Делата ве потврдуваат - по нив сте препознаени, по нив ќе бидете и запаметени
- pozitivnapsihologija
- Aug 13, 2015
- 4 min read
Вашите дела кажуваат што сте. Вашите зборови што сакате да бидете. Вашите мисли што ќе бидете.
Ако ги следите текстовите кои ги пишувам и објавувам на овој блог, веројатно веќе ви е јасно дека мојот став за исполнет живот кој има смисла подразбира хармонија на емоциите, мислите и однесувањето, како и тоа дека предност не им давам на ниту едно од нив, туку токму на единството и хармонијата меѓу нив.
Но, дали знаете што ова во суштина значи?
Ова практично значи, она што се мисли да се каже, она што се кажува да се направи.
Толку едноставно. Грав! Е, грав, грав, ама за многумина ова е вечно недостижен баланс.
Како и да е, во животот, како луѓе, понекогаш несвесно му отстапуваме предност на некој од овие три, ајде така да се изразам, „облици“ на живеење. И тоа го правиме токму поради тоа што не обрнуваме внимание на „врзивното ткиво“, а тоа е складот, рамнотежата, усогласеноста на овие три елементи. Ако тоа се случува на подолг рок, настанува поместување на балансираното живеење, исто така, на подолг рок. Во таква нерамнотежа, несклад и неусогласенот битието не може да живее, барем не квалитетен живот вреден за живеење. Така почнуваат сите „зла“ на живеењето. Не обрнуваме внимание на своите мисли, зборовите нѝ излегуваат од уста небаре се туѓи, а однесувањето повеќе никој не може да го објасни.
Негативни примери намерно избегнувам да наведувам но, тие се благословени за појаснување на работите (тоа е нивната позитивна страна – тие се контрастот кој нѝ покажува што не сакаме и автоматски покажува што сакаме, иако понекогаш како низ магла и недофатливо, но со сигурност покажува во таа насока, во насока на она што го сакаме). Затоа ќе наведам неколку, колку да стане појасно што всушност претставува живеење во нерамнотежа.
Еве на пример, сетете се само на она кога другарката ќе ви каже „иако е ваков, таков, онаков, останувам со него бидејќи го сакам“ (?!?). Или она кога другарот ќе ви каже: „знам дека не е ОК ама пијам, а повеќе не ни знам зошто пијам“ (?!?). Или она, „а бе, ќотекот не е воспитна метода, но ако не го ,потчукнам’ детето, не се смирува“ (?!?). И да не набројувам повеќе.
Целта на овој текст е да ја погине свесноста за однесувањето.

Драги луѓе, независно од тоа што мислите, знаете, чувствувате, верувате, она што го правите е она што ве одредува како луѓе. Делата се оние кои ве потврдуваат како луѓе. Преку нив сте препознаени. И по нив ќе бидете запаметени!
Вие сте вашите дела.
И, да, тие не се одвоен конструкт, бидејќи се зависни од мислите и емоциите, а конфликтот (читај: отсуството на баланс) меѓу чувствата, мислите и однесувањето, најмногу е видлив и токму преку последново.
Затоа, ако веќе нешто знаете, мислите, чувствувате, гледате, ако за нешто веќе сте свесни, време да почнете да го „контролирате“ своето однесување. Под „контрола“ не упатувам на стегање или трпење, на некакво воздржување или мачење или скраја да е жртвување, туку на свесно, намерно, одговорно и слободно усогласување на однесување со мислите и емоциите.
Па така, повторно преку пример, ако веќе чувствувате дека со неа/него не ви е убаво – чао пријатно! Ако чувствувате дека на тоа и тоа работно место не можете да го дадете најдоброто од себе – чао пријатно!
И овде ќе речете „ќе останам сам/а, нема да најдам друг/а“. А, мојот одговор е: „ако сакате само да не бидете сами, тогаш не правете го чао-пријатно. Имате партнер, не сте сами и толку од математиката – бидете благодарни – па, го имате она што го сакате, така, нели? Но, ако сакате поинаков квалитет на живеење (а не само да не сте сами) тогаш не чекајте, кажете му чао-пријатно на своето дотогашно однесување (останување во врска која не ве исполнува) и посегнете по она што е суштина на вашето битие – па, не мислите, белким, дека новиот посакуван квалитет ќе ви „падне од небо“ (ох, колку само го сакам овој израз!) без да се усогласите со сопствената суштина. Нема подобар квалитет на живеење ако се однесувате на начин кој одговара на полош квалитет на живеење.
Или преку примерот со работата, останувате таму заради плата – бидете благодарни – та нели плата имате – што сакате повеќе?!? Да ве почитуваат соодветно, да имате можност за напредување – хм, тогаш, не чекајте, посегнете по она што мислите дека го заслужувате. Нема почитување и напредување ако сакате плата. Разбирате, нели? Ако сакате плата, плата ќе добиете. Ако сакате почитување, напредување, ќе мора да преземете поинакви чекори.
За крај ...
Правите што ќе правите, како знаете и умеете, но никогаш не заборавајте: не се станува нешто друго со однесување кое одговара на нешто поинакво од она што го сакате.
Сакате мирни и фокусирани мисли, ќе мора да медитирате. Сакате здраво тело, ќе мора да вежбате и правило да се храните. Сакате убави луѓе околу себе, ќе мора да се однесувате убаво (какво и значење да имам овој збор за вас). Сакате успех, ќе мора да се однесувате како успешен човек (што и да дефинирате со овој поим). Сакате подобар имунитет, ќе мора да исфрлите од искрана се што е конзервирано, во кеси и термички обработено. Сакате да зборувате француски, мора да почнете да учите француски.
Толку од муабетот!
Време е за акција. За делување!

Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

















































Comments