнувања, но не се ограничени на нив.
Љубопитност [интерес, потрага по нови нешта, отвореност за искуства]: заинтересираност за тековното искуство само заради искуството како такво; фасцинираност од појавите и темите кои се предмет на интерес; истражување и откривање.
Проценка [критичко мислење]: длабоко размислување за работите и нивно истражување од сите страни; не донесување на избрзани заклучоци; поседување на способност да се смени мислењето под влијание на докази; мерење на доказите адекватно.
Љубов кон учење: совладување на нови вештини, теми и области на знаење, без разлика да се работи за знаења од сопствен интерес или за формални знаења; очигледна е поврзаноста со силната страна љубопитност, но љубовта кон учење оди над тоа и ја објаснува тенденцијата за систематско зголемување на знаењето кое некој го поседува.
Перспектива [мудрост]: способност да се даде мудар совет на другите; способност да се види смислата на сопствениот свет; истовремено поседување на перспектива за светот на другите кој има смисла за нив (т.е. гледање и разбирање на нивниот свет како свет кој има смисла за нив).
2.
ХРАБРОСТ
Емоционални силни страни кои вклучуваат вежбање на волјата за постигнување на цели кога сте соочени со спротивставеност, надворешна или внатрешна.
Бестрашност [храброст]: не стаписување (не преплашување) од заканата, предизвикот, тешкотијата или болката; гласно говорење на она што е исправно (на она што е вистина) дури и тогаш кога постои несогласување или спротивставување; постапување по сопствените убедувања дури и тогаш кога не се популарни; вклучува физичка храброст, но не е ограничена на неа.
Опстојување [упорност, истрајност, работливост]: завршување на започнатото; истрајност во зацртаните активности и покрај пречките, „стокмување“ на работите; уживање во завршување на задачите.
Искреност [автентичност, интегритет]: говорење на вистината, но многу повеќе претставување на себе си на еден природен начин и искрено однесување; да се биде без преправање (да се биде без претензии) ; преземање на одговорност за сопствените чувства и активности.
Елан [виталност, ентузијазам, живост, енергичност]: пристапување кон животот со возбуда и енергија; не правење на работите наполу или „без срце“; живеење на животот како да е авантура; чувствување на тоа дека си жив и активен.
3.
ЧОВЕЧНОСТ
Меѓучовечка силна страна која вклучува нега и спријателување со другите.
Љубов: Вреднување (ценење, уважување) на блиски односи со другите, посебно на оние во кои споделувањето и грижата се возвратни; да се биде близок со луѓето.
Љубезност [великодушност, негување, грижа, нежност, алтруистичка љубов, пристојност]: правење на услуги и добри дела за другите: помагање на другите; грижа за другите.
Социјална интелигенција [емоционална интелигенција, лична интелигенција]: да се биде свесен за сопствените, но и за туѓите мотиви и чувства; да се знае што да се направи за да се вклопи во различни социјални ситуации; знаење за тоа што ги покренува другите луѓе (што може да ги инспирира и мотивира).
4.
(Спроведување на) ПРАВДА
Граѓанска силна страна која го обележува здравиот живот на заедницата.
Тимска работа [граѓанство, социјална одговорност, лојалност]: добро работење како член од група или тим; да се биде лојален на групата; да се одработи својот дел.
Чесност: третирање на сите луѓе исто во согласност со начелата на правичност и правда; не дозволување личните чувства да направат пристрасност во одлуките за другите; давање на фер шанса на сите.
Водство: охрабрување на група, од која човек е дел, за да се завршат работите и во исто време одржување на добри односи внатре во групата; организирање на групните активности и сведочење на тоа дека истите се случуваат.
5.
СМИРНОСТ / УМЕРЕНОСТ
Силна страна која штити од претерување (од ексцеси).
Простување: да им се прости на оние кои згрешиле; прифаќање на недостатоците на другите; давање на втора шанса; да не се биде осветољубив.
Достојност / Смиреност: дозволување постигнувањата да зборуваат самите за себе; не земање (не сметање) на себе си како нешто посебно повеќе одошто си.
Внимателност: да се биде внимателен за сопствените избори; да не се преземаат непотребни ризици; не кажување или не правење на работи поради кои подоцна човек може да се покае.
Саморегулација [самоконтрола]: регулирање на (управување со) она што се чувствува и прави; да се биде дисциплиниран; да се контролираат апетитите и емоциите.
6.
ТРАНСЦЕНДЕНЦИЈА
Силни страни кои поттикнуваат поврзување со поголемиот универзум и даваат смисла и значење.
Ценење / почитување на убавината и извонредноста [воодушевување, вчудовидување, возвишеност]: забележување и почитување на убавината, извонредност и/или вешто изведување во различни домени од животот, од природа, до уметност, до математика, до наука, до секојдневните искуства.
Благодарност: да се биде свесен и благодарен за добрите работи кои се случуваат; земање време за (поминување време во) искажување благодарност.
Надеж [оптимизам, насоченост на мислите кон иднината, ориентираност кон иднината]: очекување на најдобро во иднина и работење на тоа да се постигне; верување дека добрата иднина е нешто што може да се постигне.
Хумор [разиграност]: сакање да се смеете и играте; засмејување на другите луѓе; гледање на светлата страна; правење (не нужно кажување) на шеги.
Духовност [верба, цел]: имање на разбирливи верувања за повисока цел и значењето на универзумот; знаење каде некој се вклопува во големата слика; да се има верување за значајноста (вредноста) на животот, кое го обликува однесувањето и дава удобност.
Она што е исто така важно да се истакне е дека од долготрајните истражувања направени во различни култури, овие карактеристики (одредени како силни страни, класифицирани во овие шест групи на доблести) се карактеристични за сите култури. Ова практично значи дека и покрај културните разлики меѓу народите, овие особини се јавуваат кај сите нив, што само по себе значи дека се општо човечки.
Ете, така, драги мои.
Сега знаете што се животни доблести.
И ако забележавте, страдањето, патењето и слични „ќути и трпи“ категории не се вбројани како „квалитети“ кои му даваат смисла на животот. Затоа што не само што не му даваат, ами и го намалуваат квалитетот на животот.
За крај, уште ова ...
Наспроти доблестите стојат пороци, не гревови (како што некој може да си помисли!).
Пороците сами по себе не се отсуство на доблест, туку се посебни категории со своја содржина, но (иако не се табу за кое не смее да се зборува), за нив во овој текст подробно нема да стане збор (бидејќи, позитивната психологија првенствено се бави со „унапредување на“ а помалку со „заштита од“ – иако, велам, не е исклучена и таква дискусија, но не е приоритет, барем за во овој текст). И покрај тоа, пороците ги споменуваме во крајниов дел од текстов, поради тоа што тие претставуваат „релевантен опозит“ на доблестите и со тоа не оставаме простор на доблестите да им се „спротивстават“ гревовите, бидејќи тие се една сосем друга тема, за која повеќе има да кажат (читај: да „залажат“) догматските учења (а позитивната психологија и авторот на овој текст тоа нема да го прават).
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Референца
Peterson, C. & Seligman, M. (2004), Character Strengths and Virtues: A Handbook and Classification 1st Edition, American Psychological Association, Oxford University Press.
Comments