top of page

Одлучив да се чувствувам добро

  • pozitivnapsihologija
  • Aug 30, 2015
  • 5 min read

Понекогаш ми се случува наутро да се пробудам како тргната од сон, со силно непријатно доживување поврзано со тоа дека некои работи (кои силно ги посакувам) никогаш нема да се случат (а тоа е своевиден мал пекол, кој оној кој не го искусил нема поима што зборувам).

Таквото будење ми се случува од време на време.

(Некогаш поради полната месечина, некогаш поради хормоните, некогаш поради хороскопот, некогаш поради звучното загадување ... )

Така тргната од спиење (во раните утрински часови, пред моментот на спонтаното будење на организмот) во полусон ќе си речам: ма, ќе биде ОК, сѐ ќе биде ОК, сѐ е ОК, сѐ е ОК.

(Па, не е полна месечина цел месец, ќе ми пројде, планетите ќе престанат да се движат ретроградно, не може цел век да се гради во комшии ...)

И со сета сила (и свесно одбрана позитивна мисла) се враќам повторно в постела, за да го отспијам острото и исклучително непријатното доживување. После некое време се будам „мртва уморна“, но жива и не многу расположена (но, не и исплашена), што секогаш е подобро доживување (од доживувањето на паника и вознемиреност).

Така се тргнав од сон и пред некој ден, па одлучив во наредните денови да направам една вежба за која знам дека функционира: уште од вечерта заспивам со идејата дека утре ќе се разбудам во подобро расположение.

(Прекрасна вежба! Пробајте ја сите вие кои имате навика да станете на „лева нога“).

Сабајлево се разбудив, подготвена од сношти дека ќе станам, во добро расположение.

Ги отворам очите и првото чувство е ми е: мммм ... супер се чувствувам. Наспана, среќна и задоволна, во мирот на својата спална соба, која има проорец со поглед на небесата. Прекрасно! Тоа е тоа што го сакав.

Исполнета и задоволна од удобно проспиената ноќ, проследена со природно спонтано буење, ја подигам главата од перница и здогледувам призор кој „у секунда“ ми го „мрднуе нервот“.

Тотално неважна работа (средството за бркање комарци, поднакривено – чудо големо!), но (ете) доволно за да соберам снаги (мирно и цивилизирано) да се расправам. Го викам сопругот, тој (како што е скроен – чудесно смирен и вечно добро расположен и ведар!) влегува во спалната и со едвај забележлива насмевка го дочекува моето мирно (и цивилизирано) „рафално“ прашање.

(Долго се познаваме!)

Јас: Не мислиш ли дека течноста во шишенцето не е ОК вака навалена да стои?

Тој: Не. Сеедно е како ќе стои ...

Продолжува да објаснува, наведува уште некој факт во прилог на својот одговор, но јас повеќе (по она фантастично не) не слушам.

Вообичаено, не е расположен за кавга и веднаш се предавам. Го тргам погледот кон прозорецот покриен со небо, тој излегува од спалната со прашањето: да ти направам кафе. Веќе длабоко во своите мисли, отсутно одговарам: не, сама ќе си направам, а тој лесно ја затвора вратата зад себе и ја продолжува својата утринска рутина (која за него, како што вели, има медитациска моќ, иако не е медитација во техничка смисла на зборот).

Мора да е до мене! - си помислувам.

Зошто мора да сум нервозна ако работите не се баш онака како што јас сум наумила да бидат?!? - се прашувам и станувам од кревет. Тоа што јас го мислам за течноста во шишенцето за бркање комарци, па тоа воопшто и не мора да така како што јас мислам дека треба е!

Го пијам кафето (за кое забележувам дека повеќе не ми пасува како некогаш), тој се подготвува за на работа, јас се маткам натака навака, тој заминува на работа и мене ми светнува!

Она што отсекогаш сум го знаела, утрово ми светна. Го имав на ниво на организмичко аха-доживување.

Станав свесна дека какви и да се работите околу мене, јас секогаш можам да се чувствувам добро!

Ја почувствував оваа свесност со целото свое битие!

Јас секогаш можам да се чувствувам добро! – ми извираше од сите честици на видливата и невидливата материја и анти-материја, од сите фотони на светлината, од сета густо групираната темна енергија. Од секаде!

(Да нема забуни, поимите во последнава реченица се поими од космологијата и астрономијата. Секакво нивно разбирање и толкување надвор од овие научни дисциплини е исклучено.)

Да, станав свесна за тоа дека во секој момент од својот живот јас можам да се чувствувам добро, ако одлучам дека ќе се чувствувам добро.

(Како ќе се чувствувам најмалку е зависно од тоа во каква положба ќе биде течноста во шишето. Како ова до сега не сум го видела вака јасно?!? – тоа е следното прашање кое ми блеснува.)

Ми се оди десет пати на сиот глас да го повторам ова. Ми доаѓа да врискам, не би ли ја стресла Вселената.

Јас секогаш можам да се чувствувам добро!

Јас секогаш можам да се чувствувам добро!

Јас секогаш можам да се чувствувам добро!

Јас секогаш можам да се чувствувам добро!

Јас секогаш можам да се чувствувам добро!

. . . .

Голема работа!

Јас секогаш можам да се чувствувам добро!

(Не можам на доволно добар начин да го завршам пишувањето на овој дел од текстот. Во главата ми одѕвонува само таа реченица ... Но, сакам да ви кажам и за втората работа за која станав свесна – тоа е, исто така, голема работа.)

. . . .

Втората работа за која станав свесна сабајлево е: што и да нѝ се случува, нѝ се случува затоа што има за што да станеме свесни; нѝ се случува затоа што не сме свесни за нешто за што треба да станеме свесни. (Во случката од сабајлево, тоа се ситните мали нервози - она што нѝ се случува -, за сознанието дека секогаш самите одлучуваме како ќе се чувствуваме - она за што стануваме свесни).

Да повторам, ако некој не разбра:

Работите нѝ се случуваат (нѝ се повторуваат) поради тоа што има некое знаење кое пропуштаме да го видиме; поради тоа што постои некое сознание, за нас од витално значење, за кое не сме свесни, а треба да го освестиме.

Ете, така драги мои.

Во моментов додека го пишувам ова знам дека од моментот на оваа свесност јас живеам поквалитетен живот. И иако одамна сум во групата на оние кои ретко што може да ги изнервира, сега можам да кажам дека сум во едно сосем поинакво друштво – во групата на оние кои ништо не може да ги изнервира. Затоа што одлучувам да се чувствувам добро. И затоа што знам дека што и да се случува околу мене има зошто се случува, а се случува не затоа за јас да станам нервозна, туку затоа што е знак кој води до свесност за некоја содржина која е важна за мене, а која јас во моментот на случување не ја гледам на начин на кој би требало да ја видам. Ете затоа!

Работете на себе, убави мои, па се гледаме, во исто друштво.

За крај ...

Никогаш не противете му се на контрастот (на непријатните доживувања и воопшто на случувањата), туку заблагодарете им се. Затоа што колку поголем контраст денес, толку поголема експанзија утре. Потребно е само фокусот да го држите не на контрастот (и да тонете во нерасположение или какво и да е друго непријатно доживување), туку да го насочите мисловниот процес во правец на она што можете да го научите од тоа искуство, кон она за што треба да станете свесни од конкретната ситуација.

До следна свесност,


 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page