top of page

Непријатни настани и позитивно мислење - изградете го откако ќе поминат

  • pozitivnapsihologija
  • Sep 27, 2015
  • 5 min read

Во последно време, а тоа е околу дваесетина години наназад, многу актуелно е т.н. позитивно мислење и тоа не како идеја, бидејќи како идеја е познато од памтивека, ами како платформа за развој на една голема индустрија, т.н. индустрија за само-помош. Насекаде пршти од позитивни пораки, афирмации, мотивациски пораки, чиниш на светов повеќе не му треба ни наука, ни медицина, ни психологија – позитивното мислење е клучот, тоа ќе ги реши светските проблеми.

Па сепак, многумина занесени од цитатите за т.н. „позитивно мислење“, со жалење и резигнација можат да посведочат дека тоа е голема глупост и дека не функционира (а голем е и бројот на оние кои никогаш не го пробале ама демек они знаат дека не функционира и на цела уста го критикуваат – но тие се посебна приказна, приказна сама за себе, која бездруго самите доволно гласно ја кажуваат, па мојот молк нека биде нивна поддршка во намерите).

Научното познавање на позитивното мислење и неговото разбирање од страна на пошироката јавност се две различни работи. Ако некој нешто не разбрал, не знае што е, не знае кога и како функционира и конечно, неправилно го практикува, тоа не значи дека нештото не функционира. Ако се сложуваме околу ова, да преминам јас на тоа што ми е главната намера со овој текст, а тоа е за што служи, за што нѝ користи позитивното мислење. Но, најнапред збор два за тоа што е и што не е позитивно мислење.

Позитивно мислење претставува систем од:

  • Оптимизам и верба во конструктивните процеси во животот

  • Свесност и верувања дека во животот сѐ има смисла

  • Став дека од секоја животна ситуација излегуваме подобри од што сме биле пред неа

  • Спознание преку кое се градат вредности и доблести

Гледате, се надевам, дека позитивното мислење не е само когнитивен мисловен конструкт, туку има и своја емоционална и развојна компонента. Сепак, се работи првенствено за ментален, когнитивен процес на мислење, преку кој всушност се градат позитивни ставови, верувања, доблести и други трајни позитивни карактерни особини.

Позитивното мислење не е:

  • Мисла со која се одвива во тек на непријатен настан

  • Средство за ставање на главата во песок, со што се негира реалноста

  • Мантра која бесмислено се повторува, особено ако се повторува без верување во неа

  • Магичен прескок од тешка или непријатна ситуација во простор во кој таквата ситуација не постои

Значи, позитивното мислење не е само мисла која би се практикувала како инстант лек, некакво магично апче, кое на волшебен начин ќе ја подобри тешката ситуација или ќе направи истата да исчезне.

~ ~ ~

Ако внимателно го прочитавте текстот погоре веројатно и сами дојдовте го претставата за тоа што всушност претставува позитивно мислење. Веројатно сега и самите ќе можете да кажете дека тоа не е средство, туку е цел самото за себе.

Значи, позитивното мислење не се практикува тогаш кога ви е тешко, кога сте во некоја непријатна ситуација, туку се гради во текот на животот, како животна вредност и како концепт на промислување, кој го унапредува живеењето и кој ќе му користи на човека пред сѐ во постигнување на целите, исполнување на потенцијалите и актуализација на личноста, но и тогаш кога човек ќе се најде во ситуации кои се над неговите можности во моментот. Да повторам, позитивното мислење не се практикува тогаш кога сте во центарот на негативно случување, доживување или настан. Позитивното мислење во оваа ситуација како што велат налутените нема да „функционира“. И ќе бидат потполно во право. Во ситуации кога човек е во сред настан кој во моментот му изгледа безизлезен, присилувањето да „мисли позитивно“ нема да ја реши ситуацијата. Напротив, уште повеќе ќе ја влоши поради стресот кој го предизвикува присилувањето само по себе. Помош и корист од позитивното мислење човек не може да очекува кога е во некоја тешка ситуација. Во таква ситуација рациото, умот мора да проработи и човек својот интелектуален капацитет инстинктивно го насочува кон тоа, што е сосем здрав и корисен одговор на стресна ситуација. Умот, кога човек е пред некаков предизвик, самиот бара решенија. Фокус му е на решенијата. Нема таква позитивна мисла преку која, кога човек е во тек на некоја тегобна ситуација, може да го телепортира на друго место и во друго време. Кога се соочуваме со стресен настан, кога искусуваме екстремен притисок или некаква принуда ние едноставно физиолошки не сме во состојба да мислиме позитивно. Затоа и „позитивните мисли“ во вакви ситуации не функционираат. За физиологија се работи. Таквите настани најнапред мора да се преживеат, тешите искушенија мора да се поминат, буквално или метафорички (на ова обрнете внимание!). И тоа е она со што мозокот е окупиран во тие моменти – да излеземе од таа ситуација сочувани, колку што е тоа можно. Дури подоцна, откако „бурата“ ќе мине, може да се гради поинаква перспектива за настанот.

Е, тука на сцена стапува позитивното мислење. Гледајќи го настанот од дистанца, од смирена состојба, капацитетот да изградиме позитивна перспектива и да ја согледаме смислата на настанот низ кој сме минале, зајакнува. Од тука може да се подигне општата емоционална состојба и дури тогаш, откако настанот ќе мине, можеме да спознаеме нешто позитивно или нешто што има смисла, а е поврзано со минатиот настан. И тоа е она кое може да го подигне нашето лично искуство над остатокот од негативното влијание на самиот настан.

Сите знаеме, непријатни работи се случуваат. Тие се дел од животот како таков. Па не мислите белким дека животот е конструиран како рамна линија, без искачувања и симнувања. Но, од тоа како ментално ќе ги интерпретираме настаните низ кои сме минале, во најголема мерка ќе зависи нивниот (пријатен или непријатен) ефект, кој може да потрае. Никој не може да ги интерпретира настаните кога се случуваат, но откако ќе минат, на нив може да се погледне од перспективата која ќе ја одбереме. Дали тоа ќе биде преку хумор или самосожалување, е тоа е она кое зависи од нас самите.

Мислата која ќе му ја приклучиме на настанот, тогаш кога тој веќе е минато, може да креира платформа за понатамошен раст. Таа мисла има капацитет да обликува значење на настанот, да демонстрира лична трансформација, да понуди доживување на успех и вредност, да зајакне чувство интегритет поради правилно донесените одлуки, па дури и да даде можност добро да се изнасмееме. Ете, тоа е еден од начините како позитивното мислење може да направи исклучително корисна разлика. И втората работа, позитивното мислење на овој начин всушност се вградува во системот на верување и во ставовите кон животот, на кој начин станува повеќе дел од личноста, отколку што било пред непријатниот настан. Тоа е она што го нарекуваме позитивно мислење. Како вакво, тоа ќе нѝ користи во евентуални нови непријатни настани. Она што е важно да се запамети е дека начинот на кој рационално (народски кажано „со ладна глава“) ги рекапитулираме (се осврнуваме на) тешкотиите, може истите да ги трансформира во вредност, но само ако се навремено, конструктивно и продуктивно промислени. Ете, тоа е она што го нарекуваме позитивно мислење.

Психолог, Гешталт терапевт

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page