top of page

Родителите не знаат како се чувствуваат нивните деца

  • pozitivnapsihologija
  • Oct 12, 2015
  • 3 min read

Деца и родители
















Проценките кои родителите ги прават за тоа колку нивното дете е среќно и задоволно, високо корелираат со проценките кои родителите ги имаат за сопствената среќа и благосостојба. Ова практично значи дека естимацијата на детската среќа не соодветствува на реалната детска среќа, ами е под силно влијание на состојбите во кои родителот се наоѓа. Се работи за т.н. родителски егоцентризам, кој во суштина претставува предрасуда на родителите за среќата на нивните деца.


Родителите се наклонети да ја преценуваат детската среќа кога децата им се помали. Во периодот пред тинејџерското доба, родителите мислат дека децата им се многу среќни и задоволни. Исто така, родителите имаат тенденција да ја потценуваат детската среќа кога децата им се поголеми. Кога децата се веќе адолесценти, родителите мислат дека нивните деца се мошне незадоволни.


Ова во потполност се совпаѓа со она кое во нашето културно милје е познато како: мали деца - мала брига, големи деца - голема брига. Но, овде не се работи за тоа дека децата сами по себе носат грижа за родителите, туку дека родителите не знаат како да се справат со растењето на децата и поради тоа се загрижени. Станува збор за следново: кога децата се помали, родителите мислат дека можат да ги контролираат децата, кога децата се поголеми родителите повеќе немаат доживување дека можат да ги контролираат. Па така, додека мислат дека можат да ги контролираат самите се чувствуваат моќно, а самодоверба која ја имаат како родители се прелева во претставата дека нивните деца се супер среќни и задоволни битија. Кога ќе станат свесни дека повеќе не можат да ги контролираат децата, нивната нервоза се зголемува, самодовербата како родители им се намалува и автоматски грижите растат, па тие почнуваат да добиваат поинаква претстава за среќата на своите деца, мислејќи сега дека тие и не се баш многу задоволни деца.


Во суштина, и кога се помали и кога се поголеми децата, родителите манифестираат отсуство на автентична заинтересираност за вистинската среќа на своите деца. Разликата е во тоа што кога децата се мали, родителите несвесно го проектираат сопственото чувство на задоволство од тоа колку добро ги контролираат своите деца и колку многу влијаат врз нивниот живот (читај: среќа); кога децата се поголеми родителите повторно несвесно ја проектираат сопствената акнсиозност поради отсуство на контрола врз животот (среќата) на своите деца. Кога се мали децата родителите мислат „немаат од што да се незадоволни, сѐ правиме за нив“, но работите се менуваат како што децата растат и родителите мислат „не знам од што се незадоволни и зошто се толку бунтовни“.


Но, на децата не им е потребна родителската загриженост, проекцијата на родителските содржини, ниту родителското незнаење. На децата ќе им биде од корист родителската будност за тоа како навистина тие се чувствуваат. Таа состојба на отворени очи е можно да се постигне само доколку родителот го освести фактот дека нивните деца не се „нивни“, туку свои, дека нивните деца не се нивна „сопственост“, туку дека имаат свој интегритет. Родителите кои од првиот момент ја прифатиле индивидуалноста на детето и кои се наполно свени за автономијата на детето, можат да бидат сигурни дека имаат добри шанси да учествуваат во растењето на среќен човек. Таквите родители ќе имаат слух за тоа како навистина се чувствува нивното дете, па во согласност со тоа ќе можат понатаму да делуваат. Родителите кои се вообразени дека нивното дете „тие го родиле/создале и тие најдобро знаат дали тоа е среќно или не; и со што е среќно, а со што не“ ќе направат ненадоместлива штета врз индивидуалноста на детето, што неминовно ќе доведе до долготрајна лична несреќа на човекот кој расте.



Драги родители, на вас е редот.


Автор на текстот:

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија



Референца:





 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page