Сѐ зависи од мене - Ништо не зависи од мене.
- pozitivnapsihologija
- Jun 8, 2015
- 5 min read
Честопати во својата работа сум прашана за разјаснување на дилемата на балансот меѓу човекот и неговата средина, а во контекст на тоа до каде една личност може да влијае на сопствениот живот, а до каде другите го одредуваат нејзиниот живот.
Ова прашање честопати предизвикува сосем спротивставени ставови кај повеќето луѓе и во исто време, кај ист човек, предизвикува дилема, па еднаш доминантен е ставот дека човек е одговорен за сѐ сам, додека друг пат доминира ставот дека неговиот живот сепак е одреден од случувања и услови кои се вон него, вклучувајќи ги тука и другите луѓе.
Како што кажав, честопати сум во ситуација да ја објаснувам границата до каде може една личност да влијае врз својот живот и дали сепак многу работи во нашиот живот зависат и од другите луѓе.
Во надеж дека овој текст може некому да го разбистри ова прашање, го пишувам со голема љубов кон сите вас кои го барате овој одговор, затоа што и лично ова прашање го сметам за исклучително интригантно и неговиот одговор е од животно значење за секој од нас.

Најнапред, мора да повториме еден непобитен факт: човекот е комплексно битие и освен што битисува на индивидуално ниво, во неговата природа е и битисувањето како социјално битие. Па така, постојат потреби во животот на секоја индивидуа кои се нераскинливо поврзани со други луѓе, односно кои можат единствено да бидат задоволени од страна на други луѓе.
Во овој контекст, човекот е комплетно зависен од другите.
Да го објасниме ова со зборовите на Маслов. (Цитатов е дел од неговата книга Toward a Psychology of Being).
„Потребите за сигурност, припаѓање, љубовните односи и потребата за почитување, можат да бидат задоволни само од страна на други луѓе, односно, само од страна на личност однадвор. Ова значи, значителна зависност од средината. Личноста во оваа зависна позиција навистина не може да се каже дека се регулира себе си или дека ја контролира сопствената судбина. Таа мора да е врзана со изворот [на набавка, на давање] на потребните задоволства. Нивните желби, нивните каприци, нивните правила и закони ја регулираат и мораат да бидат задоволени за да [личноста] не го загрози својот извор [на давање на задоволствата]. Таа е, до одреден степен, „управувана од другите“ и чувствителна е на одобрувањето од другите луѓе, поврзаноста со нив, нивната добра волја.“
Според ова, не може да се пренебрегнува фактот дека социјалните односи (и условите) во кои човек живее имаат големо влијание врз неговиот живот.
Па така, тврдењето - сѐ зависи од човека - не држи (баш) вода.
Но, Маслов додава:
„Ова е исто како кога велите дека личноста мора да се прилагоди и усогласи, со тоа што ќе стане флексибилна и одговорна или со тоа што ќе се менува себе си, за да се вклопи во надворешната ситуација. Таа [личноста] е зависна варијабла; околината е фиксна, независна варијабла.“
Значи, во исто време, не смее да се пренебрегнува ни фактот дека човекот како индивидуа е тој кој има способности за менување, прилагодување и одбирање на сопствените одговори на ситуацијата.
Па така, тврдењето - од другите луѓе зависи животот на човекот - исто така, не држи вода.
Токму ова е она кое збунува и ги иницира прашањата за балансот.
Каде се крие тајната на задоволувањето на оние потреби кои зависат од другите? Како човек да ги задоволи тие потреби, кои зависат од другите?
„Тајната“ е во одговорноста на поединецот. Во неговата моќ за менување и неговата способност за еластичност.
Да појасниме со примери ...
И покрај тоа што нашата потреба од припаѓање зависи од другите луѓе, кому ќе му припаѓаме зависи од нас. Во чие друштво ќе ја задоволиме таа потреба зависи од нас. Начинот на кој ќе ја задоволиме таа потреба зависи од нас. Дали тоа ќе биде мила, отворена, искрена, доверлива личност или некој кој е спротивност од тоа, е, тоа е наша одлука. Дали заради задоволувањето на таа потреба ќе пристанеме на одредени дејствија кои се спротивни од нашата природа/суштина или ќе инсистираме на тоа да ја оствариме својата потреба од припаѓање во согласност со нашето индивидуално битие (и ќе „одиграме“ одговорно кон себе си), тоа зависи од нас.
Задоволувањето на потребата од почитување и тоа кој сакаме да нѐ почитува зависи од нас. Дали сакаме да нѐ почитува партнерот/родителот/детето, претпоставениот/подредениот/колегите, дали сакаме да нѐ почитува јавноста или ривалите - тоа зависи од нас, не од другите. Во зависност од групата од која сакаме да бидеме почитувани, ќе зависат и шансите за задоволување на нашата потреба. Притоа, од нашата способност да се прилагодиме на групата ќе зависи задоволувањето на потребата, што пак од своја страна, зависи од нас самите.
Да резимирам ...
Околината е таква каква што е. И покрај тоа што таа постојано се менува, таа е константата, во оваа равенка. Таа е таа врз која поединецот, како единка нема влијание (и нема ни да има). Во овој контекст поединецот е оној кој зависи од околината во задоволување на сопствените потреби.
(Да не се разбереме погрешно, средината и другите луѓе не се непроменливи, туку се константа во смисла на тоа дека се независни од поединецот во контекст на задоволување на неговите потреби.)
Е, сега, овде многумина можат да го постават прашањето кое се однесува на тоа до каде човек да се менува, колку е доволно или како да се направи разлика на откажување од сопствената суштина, од една страна и флексибилност, од друга.
Одговорот е следен:
Едно е да се прилагодите кон средината против сопствена волја (затоа што сте исплашени, уценети, измамени, не гледате подобри опции ...) а сосем друга работа е свесно и одговорно да направите одредени промени во својот живот (прилагодувајќи се на срединските услови), а со цел задоволување на сопствените потреби.
Тука е трикот!
Сѐ додека вашето прилагодување (менување) ви служи вам, тоа прилагодување (менување) го нарекуваме позитивна промена, промена која ќе доведе до ваша благосостојба, до ваша оптимално функционирање, до задоволување на вашите потреби. Во спротивно, доколку се менувате заради другите, тоа може само да доведе до тоа да се чувствувате како да сте „жртва“ или како „фатени во стапица“, да се чувствувате очајно, понижено, фрустрирано, што само по себе ќе доведе до долготрајно дисфункционално живеење.
За крај, драги мои, освестувајте ги своите потреби и желби. А кога ќе станете наполно свесни за нив, гледајте да го остварите на најдобар можен начин, менувајќи се себе си во правец на своето најдобро јас. Притоа, особено важно е да не се измешаат лончињата, бидејќи честопати една потреба е „маскирана“ со друга и останува непрепознаена, па со самото тоа се прават обиди за нејзино задоволување на погрешен начин. Оттука и целата збрка со прашањето колку човек влијае врз сопствениот живот, а колку животот му го одредуваат другите.
Автор на текстот: м-р Даниела Арсовска Богдановски
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

















































Comments