Изговори да се избегне медитацијата
- pozitivnapsihologija
- May 29, 2015
- 3 min read
Како човек кој медитира секој ден и кој на долго и на широко може да говори за користа од медитацијата (што овде нема да го сторам, затоа што сакам да напишам кратка сторија - што, ако ги читате моите писанија редовно, веќе знаете дека тоа за мене тоа останува „неосвоена тврдина“, сѐ уште), значи, како човек на кој медитацијата не му е страна, долго време никако не можев да разберам зошто луѓето не медитираат.
Почнав да истражувам ...
И еве до што дојдов:
Луѓето не знаат доволно за медитацијата! Да, ова е главната причина! И покрај тоа што на секој чекор (барем по интернетов) може да се најде по некоја статија за медитацијата, луѓето во главно немаат доволно квалитетни информации за медитацијата. По тој повод, за да не трошам јас зборови, повелете видео (трае само девет и пол минути!) во кое можете да видите што всушност е медитација и колку е значајна за благосостојбата и квалитетот на живеење.
Ако по изгледаново видео сакате да се обидете, но „брзопотезно“ се саботирате, да ве пресретнам:
Медитацијата е досадна! Не, не е (а и како би знаеле ако не сте пробале!). Елем, зошто не е? Затоа што нема ништо поинтересно на светов од тоа да се набљудуваат сопствените мисли. Како на филмско платно. Без осудување. И без да им дозволите тие да ве водат, туку вие нив да ги дочекате и испратите без да се здржувате на нив. Со време ќе дојдете до ситуација кога ќе успеете да медитирате без да се појави ниту една мисла. Е тогаш, ќе можете да си честитате себе си дека сте успеале да „медитирате“. Овој процес, верувајте ми е далку од досаден!
Хм, исти ефект можам да го постигнам и со обично одмарање! Не, не можете. Одморот е суштински важен за нормалното човеково функционирање. Сепак, медитацијата го дава она што одморот не го дава. Кога се одмарате, вие или ги пуштате мислите на „пасење“ или дремнувате. Кога медитирате вие сте во полна ментална концентрација а и по правило телото ви е во релаксирана но не во „заспана“ положба.
Медитацијата е претешка за мене! Не е. Медитацијата е природен процес на кој немало некој да нѐ подучи од мали. Но, сетете се на моментите кога сте биле дете и кога во една секунда сте знаеле да се фокусирате на некоја точка, некаде малку подалеку од носот и да се „исклучите“ на момент, притоа потполно насочувајќи се „ништо“. Сите знаете дека во тие моменти и сте ги слушале родителите што ви зборувале и сте ја гледале полната лажица пред устата, но едноставно вие сте биле фокусирани на „ништо“. Ете, тоа е тоа доживување. И тоа не е тешко да го ревитализирате кај себе како возрасни.
Немам време јас за медитација! Хм, е токму ова е изговорот кој ни самите нема да си го прифатите да можете да се слушнете. Немате 10 минути дневно? :-) Имате, имате! И тоа многу повеќе од тоа. Впрочем, постои една поговорка која вели: треба да медитирате секој ден по дваесет минути, освен ако не сте презафатени - во тој случај треба да медитирате цел час. Толку за времето и за користа од медитацијата токму во ситуации кога „немате време“.
Ма какви, немам намера да медитирам! ОК. Респкт! Но, ако темава барем малку ве „чепна“, погледајте ги другите причини со кои можете да се саботирате во евентуалната намера да се обидете да медитирате. На мени имате пет причини, но ако ви текне уште нешто, еве ви дополнителни десет. (Како вели поговорката: „има илјада начини да кажеш не“, но ниту еден ненасилен да „пробудиш“ човек.)
И за да биде овој текст мојот „подвиг“ во обидот да напишам краток текст, овде ќе ставам точка.
Отидов да медитирам ...
Автор на текстот: м-р Даниела Арсовска Богдановски
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comentários