top of page

Она што најмногу резонира со вас

  • pozitivnapsihologija
  • Sep 2, 2015
  • 5 min read

Честопати добивам прашање од типот како да знам што е добро за мене, од каде да почнам, од каде ќе знам дека тоа и тоа одговара за мене, како ќе знам дека ова ќе ми помогне и слично.

Одговорот на ова прашање, претпоставувате, е различен за секој од нас, бидејќи сите сме различни. Логично, за секој од нас некоја активност ќе има подобар ефект од друга. За истата работа кон која се стремиме, за некого ќе функционира една активност, за некој друг друга.

И така доаѓаме до поентата на текстов, посветена на прашањето - што да направам.

Иако сме сите различни, одговорот, наизглед парадоксално, е ист за сите и тој гласи:

~ направете го она што најмногу резонира со вас во моментот ~

Што значи „она што најмногу резонира со вас“

Ова значи дека најнапред треба да знаете што сакате да постигнете (треба да имате цел кон која сакате да се придвижите). Ова е клучниот момент.

Откако ќе бидете на чисто со тоа што го сакате (кога кристално ќе ја видите целта), потоа треба да донесете одлука што да преземете.

И, токму ова е изворот на бројните недоумици.

А решението на недоумицата е: донесете одлука која најмногу резонира со вашата моментална ментална, интелектуална, емоционална, телесна, духовна, со еден збор организмичка свесност.

Да се донесе одлука која најмногу резонира со вашето битие всушност претставува процес на усогласување со одлуката, односно со идејата за преземање на одредени активности. Значи, круцијално е да одберете активности (средства за постигнување на целта) кои најмногу одговараат, односно најмногу соодветствуваат на она што сте вие во моментот.

Па така, ако во контекстот во кој се наоѓате – да речеме, не сте особено расположени во последно време и сакате (тоа е вашата цел) да го подобрите расположението – со вас најмногу резонира помислата дека треба да почнете да пешачите барем по 20 минути во текот на денот, тогаш направете го тоа. Ако со вас повеќе резонира дека во текот на денот ќе треба да се насмеете барем 30 пати, па ќе одлучите да изгледате по една комедија пред спиење, тогаш направете го тоа.

Идејата е дека одлуката и усогласувањето со неа треба да одат по линијата на она што е најблиску до вашата моментална состојба. Со други зборови усогласувањето со сопствената одлука значи, да одберете нешто што најмногу ви изгледа дека ќе има најголем резултат, наполно свесни за контекстот во кој се наоѓате. Значи, акцентот го ставате на она што најмногу „оди со вас“. Како кога избирате парче облека за излегување, фризура или чевли – го избирате она за кое сметате дека најдобро „ќе ви стои“, она со што најдобро ќе се чувствувате.

Како ќе знаете што е „она што најмногу резонира со вас“

Последново - чувствата, емоциите - всушност се вашиот водич.

Она што најмногу резонира со вас, ќе го препознаете по доживувањето на помислата на него. Со други зборови, ќе знаете која е вистинската одлука за вас, по тоа што помислата на неа ќе биде пријатна за вас. Процесот на усогласување со сопствената одлука вклучува свесност за тоа дека она што го одбирате за себе треба да биде убаво за вас. Активностите кои ги имате на избор треба да ви предизвикуваат најмалку стрес, треба да ви го исправат животот (од глава на нозе, а не обратно), треба да бидат нешто во кое најмногу ќе уживате, треба да бидат она за кое ќе почувствувате дека најмногу ве возбудува како идеја, она кое најмногу ќе ве израдува кога ќе помислите на тоа, со една реченица, повторувам, она кое ви буди најдобро доживување.

