top of page

~ За дебелината ~

  • pozitivnapsihologija
  • Aug 1, 2015
  • 6 min read

Има една тема, која е особено деликатна и на која по долго промислување решив да ѝ посветам збор два, особено поради тоа што во последно време некако зачести моето „среќавање“ со текстови на слична содржина (па си реков, ај можеби е време да го кажам она што имам да го кажам на темава).

Во последно време, нема-нема, па ќе сретнам по некоја реченица од типот „надворешниот изглед не е одраз на она кое човекот го носи длабоко во себе“, кажано во контекст на она „не треба да се вреднуваат луѓето според надворешниот изглед“.

Е, па драги мои, не е баш така.

Ако беше така, зошто се миете и чешлате кога излегувате од дома, на пример. Или ако одите на некој важен состанок или настан, зошто се, како велиме, дотерувате.

Затоа што не е важно?!?

Ве молам ...

Важно е! И тоа многу.

За сите кои не знаат многу за психијатријата, физичкиот изглед е показател на одредени „сериозни психијатриски состојби“. Само како пример, запуштениот изглед за депресивни состојби, претерано чистиот за опсесивно-компулсивни појави, несоодветна (премала или прекумерна) тежина на анорексија и/или булимија, итн. инт.. Ако во психијатријата е препознаено дека физичкиот изглед е слика на душевната состојба на човекот, тогаш што останало за останатиот дел од човештвото(?!?). Луѓето со „сериозни психијатриски состојби“ се дел од нас, тоа се луѓе кои во конкретен момент од својот живот искусуваат нешто различно од нас, но тоа не ги откинува од ткивото, од целината која ја нарекуваме „нас-луѓето“. Па така, нема ниту една разумна причина физичкиот изглед да биде показател на нивниот внатрешен свет, а истово да не се однесува на сите нас како луѓе.

Нѝ се допаѓало тоа нам или не, физичкиот изглед е слика на душевната состојба на човекот.

И не, не се работи само за физичкиот изглед (да беше така, овој текст воопшто немаше да го пишувам!). Се работи токму за она „што длабоко го носиме во себе“.

Сакале да го признаеме тоа или не, онаа старата и добро позната, важи и денеска.

Во здраво тело, здрав дух.

Разбирате, нели? Во здраво тело, престојува здрав дух. Телото е тоа кое се прилагодува на духот. Не е обратно. Телото е одраз на духот. Духот не опстојува надвор од него и не е одвоен од него.

И дебелината (тоа е главниот инспиратор на овој текст) е показател на емоционалниот и менталниот свет на поединецот (односно, на „она што е длабоко во нас“).

Е, сега ...

Сите знаеме дека дебелината (најблаго кажано) не е ОК.

Од здравствен аспект, нема човек на планетава кој не знае дека не е во ред да си дебел. Затоа нема да зборам за здравствениот аспект, бидејќи на сите нѝ е јасно дека дебелината и здравјето, едноставно не одат рака под рака (а расправањето за тоа колку таа не е ОК, мене не ми е предизвик, затоа што е влез во маѓепсан круг во кој од силно расправање повеќе нема да се знае дали јајцето е постаро или кокошката - дали дебелината е причина за нарушено здравје или дебелината е резултат на нарушено здравје).

Мене ме интересираат причините за нејзино настанување и начините како да се инспирираат луѓето да престанат да се дебелат или уште подобро да не почнат да се дебелат (затоа што ако не сте знаеле, најдобар начин да ослабете е да не се здебелите).

За тоа сакам збор два повеќе да кажам - за причините за дебелеење и за можноста некого да инспирираме да не се здебели, односно да престане да се дебели ако веќе ја дотерал до таму.

Причини за дебелеење

Иако за дебелината многу се говори, многу се истражува, многу се знае, оваа појава останува горлива тема, за која парадоксално, сѐ потешко се наоѓа соодветно решение.

Зошто се дебелиме? Дали дебелеењето е запишано во нашата ДНК матрица? Да не е до загадувањето или до премалку сон? А да не е до стресот, лекарствата, хормоните? До што ли е?

На овие одговори ќе почекаме ...

Како и да е, она што со сигурност го знаеме е дека во најголем број случаи дебелината е резултат на јадење премногу и движење премалку.

КРАЈ. (Ако има еден на светов ова да го побие, би сакала да поразговарам со него/неа.)

Е, сега, каква врска има јадењето премногу, движењето премалку со психологијата?

Таква, што објаснува ...

Што е дбелината

Дебелината е експлицитен пример на неодговорност кон себе си.

Да, да добро прочитавте - дебелината е одраз на крајна неодговорност кон себе си.

Одговорноста е клучот за многу работи во животот. Дебелината не е исклучена.

Одговорноста (покрај за однесувањето) значи и препознавање и прифаќање на сопствените емоции и мисли, како свои (или во контекст на овој текст „она што е длабоко во нас“). Нивното непрепознавање и/или отфрлање, нивното припишување на средински околности, претставува пример на неодговорност кон себе си.

