СРЕЌАТА СО ПАРИ не СЕ КУПУВА - вистина или мит
- pozitivnapsihologija
- Aug 11, 2015
- 4 min read
Може ли среќата да се купи со пари?
Ова прашање од памтивека го „окупирало“ вниманието на човештвото.
Оние кои немаат пари честопати знаат да речат дека би живееле посреќен живот доколку би имале пари. Оние, пак, кои имаат пари ќе речат дека среќата со пари не се купува.

И, кому да му се верува?
Хм ... и на едните и на другите.
Како?
Е, па вака ...
Доживувањето на среќа во суштина претставува лично искуство. Според тоа, колку луѓе, толку дефиниции за среќа. И токму поради тоа и во позитивната психологија како наука, среќата е прифатена како субјективно доживување. Но, и покрај оваа внимателна дистанца која науката ја прави, среќата, ова субјективно доживување, сепак интензивно објективно се истражува и тоа на „два фронта“.
Една од најгорливите дискусии кои се водат во позитивната психологија како наука е дали среќата е еднозначно (1) емоционален феномен или претставува (2) комплексен конструкт од емоционални и когнитивни психички процеси. И да, тука некаде се крие и „јаболкото на раздорот“ меѓу (1) оние кои тврдат дека среќата е пред сѐ емоционален феномен, феномен на моментално доживување (па поради тоа во главно, иако не исклучиво, ја опишуваат во термини на емоционален баланс или субјективна благосостојба, што во суштина би значело доживување на повеќе пријатни отколку непријатни емоции/доживувања/искуства) и (2) оние кои тврдат дека среќата е покомплексен психички конструкт, кој не ја исклучува емоционалната компонента, туку ја потенцира когнитивната, па така овие истражувачи „навиваат“ за концептот на задоволство од животот, во смисла на живеење на значаен живот исполнет со цели и смисла (што патем речено повторно е субјективна категорија – бидејќи се базира на субјективна проценка на сопствениот живот како целина – а, која згора на сѐ е уште и културолошки зависна!).
Оттука, не е едноставно да се одговори на прашањето: може ли среќата со пари да се купи.
Но, ајде да се обидам ...
Ако среќата ја разбереме како искуство на моментални (овде и сега) позитивни доживувања (чувства, емоции, искуства), тогаш одговорот е - да, среќата (и тоа како!) може со пари да се купи. Потребно е објаснување? ОК, повелете: парите се средство со кое може да се задоволат потребите и желбите. Оттука, нивно задоволување неминовно доведува до позитивно искуство, односно субјективно доживување на среќа и задоволство. Или со други зборови, оној кој ги нема задоволено потребите и ги нема остварено сопствените желби, природно, се чувствува фрустрирано, а фрустрацијата (која е по природа непријатно доживување) може за миг да исчезне откако потребите ќе бидат задоволени (што доведува до доживување на баланс, благосостојба и среќа).
Ова се некои од наодите од научните истражувања кои потврдуваат дека:
Во секоја земја во светот, богатите луѓе се посреќни од сиромашните. (Stevenson & Wolfers, 2008)
Луѓето во богатите земји се посреќни од луѓето во сиромашните земји. (Stevenson & Wolfers, 2008)
Недостатокот од пари ја намалува среќата. (Baumeister et al., 2014)
Сепак, од друга страна, ако среќата ја разбереме како живот исполнет со значење и смисла, тогаш, симплифицирано, одговорот на прашањето од заглавјето на овој текст би бил - не. Зошто? Затоа што оној кој без каков и да е проблем може да ги задоволи сопствените потреби и желби (и никогаш не е фрустриран заради нивно незадоволување), за него среќата има поинаква димензија. Луѓето кои немаат потешкотии да ги задоволат сопствените потреби и желби имаат поинакви цели и барања од животот. Нивната фрустрација може да дојде од неостварување на поставените (нематеријални) цели и идеи, од живеење на празен и бесмислен живот, од „губење време“ и неисполнување на сопствените таленти, од неможноста за изразување на „селфот“. А овие фрустрации (само) со пари тешко може да се „решат“. Повеќе пари нема да придонесат истите во миг да исчезнат. Иако повторно субјективно доживување, доживувањето на живеење на живот кој има смисла со пари не може да се купи.
Еве ви предлог за понатамошно читање:
Луѓето од богатите земји се посреќни, но тие не го гледаат својот живот како поисполнет со смисла и значење. Напротив, луѓето од посиромашните земји го гледаат својот живот како поисполнет со значење и смисла. (Oishi & Diener, 2014)
За крај ...
Субјективната благосостојба (што во литературата од сферата на позитивна психологија се користи како синоним за среќа) е позитивно искуство на задоволување на потребите и желбите и за негово постигнување парите се еден од главните фактори. Квалитетот на животот е повисок кога живеете во богата земја или сте самите богати. Основните животни потреби, за храна, здравствена заштита, сигурност итн. се ставени под ризик доколку немате пари или живеете во сиромашна земја, што неминовно доведува до намалување на нивото на среќа. И, да - парите можат да ја купат среќата.
Сепак, парите сами по себе не се извор на среќа доколку нивната основана намена (задоволување на потребите и желбите) е исполнета. Па така, луѓето кои имаат пари повеќе од она што им е потребно не нужно имаат доживување на среќа и исполнетост во животот (кои во овој случај ги асоцираме со задоволство од животот како целина и смисла на животот). Затоа, богатите имаат тенденција да го споделуваат своето богатство (и онака сѐ што можеле со пари да купат, купиле!). Но, ова не се однесува на сите поединци, а особено не на сите култури кои постојат на светов! Сепак, споделувањето придонесува нивниот живот да има (да добие) смисла - нивното богатство да биде употребено во други, повозвишени цели (а не во просто задоволување на нивните потреби). На крајот на денот, иако тоа не им е главниот мотив (!), преку тоа што парите ќе бидат употребени за потврдување на смислата на постоење и живеење, богатите луѓе (без да се вулгаризира научниот контекст на текстов!), во извесна смисла го „купуваат“ доживувањето на исполнет живот вреден за живеење.
(Вреди да се напомене дека споделувањето не е ексклузивен феномен резервиран за богатите - и оние кои не се богати споделуваат и тоа секако дава смисла на нивниот живот. За пољубопитните, бујрум, да видите како тоа THE WALL STREET JOURNAL одговара на прашањето дали парите може да ви купат среќа - интересен текст а има и видео со насмеаната Elizabeth Dunn. Ако сте од оние кои повеќе сакаат да слушаат отколку да читаат, еве едно TED-че, а одговорот на тоа како да купите среќа, го дава духовитиот Michael Norton.)
Затоа, драги мои, секогаш кога ќе кажете (или помислите) дека среќата со пари не се купува, читнете го овој текст повторно (или барем погледајте ги линковите од пасусот погоре).
Конечно, супер би било (за вас, вашата среќа и благосостојба) кога својот живот не би живееле убедени во еден мит, туку би го креирале врз основа на научно потврдена вистина.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comments