Ако уште не е јасно еве повторно преку пример. На пример, сте решиле за наредното лето да направите одлични стомачни мускули. Вие можете да одлучите дека ќе трчате по 10 км дневно, плус ќе одите во теретана трипати неделно по саат и пол, плус ќе исфрлите од исхрана преработено бело брашно и шеќер, плус ќе си натоварите уште нешто (во зависност од тоа кој колку опуштен стомак има) и ... како ви изгледа сево ова? Повеќето од нас би се депримирале при самото читање на сите овие нешта кои никогаш не ги направиле. Па, нормално, потиштени од самата помисла ќе останат дома со чипсот и газираните пијалаци. „Големата идеја“ буди доживување на недостожност (затоа што е мечта за нешто толку посакувано, но неприсутно, затоа што е манифестација на нешто толку далечно). Во исто време, таа буди и чувство на немоќ (а тоа е најпогубното доживување, доколку некој сака да преземе нешто добро за себе). Затоа, побарајте ја идејата која ќе ви пробуди подобро доживување за средствата преку кои сакате да ја постигнете целта која сакате да ја постигнете. Нешто што ќе ви изгледа попријатно, нешто што нема да го асоцирате со напор и мачење, ами со уживање и полетност, нешто што ќе ви пробуди чувство на моќ и возбуда (наместо сомнеж и разочараност).

Зошто е важно да го одберете „она што најмногу резонира со вас“

Затоа што доколку одберете нешто што нема да одговара на вашата моментална состојба, шансите дека нешто добро ќе произлезе од тоа се минимални. Ако се форсирате (употребувате сила и напор!), тогаш ништо добро нема да излезе од тоа. А по направениот обид вашата состојба не само што ќе се врати на она од каде сте тргнале, туку ќе оди и чекор наназад, по народски – на бетер (мислам дека многумина ќе го препознаат ова, од сопствено искуство).

Знаете, човековиот ум (а и човековото тело) тежнее кон хомеостаза. Затоа секоја нерамнотежа ја доживува како „напад“ врз интегритетот и со сета сила ќе тежнее да ја врати назад во хомеостазата (рамнотежата). Затоа е многу важно да одбирате мали чекори (оние кои во ситуацијата во која сте, најмногу ќе одговараат, оние со кои најдобро ќе се чувствувате), на кои вашиот ум (и тело) ќе има време да се навикне. Да се навикне значи да ги доживее, почувствува, искуси како (да се) негова природна состојба (а не како состојба на несклад и жесток удар).

Значи, што и да преземете, мора да разберете дека тоа нешто (односно, ефектите од него) се прашање и на време и на истрајност, траење (перманентност), што практично значи, доволно долго практикување за тоа нешто (преземената активност) да стане дел од вашата природа, односно, новината да ја доживеете како нормална и вообичаена за вас. Во спротивно, секоја преземена акција (која не одговара на вашето битие, онакво какво што е во моментов) ќе има обратен ефект.

Затоа се важни малите чекори – затоа што носат големи резултати.

Тогаш кога ќе го достигнете саканото ниво (цел, состојба), вие повеќе не сте истото лице кое тргнало на пат. Сега веќе ќе имате и поинакво искуство и поинаква перспектива и поинакви цели и одлуки. А со тоа и поинакво усогласување со новите одлуки, кои ви претстојат и кои ќе ги донесете (а кои повторно треба да бидат во манирот на она што најмногу резонира со вас во моментот). Тогаш кога ќе изодите дел од патот, ќе одберете нешто ново, кое за контекстот во кој ќе бидете, ќе биде следниот логичен чекор.

И не заборавајте, во нашето културно милје постои една изрека која вели: „многу се залета“, па „тресна од земја“ / „ништо не нарави“ / „се пос*а“ (последнава е можеби најдраматична, но и најсликовита). Затоа драги мои, што и да преземате, не залетувајте се! (Сѐ и да сакате да скокнете од виолетовиот столб на зелениот - мислам на оние од сликата погоре - тоа нема да можете да го направите, па и да сте Сергеј Бупка.) Но, ако веќе сте решиле да се залетате, бидете свесни дека залетот се зема враќајќи се неколку чекори наназад!

Добар поздрав,

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page