Ова практично значи дека секој еден од нас (дебел или не) има одговорност за тоа дали останува во стресна состојба/околина или не. Секој од нас има одговорност за сопственото чувство на инфериорност или отуѓеност, на пример. Секој од нас има одговорност за мислите со кои си ја прави вознемиреноста или со кои се застрашува. Конечно, секој од нас има одговорност дали ќе јаде премногу и ќе се движи премалку. За сето тоа сме сами одговорни. (Од оваа група исклучок се малите деца - пред тинејџерска возраст - за кои во потполност се одговорни нивните родители/старатели.)

Еве, тоа е она кон што цели овој текст ...

Кон свесноста

... дека нашиот надворешен изглед сведочи за она што сме ние внатре.

Пораката која ја праќаме до светот преку нашиот изглед кажува колку сме одговори за себе. Кажува колку воопшто обрнуваме внимание на себе си (ова е можеби главната причина зошто се дебелееме!), кажува колку сме се погрижиле за себе, за својот баланс. Кажува какви карактеристики и доблести сме изградиле, дали сме стабилни, урамнотежени. Кажува дали сме оптимистични, храбри, дали сме посветени на себе си и дали веруваме во себе.

И ако мислите дека оние кои пред сѐ обрнуваат внимание на себе си и се грижат за себе си се себични, прашајте се како некој кој не се грижи за себе си, ќе се грижи за другите (или за задачите кои би му биле доверени)!

(Дајте си одговор, па да продолжиме ...)

И сега ...

Како да инспирираме некого да се прифати себе си

Секогаш кога ќе слушнете оправдување (ако не го слушнете, поарно не започнувајте ја темата - не е ваша работа!) од типот „и јас сум вреден, и јас сум квалификувана, и јас сум способен, и јас сум убава, и јас имам емоции - и дебелината не е одраз на моите квалитети и на мојот внатрешен свет“, јасно, мирно и со многу љубов и прифаќање, но одлучно и непоколебливо поставете го прашањето: „А на што е?“.

Поставете го „волшебното“ прашање:

Ако не е одраз на вашиот внатрешен свет, тогаш на што е одраз вашата дебелина?

И ако за момент успеете да ги затворите ушите за она канонада од изговори, која ќе следи како првична одбрамбена реакција, веројатно по ова прашање ќе настапи молк ...

Молк, кој ќе биде првиот чекор во правењето нешто добро за себе си, а тоа е прифаќање на одговорност за себе си, почнувајќи токму од она што е „длабоко внатре“, а чии резултати, на радост на оној кој ќе стане одговорен, наскоро ќе бидат видливи и надвор.

Со среќа!

А, ако пак не слушнете ваква „поплака“, а сепак гледате дека вам блиско лице почнува да се дебели, внимателно (поради исклучително осетливата природа на дебелките луѓе!), прашајте ги што се случува со нив во последно време. Искрено и отворено, свесни за тоа дека дебелеењето не е само затоа што пиците се превкусни, ќебапчињата неодоливи, а обоените газирани пијалаци лесно достапни, туку дека е одраз на внатрешни превирања со кои конкретното лице изгледа не се справува најадекватно, отворете ја темата.

И бидете подготвени да помогнете. Прифаќањето и поврзувањето може да е „лекот“. Секој може да застане на свои нозе, ако ги почувствува како свои. Во тоа е трикот! Покажете им дека ги имаат, бидете нивна „патерица“ некое време, но не заборавајте постојано да ги потсеќате дека ако сакаат да ги користат, ќе мора да почнат да ги користат.

Тие, не вие за нив. Не некој друг за нив. Тие самите, за себе.

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

Напомена:

ПозитивнаПсихологија и авторот на овој текст, најостро ги осудуваат сите облици на насилство кон дебелите луѓе: нивно исмевање, понижување, дискриминација или вознемирување од каков и да е вид. ПозитивнаПсихологија и авторот на овој текст, повикуваат на поддршка на овие лица во нивните заложби да направат нешто добро за себе, преку напорот на стабилизирање на нивата телесна маса и нејзино доведување во рамки на нормала соодветна за нивната телесна конструкција. ПозитивнаПсихологија и авторот на овој текст јавно се оградуваат од какво и да е погрешно толкување на зборовите од овој текст, кои евентуално можат да предизвикаат штетни, агресивни или злонамерни дејствија на едно лице кон друго или на едно лице кон самото себе. ПозитивнаПсихологија и авторот на овој текст упатуваат јасна порака за подигање на свесноста дека дебелината е потенцијално опасна за квалитетот на животот на поединецот и го охрабруваат секој напор на поединецот пред сѐ да се прифати таков каков што е, со верување дека тоа е првата работа која може да доведе до квалитетна промена и креирање на живот вреден за живеење. ПозитивнаПсихологија и авторот на овој текст упатуваат јасна и недвосмислена порака до сите лица со покачена телесна маса дека таа во никој случај не смее да биде пречка за нивната лична среќа и благосостојба, ниту смее да биде причина за нивно ограничување во остварувањето на нивните желби, амбиции и идеи, а најмалку да биде причина за нивно затворање во себе, опаѓање на самодовербата или каков и да е друг вид на деструктивно однесување, туку напротив, таа мора да биде нивниот почеток во остварувањето на нивните мечти, идеали и реализирање на нивните капацитети и способности.

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page