top of page

Свесност за изобилство наспроти ментална матрица на немаштија

  • pozitivnapsihologija
  • May 31, 2015
  • 2 min read

Колку пати и да слушнеме некоја вистина, ако не ја практикуваме, таа сама по себе нема да донесе промени во нашиот живот, бидејќи промената е процес, кој без наше свесно, намерно и посветено учество, нема да нѝ „се случи“. Притоа, свесноста е најважна, но не е доволна. Како велат: зад успех преку ноќ минати се многу денови работа. Затоа, денеска повторуваме што всушност значат зборовите: концентрирајте се на она што го имате, наместо на она што го немате. Ова нешто не е флоскула преку која треба да протрчаме, туку животна вештина која треба да ја усвоиме и совладаме на ниво на мајсторство.

Обидот за објаснување, денеска го правиме преку примерот на оние интересни луѓе кои се искачуваат по карпи. Што мислите, додека се искачуваат сантиметар по сантиметар по стрмнините, на што се концентрирани? Во тие моменти, имаат ли време да негодуваат затоа што нема некоја „позгодна“ испакнатинка овде или онде. Или мирно и во беспрекорен баланс, разгледуваат што има во нивна близина (на што можат да се потпрат, кон што да ја испружат ногата, каде можат да го закачат рогот од цепинот итн.). Разбирате, нели?

Како и за секоја друга (животна) вештина и за ова (концентрација на она што го имаме) потребно е вежбање. Но, со време, оваа ментална активност станува автоматизирана. Па така, доколку сакате исполнет живот гледајте што имате (во спротивно, веројатно ќе имате празен живот, затоа што можеби ќе гледате што немате.)

Во продолжение, повелете приказ на разликите кои се евидентни кај луѓе кои имаат дијаметрално спротивен ментален склоп*. Едните се концентрирани на изобилство (и она кое го имаат), други на немаштија (и она кое го немаат).

* Изразот менатален склоп во литературата на англиски јазик се сретнува како mindset, set или schema, кои пак во психолошката литература на македонскиот јазик се преведуваат и како начин на размислување, матрици на размислување или менталитет.

Карактеристики на

свесноста за изобилство и менталната матрица на немаштија

Ментални матрици на изобилство и немаштија

За крај, веројатно секој од нас има нешто од левата и нешто од десната страна од сликата.

И со овој приказ не се цели кон создавање на „супер“ луѓе, туку целта е да станеме свесни за сопствените ставови и погледи на животот, па врз основа на тоа секој да провери задоволен ли е од себе со својот живот таков каков што е или има и по нешто кое може да биде подобро.

Прашањето овде е: кој кон која страна гледа, кој ќе продолжи да се движи (кон изобилство) a кој ќе одбере да го пушти сидрото (во немаштија).

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page