top of page

Телесен одговор на емоционалната состојба

  • pozitivnapsihologija
  • May 27, 2015
  • 5 min read

Ментални матрици кои го одредуваат телесното искуство

Поврзаноста на телото и духот не е тајна. Барем не за оние кои имале очи да ја видат оваа исконска поврзаност, од памтивека. Но, за многумина (дури и во XXI век) таа останува табу. И ова немаше да биде голема штета за човештвото да не беа оние кои ем не успеале да ја видат оваа целовитост на човека, ем себе си си се самопрогласиле за единствени релевантни за грижата за здравствената благосостојба на човештвото.

Овде нема да ја ширам темата во насока на критика на оние кои не „прогледале“, затоа што овој текст е инспириран од оние кои ја виделе врската тело-душа а не од оние кои не ја виделе. Па сепак, чисто за размислување, пред вас ќе го поставам прашањето (па секој сам нека си го одговори ако наоѓа за важно): што мислите, како е можно во XXI век, на ова ниво на развој на медицината (т.н. медицина базирана на докази) да има сѐ повеќе болести и сѐ повеќе болни луѓе по светов. Ако се осмелите да одите чекор понатаму, дајте си одговор и на прашањето: како е можно при толку многу лекови и медицински истражувања, да има сѐ помалку здравје.

Нема логика, нели? Е нема! И нема, токму затоа што модерната медицина не се бави со човекот, туку со неговото тело. И не тргнува од холистичката премиса дека човекот е целина туку од една дуалистичка (можби дури и монистичка) премисата дека духот и телото се неповрзана (одвоена) работа, па наместо на целината, денешната медицина (која по правило треба да се вика алтернативна, затоа што de facto е алтернатива на древните знаења и учења за здравјето на човека) се фокусира на еден дел и тоа на материјалниот, физичкиот - на телото - без притоа предвид да ги земе емоционалните („не-телесните“) аспекти на личноста. Впрочем, оттука и нивото на нејзината успешност во третманот на „болестите“ и нејзината арогантна и крајно немоќна забелешка: „тоа ти е на нервна база“, за сѐ за што ниту има поима како се јавува, ниту има идеја како со појавата да се справи или што е уште поризично, се справува на радикално погрешен начин! Нејсе ...

За среќа, постојат луѓе кои се свесни дека човековото битие е уникатна целина од тело, ум и душа и кои знаат дека во третманот на унапредување на неговата благосостојба сите негови делови треба да бидат соодветно застапени.

Една група луѓе која е свесна за ова холистичка појава се психолозите а особено психотерапевтите.

Во Гешталт терапијата, на пример, еден од главните предмети на работа е освестување на телесните пораки кои ги добиваме од нашето тело.

Нашето тело е единственото „место“ во кое вистински престојуваме. Тоа претставува „храм“ на душата. Огледало на душата. „Куќа“ во која престојува есенцијата на животот, која ја нарекуваме душа (емоционалност) и која заедно со него прави нераскинлива целина. Па така, она што останува под нивото на свесноста на умот, не останува под нивото на свесноста на телото. Душата има свои механизми да го изрази она кое го доживува. Затоа, за телото можеме да кажеме и дека тоа, во извесна смисла, претставува „платно“ на кое слика духот. Па ако душата (емоционалниот свет) не може да се изрази преку свесниот ум (когнитивниот свет - мислите и говорот), тогаш ќе се изрази преку телесна порака (симптом, болка).

Таквите телесни пораки стигаат до нас секојдневно. Голем е опсегот на телесни сензации и состојби за кои многумина ни не претпоставуваат дека имаат каква и да врска со емоционалниот (душевниот) живот на индивидуата. Затоа, секогаш кога имате некаква телесна болка, време е да се запрашате каков сигнал ви испраќа душата преку телото до свесноста. Со други зборови, време е да се прашате каква емоционална порака си испраќате самите на себе преку телесната болка.

Едни од најчестите телесни манифестации кои пошироко се резултат на психичките состојби на личноста (а за кои заради обемноста нема да стане збор во овој текст) секако се психо-соматските појави. Тука спаѓаат:

  • астмата,

  • алергиите,

  • одредени кожни појави (псоријаза, егземи и др.),

  • дел од појавите во гастро-интестиналниот тракт (чир на желудник, кронова болест и др.),

  • некои појави во системот за крвоток (високиот крвен притисок, тахикардиите и др.),

  • појавите во имунолошкиот систем (автоимуните заболувања, дијабетес мелитус тип I и др.) и

  • секако некои видови на карциноми и/или тумори.

