top of page

За говорот во Прво Лице Еднина

  • pozitivnapsihologija
  • Sep 12, 2015
  • 6 min read

Како човек кој веќе 20 години е во психологијата, понекогаш ми изгледа дека како луѓе од струката, имаме уште многу да работиме за да го подобриме квалитетот на живеење на човештвото, што е единствено можно преку подобрување на квалитетот на животот на поединецот.

Денеска, својот придонес го правам со овој текст посветен на говорот во прво лице еднина.

Но, најнапред збор два за тоа што ме инспирира да го напишам.

Тоа е сознанието дека сѐ уште е голем бројот на луѓето кои сопствениот живот го доживуваат како одвоен од нив и кои мошне често зборувајќи за себе говорат во генерални термини, во второ/трето лице или дури во множина. (Го знаете она „животот ми приреди изненадување“ или она „кога животот ќе ти сврти грб, ти направи го ова ... “ или она „животот ме научи дека ...“.)

Ова нешто ме фрапира секогаш кога ќе го забележам, бидејќи во суштина претставува драматична манифестација на доживувањето на одвоеност на човекот од сопствениот живот со комплетно отсуство на одговорност за него, како и идентификување со општи ставови за животот, кои не се однесуваат на неговата суштина како уникатно битие.

Знаете, секој има право (и избор) да го живее својот живот како што сака. И да зборува како што сака и да се доживува себе си како сака, но тоа во никој случај не значи дека тоа е најдоброто што го може. Ете, оттука и инспирацијата за овој текст.

Намерата ми е да појаснам како преку говорот во прво лице еднина може да се унапреди квалитетот на животот, односно како животот кој поединецот го живее да не го доживува како нешто што му се случува, туку да ја преземе одговорноста за себе и да го креира.

Да тргнам од последното и да го демаскираме незнаењето кое е во голема мерка присутно.

Луѓе, животот не ви се случува. Вие го креирате животот.

Ова е вистина која колку побрзо ја прифатите, толку побрзо ќе ги почувствувате благодатите на живеењето. Значи, еднаш засекогаш мора да прифатите дека животот не е тој кој ве изненадува, ве удира, ве милува. Животот не е тој кој ви дава, ниту е тој кој ви зема. Тој не ве учи, не ве казнува, ниту ве наградува. Не ве запоставува, ниту ве преферира. Вие сте тие кои (можеби) го живеете под нивото на свесноста и сопствените потенцијали, па се чувствувате удрени, казнети или запоставени од животот. Исто како што вие сте тие кои учат од животот или не учат од него, вие сте тие кои му даваат на животот (значење, на пример) или земаат од животот (она кое го сакаат, на пример). Вие сте тие кои го запоставуваат (сопствениот живот) или го уживаат ...

Е, сега, зошто ова е во категоријата „мора“? Во суштина и не мора, ако не сакате. Но, мора, ако сакате да го живеете сопствениот живот како живот вреден за живеење.

Разбирате, нели?

Сакале или не сакале да прифатите, факт е дека секој еден од нас поединечно е одговорен за својот живот (и само за својот живот). Секој од нас поеиднечно мора да е свесен дека самиот го креира сопствениот живот, свесно или несвесно. (Во бизнисот постоти една изрека која вели „оној кој не го планира својот успех, го планира својот неуспех“, знаете?)

И ова не е така зашто некој „паметен“ се нашол да мудрува. Туку е така поради тоа што животот самиот е поставен така, затоа што ова е космичко правило, кое исто како и гравитацијата, не го одминува никого и важи за сите. Ќе се сложите, невозможно е среќните и успешните да имаат „привилегија“ сами да го создаваат својот живот, а на оние другите животот да им се случува. (Впрочем, ниту еден успешен човек нема да ви каже дека „имал среќа“, туку дека активно учествувал во она што го живее. За разлика од него, оние кои тоа не се, склони се да го „обвинат“ животот дека не бил „праведен“ кон нив.)

Ете, затоа мора да го прифатите фактот дека вие самите го создавате животот кој го живеете - бидејќи на тој начин ја потврдувате сопствената моќ и го земате сопствениот живот во свои раце.

Ако ова го апсолвираме сега може да продолжиме со говорот во прво лице еднина.

Да видиме на кој начин изразувањето во прво лице еднина го унапредува квалитетот на живеењето и како влијае врз преземање на одговорноста за сопствениот живот.

Како говорот во прво лице еднина го трансформира мислењето од „животот ми се случува“ во „го креирам својот живот“.

Вака ...

Говорот во прво лице еднина има повеќе димензии од кои во овој текст ќе се задржам на две: (1) себеспосзнавање и (2) комуникација.

