top of page

НАУКА или ДОГМА - што ви одговара повеќе

  • pozitivnapsihologija
  • Jul 31, 2015
  • 4 min read

На ова топло време, секоја физичка активност, особено надвор, не е баш препорачлива. Останува вообичаеното вежбање јога на сабајле и .... доста време во затворена просторија, под клима и ... истражување (или ако сакате со современ речник, „сурфање“).

Така, деновиве „налетав“ на една интересна статија во која е искажана мошне жестока (но, сосем издржана) критика на James Coyne, упатена на сметка на скорешната средбата на Меѓународната асоцијација за позитивна психологија. Текстот, според мене, со „жилет“ острица, но насочена на погрешно место - што би се рекло „класика“ (впрочем, кога би била на вистинското место, не би била толку остра). На граница на малициозен, но во голема мерка инспиративен за пошироко истражување на темата. Таман за мене!

Истражував што истражував, но за пронајденото кое оди во прилог на „за“ или во прилог на „против“ критиката на James Coyne нема да ви зборувам. Не бидејќи најденото е премногу „научно“ како за на блог (ова е блог кој допира научни теми и секако науката има пиедестал на овие страници), туку поради тоа што (конечно, по сѐ изгледа) „критиката“ би можела да се оцени (можеби преостро кажано, но ...) како тривијална „борба за опстанок“, или ако сакате со „уставното име“, на „борба за пари“.

Нејсе ...

Тоа ме инспирира да кажам збор два на темата „заработка од плодовите на туѓата нива“ комбинирано со „туркање на мојот производ по секоја цена“.

За што станува збор?

Е па вака ...

Наука

Основната цел на науката е да ја открива вистината. И вистина, таа, во својата работа, понекогаш е помалку успешна, понекогаш повеќе, но карактеристика на науката е да ги истражува феномените и да пронаоѓа што е вистина а што не, па врз основа на потврдените факти човештвото да се унапредува, да расте и да се развива. Сето што е научно потврдено (треба да) му служи на човештвото и на човекот како индивидуа. Сѐ што не е научно потврдено може само да креира догма, која, кога-тогаш ќе му наштети и на човекот и на човештвото како целина. Згора на тоа, она што е научно потврдено, доколку се „форсира“ половично или се применува делумно, исто така, може да прерасне во догма, која е дотолку потешко да се „раскринка“, бидејќи, нели за неа постои „научна основа“.

Па така, многумина (а ги има насекаде, па и на професорски позиции по реномирани светски факултети!) имаат тенденција да го продаваат „својот производ“, притоа правејќи „чудесии“ за научно да го потврдат, не би ли го продале подобро. (И не, не е тоа целта на науката!). На овој начин, сакале или не, тие луѓе од науката сѐ повеќе стануваат догматичари, а сѐ помалку научници. Сакајќи да го продадат својот научно потврден производ, стануваат потенцијална закана не само за науката како таква, туку и за поединците кои евентуално можат да станат „жртви“ на нивниот догматски пристап кон научно потврдните факти.

„Туркањето на својот производ“ како „готово решение за сите светски проблеми“ е една од големите догми во која може да упаднат научниците, од кои се очекува непоколеблив истражувачки став и прифаќање на вистината како авторитет, што ете, понекогаш се измолкнува и се претвора во догма, па авторитетот се прокламира како вистина.

А за тоа како догмата може да го уназади човештвото, нема многу да зборувам - да не беше науката сѐ уште догматски ќе бевме убедувани дека Сонцето се врти околу Земјата.

Од друга страна, постојат и такви луѓе кои, се еден вид (неубав е зборот, ама тој е) „приучени грабливци“ кои штрбнуваат од науката, пакуваат во целофан на „шарена лага“ на кој задолжително запишуваат по некој научен збор карактеристичен за науката (на пример, нешто како „позитивна-што и да е“ или „психологија на-што и да е“) и го продаваат тоа како своја заслуга. И ова немаше да биде голема штета ако не беше на штета на оние кои го „купуваат“ тоа во светкавата хартија, бидејќи, со време, таквите „учења“ стануваат догма, која е штетна по секого кој ќе ја прифати како вистина (освен за оние кои ја продале како таква). Сите оние „мотивациски говорници“, „лајф-коучери“ итн. итн., се луѓе кои свесни за моќта на конкретна научна вистина, ја искористуваат како таква, нудејќи ја безобѕирно за висок финансиски надоместок. И, велам, ова немаше да биде „голема работа“ да не е извлечено од контекст и да не е скапо продавано како нивно „окритие“, а на штета на поширок круг луѓе.

Научници

Како на човек од науката, не ми е сеедно кога нештото може да биде на штета на „купувачот“ (иако знам дека „секоја стока има свој купувач“, па секој ќе го добие она што ќе го „купи“). Но, јас сум наклонета кон тоа да мислам дека секој човек го заслужува најдоброто и во овој контекст не ми е сеедно кога некој купува ла*но по цена на првокласна торта (иако, велам, свесна сум дека секој во согласност со своите нивоа на интелектуален и духовен развој, ќе го „земе“ она за што е подготвен во моментот).

Затоа, драги мои, сите вие кои сте на својот пат на личен развој, сите вас кои посакувате среќен живот вреден за живеење, сите вие имате право на проверени, потврдени, точни и (внимавајте!) целосни информации. А такви може да ви даде само науката.

НА-УКАТА! Не догмата.

По овој повод, мојата финална порака до вас со овој текст е: покрај тоа што животот е забава и игра, од време на време прочитајте и по некоја научна статија. Проверете ја нејзината релевантност и применете по нешто.

Сосема доволно, за да се одржи курсот.

И не, не мора да е од психологијата, може да е од која и да е друга наука - важно е да сте во контакт со науката и да не им верувате на догмите од која и да е област. Важно е да имате критичен ум, изострен осет за разликување на наука од догма, важно е да поставувате прашања, а исто така и да ги проверите изворите и намерите со кои истапуваат пред вас.

Ова последново, можеби најмногу!

Аавтор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comentarios


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page