Покрај психо-соматските појави тука се и „чисто“ телесните појави кои се манифестираат преку локомоторниот (коскено-мускулен) систем и во продолжените, повеќе внимание посветуваме токму на нив.

Но, пред да ги видите деталите, уште еднаш да појасниме дека овде се работи за ваша порака до вас за вас (исто како во сонот). Значи, тоа се ваши „симптоми“ кои, од вам познати причини, не сте сакале да ги освестите. Тоа се содржини на кои не сте им дозволиле да ја „пробијат“ бариерата со која сте ги држеле под нивото на свесниот ум (но, ако се вратите извесен период наназад, како ден ќе ви биде јасно низ што сте поминувале а не сте сакале свесно да го доживеете/изживеете и што сте гледале а не сте сакале да го видите) па, емоционалните состојби низ кои сте минувале го нашле својот пат преку свесноста на телото, која се манифестирала како болка.

Еве која телесна болка каква емоционална порака ви носи (претставувањето е направено според области/делови од телото на кои се јавува болката):

Предели во кои се јавува болка и веројатни причини за нивна појава

Предели во кои се јавува болка и веројатни причини за нивна појава:

  • Врат: Одбивање да се земе предвид другата страна на прашањето. Инаетење, нефлексибилност.

  • Раменици: Тие ја претставуваат нашата способност да искусиме радост во својот живот.Ние го претвораме сопствениот живот во тежина преку нашите ставови.

  • ’Рбет: Ја претставува поддршката во животот.

  • Горен дел: Недостаток на емоционална поддршка. Доживување дека не сте сакани. Одбивање на љубов.

  • Средишен дел: Вина. Заглавеност во минатото. Симни ми се од грбот.

  • Долен дел: Страв за пари. Недостаток од финансиска поддршка.

  • Лакти: Претставуваат менување на правец и прифаќање на нови искуства.

  • Рачни зглобови: Претставуваат движење и леснотија.

  • Колкови: Страв од одење напред во големи одлуки. Немање кон што нанапред да се помрдне.

  • Коленици: Тврдоглава гордост и его. Неспособност за превиткување. Страв. Нефлексибилност. Несакање да се попушти.

  • Глуждови: Нефлексибилност и вина. Глуждовите претставуваат способност да се прими задоволство.

  • Стапала: Недостаток од радости во секојдневните животни искуства.

Друга поврзаност на телесни појави со одредени емоционални состојби:

  • Артритис: Чувство дека не сте сакани. Критицизам. Јадосаност.

  • Скршеници/фрактури: Бунтовност против авторитет.

  • Бурзитис (воспаление на течноста во зглобовите на рамениците, колената или други зглобови): Потисната лутина и бес.

  • Воспаление: Страв, „крв пред очи“ (односно, состојби на иритираност и вознемиреност), „запалена глава“ (односно, состојби кога мислите ќе ви зовријат).

  • Придружени болки (односно, болки кои се јавуваат на повеќе од едно место наеднаш): Претставуваа промени на насоки во животот и леснотија во тие движења.

  • Губење на баланс/рамнотежа: Отсуство на фокусирано мислење. Расеано мислење.

  • Ишијас: Лицемерие. Страв за пари и страв за иднината.

  • Дискус хернија (и/или исчашување на ’рбетни пршлен или дискот меѓу нив): Неодлучност. Чувство на комплетно отсуство на поддршка во животот.

  • Шинување (исколчување) на зглобови: Несакање да се помрдне во одредена насока во животот. Лутина и отпор.

  • Вкочанетост: Ригидно, вкочането мислење.

  • Слабост: Потреба од ментален одмор.

Ете, така, драги мои.

Повелете, па самите направете си „преглед“ и „дијагностицирајте“ ја вашата емоционална состојба, која (можеби) сте ја игнорирале доволно долго за истата да ви се манифестира во телесна болка.

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

Извор на сликата: Emotional Pain Chart

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page