За почеток, да кажам дека говорот во прво лице еднина претставува исклучително моќна алатка која обезбедува одличен контакт со сопствените содржини и брилијантна свесност, што само по себе ги зголемува опциите за слободен избор.

Кога сме кај сопствените содржини вредно е да се нагласи дека е нужно да се направи разлика меѓу автентична содржина и онаа која не е автентична, туку е стекната, проголтана, несоџвакана и несварена (со еден збор, лично неискусена или во Гешталт терминологијата – интроектирана), односно содржина која се доживува како сопствена, но која во суштина претставува т.н. втора природа на личноста.

Ве молам, прочитајте го последниов пасус уште еднаш, доколку сте лице кое не е тесно поврзано со психологијата како струка.

Следува еден пример за тоа како говорот во прво лице еднина помага во спознавање на себе си и она што е автентично наше.

Ајде да тргнеме, како пример, со тврдењето „животот е борба“.

Изговорено вака, само како констатација, со ова тврдење некој од нас може да се сложи, додека друг воопшто нема да се согласи со него. Оние кои се убедени дека „животот е борба“ ако ја изговорат оваа реченица во прво лице еднина, односно во формата „мојот живот е борба“, ќе остварат контакт со содржини за кои ќе можат да станат свесни дали се нивни лични или не. Ако реченицата „мојот живот е борба“ ја почувствуваат како своја, наредно што треба да направат е да утврдат дали ова е нивна автентична содржина или е тоа содржина на нивната втора природа. За таа цел, потребно е да го засилат значењето на тврдењето со негова екстензија во „овде и сега“ моментот. Практично, ова значи да ја продолжат реченицата на начин кој најмногу одговара и соодветствува со нив. На пример, „мојот живот е борба и јас се чувствувам ... кога се борам“. Во зависност од тоа со каква содржина ќе бидат пополнети трите точки, тоа е автентична или интроектирана содржина. Оние кои ќе ги пополнат трите точки со пријатни содржини (на пример, мојот живот е борба и јас се чувствувам ... многу убаво, среќно, удобно, пријатно, мирно, весело ... кога се борам), тогаш станува збор за автентична содржина. Оние кои ќе го пополнат празниот простор со непријатни содржини (на пример, мојот живот е борба и јас се чувствувам ... многу неубаво, изморено, притиснато, вознемирено, болно, исплашено ... кога се борам), тогаш станува збор за неавтентична содржина, односно содржина која не е дел од нивната суштина, туку е материјал кој е внесен во менталниот метаболизам како интроект (односно, како непроверено, неискусено, несоџвакано, генерално знаење, кое станало нивна втора природа). Доколку второво е случај, по свесноста дека се работи за нешто кое не одговара на нивната суштина, понатаму на нив самите останува што ќе прават со тоа знаење. Некој може да продолжи да ја живее и потврдува лагата „мојот живот е борба“ (и да продолжи да се чувствува изморено, притиснато, исплашено), но друг може да направи поинтелигентен избор и продолжи да го живее и креира својот живот не како „воено поле“, ами како „поле на љубовта и мирот“ (и да продолжи да се чувствува полетно, мирно, весело). После свесноста, секој има избор, да го креира својот живот или да продолжи да го живее врз основа на туѓи убедувања.

Да, знам, ова е полесно да се каже отколку да се направи. Но, токму тоа е суштината на животот – да креирате нешто ново, убаво и уникатно. И не, никој не вели дека ќе биде лесно, туку дека ќе биде вредно. Бидејќи единственото нешто кое воопшто можете да го имате е сопствениот живот (во спротивно, ризикувате да го немате сопствениот живот).

За крај, уште збор два за вториот аспект на говорот во прво лице еднина, а тоа е неговата комуникациска вредност и димензија.

Дали сте свесни за разликата меѓу „ова е одвратно“ и „мене ова ми е одвратно“. Или разлика меѓу „ова е прекрасно“ и „мене ова ми е прекрасно“.

Преку употреба на говорот во прво лице еднина ќе разберете (и прифатите) дека не сите луѓе имаат исти ставови за исти нешта. Па, кога некој се обидува да ви наметне свој став дека „оваа манџа е многу вкусна“ благо и со насмевка потсетете го дека „нему му е вкусна“ или „неа ѝ е вкусна“, но дека вам, сепак, не ви се допаѓа. И обратно, ако некој не сака да прифати дека „зајдисонцето е прекрасно за гледање“, најдете мир со себе без да ги убедувате другите, речете „мене зајдисонцето ми е прекрасно за гледање“ и продолжете да уживате.

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page