Изненадување
- pozitivnapsihologija
- May 20, 2015
- 4 min read

Една од поубавите работи која може да ви се случи во секојдневниот живот е да доживеете пријатно изненадување. Изненадувањето, од аспект на оној кој го подготвува, всушност значи покажување на тоа колку му значите некому, колку некој ви оддава признание и колку ве уважува како личност. Од друга страна, изненадувањето, од аспект на изненадениот, секогаш значи нешто што го посакувате но, не го очекувате или не верувате дека може да ви се случи.
Деновиве, јас бев изненадена и тоа во неколку наврати и тоа ме инспирира со вас да ја поделам мојата приказна за изненадувањата. Посакав да ви раскажам како функционираат изненадувањата и се надевам дека по читањето на овој текст ќе разберете дека ...
ИЗНЕНАДУВАЊАТА се всушност
остварување на вашите најдлабоки, честопати сосем несвсни,
ЖЕЛБИ.
Да тргнам ...
Веќе спомнав дека деновиве бев изненадена многу пријатно и тоа во неколку наврати.
Еве ги изненадувањата (а подолу е елаборацијата на мојот однос кон нив):
За роденденот (кој годинава го прославив со повод плус) моите најблиски (семејството) ми донесоа шампањско. И тоа не едно, туку две (големо семејство - радости се тоа!).
За роденденот, исто така, добив парче накит кој отсекогаш сум го посакувала. Ме даруваше многу блиска личност (бесценето пријателство!).
На промоција на дипломи (од едно сосем необично Друштво), бев промовирана како најдобар „студент“, со најдобро решен тест за проверка на знаењата (курсот беше на тема која отсекогаш ме интересирала!).
Еве ги приказните ...
Приказна 1: онаа со шампањската ...
Има ли потреба да го коментирам? Па, кој не сака да биде даруван со симболот на свеченостите? Во својата рана младост на истиот ден (на роденденот) го доживеав истото. Од тогаш, си мислев „таа убавина никогаш повеќе нема да ми се повтори“ (во смисла, „ова беше толку прекрасно што се случува само еднаш во животот“). Но, длабоко во себе си вибрирав „оваа убавина сакам да ми се повтори“ (затоа што е толку убаво што би сакала да ми се случи повторно). Никогаш не сум ја изустила таа реченица. Не сум ја ни помислила, но на едно друго ниво (под нивото на свесното доживување) отсекогаш сум посакувала таа убавина да ми се повтори. Пред некој ден (на мојот роденден), го доживеав токму тоа. Го доживеав дарувањето со шампањско. Во главава ми се сврте од убавина. Во тој момент станав свесна дека не е најважно што мислиме и што говориме (иако ова во никој случај не е неважно!) туку дека е поважно што всушност вибрираме. На која бранова должина се нашите вибрации и со која фреквенција ги емитираме од себе. Ете, тоа е најважно!
Приказна 2: онаа со парчето кристален накит ...
Немам зборови! Она што отсекогаш сум си го повторувала (секогаш кога и да сум поминела пред излог на продавница за кристален накит) „што, бе, мене некој не ми подари ваква убавина“, ете токму тоа ми се случи за овој роденден. И тој „некој“ беше моја драга пријателка. Не, не го замислував „стакленцето“ такво какво што е, всушност воопшто не го замислував, но кога го добив, знаев дека тоа е тоа. Таман такво какво што посакував, дискретно, богато, во совршен облик на капка и боја на мед. Феноменално! Ете, ми се случи токму тоа што го посакував, што постојано го емитирав како желба. Ми се случи токму така како што посакував. Подарено неколку минутки по полноќ, на денот на мојот роденден, во атмосфера потполно опуштена, незадолжителна, блиска, топла, со смеа од која се губи кислородот во градите, со гушкање кое го продолжува животот ...
Приказна 3: онаа со промоцијата ...
Што да кажам? Како ќе ја почнам која реченица, така станувам свесна дека всушност ова е една од работите кои всушност сум ги посакувала, (повторно) на едно ниво под свесното доживување на соптвената емоционална реалност. Сфаќам дека ова е една работа на која не сум ѝ придавала доволно големо значење и секогаш сум ја третирала како „ОК е ако се случи, би било фино, но не ми е цел, само по себе“. Сепак, сум ја имала оваа ситуација на ниво на замисла, на ниво на „дневно мечтаење“ но, ништо повеќе од тоа. И никогаш повеќе од мисла со која се забавувам, што значи, никогаш не сум била сериозно заинтересирана за тоа per se. Секогаш ми бил поважен патот од целта, но сега станав свесна за онаа народната дека „крајот делото го краси“ и дека навистина немало потреба од минимизирање на убавината на целта и на уживањето кое го носи епитетот „најдобар“. Знаев дека на тестот имам солиден број на поени (човек не може да не знае нешто што искрено го интересира), но она што не го знав, а не го ни насетував е дека сум со најдобар број на поени. Уште помалку знаев, ниту очекував, дека „најдобрите“ ќе бидат издвоени од групата и промовирани како такви. Воопшто не претпоставував дека такво нешто ќе биде дел од церемонијата. Но беше. Се чувствував прекрасно. Победнички. Во еуфорично доживување. Ова е нешто, драги мои, кое отсекогаш сум сакала да го доживеам, но искрено не сум мислела дека некогаш ќе го доживеам (отсекогаш сум имла став дека секогаш има и од добрите подобри, како и став дека човек треба да се „мери“ со себе си, така што тоа секогаш ми било репер). Сепак, искуството кое го доживеав на оваа промоција ме освести колку всушност е значајно човек да го вкуси врвното постигнување, како и убавината на тоа да биде признаен и почестен токму поради своето постигнување.

Поентата од приказнава:
Секогаш кога имате можност (а тоа е секој момент од вашиот живот) изненадете некого. Приредете му нешто за кое знаете дека ќе ја развлече насмевката на неговото лице. Ова е навистина бесценето. Да остварите нечија желба која сте ја разбрале е голема работа!
Освестувајте ги своите лични желби. Она што искрено си го посакувате не срамете се да го помислите, да го озвучите, да си го претставите. Замислете и пуштете ја мислата понатаму ... Верувале или не, таа ваша вибрација ќе стигне со „некого“ и тој „некој“ ќе ви го приреди она кое сакате да го доживеете.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comments