top of page

Емпатија. Што можеме да направиме со неа?

  • pozitivnapsihologija
  • May 19, 2015
  • 7 min read

Во македонскиот јазик, иако се користи и самиот израз емпатија, таа обично се преведува како сочувство. Но, сочувството не е баш најдобар израз за она на што се однесува емпатијата како поим. Поимот сочувство секако отсликува дел од она што емпатијата го има во себе, но таа сепак, по повеќе нешта, се разликува од поимот сочувство.

Емпатија

Емпатија е капацитет да се разбере она што другото лице го чувствува или доживува и тоа од позиција на лицето кое нештото го чувствува или доживува.

Со други зборови, емпатија претставува способност едно лице да се „смести“ во позицијата на друго лице и да го почувствува она низ што минува другото лице.

Кажано разговорно, тоа практично значи да се обујат туѓите чевли (чевлите на другиот) и да се измине одреден пат со нив, што значи, да се има перспективата и искуството, доживувањето на другиот.

Таа, исто така, претставува еден од клучните параметри за емоционалната интелигенција и нужно треба да се разликува од категории какви што се сожалување или грижа/страв за другиот.

(Мала информативна дигресија: ако некој не може да го идентификува, замисли, процени или почувствува нештото кое го чувствува друго битие, таа појава ја нарекуваме алекситимија. Оваа појава, во суштина вклучува отсуство на способност да опишат сопствените емоции и силна збунетост заради неспособноста да се разликуваат чувства (feelings) од физиолошка возбуда (arousal). Таа е многу карактеристична за психопатите, луѓето кои имаат сериозен ментален и емоционален проблем. Токму поради присуството на алекситимија и отсуството на емпатија психопатите се мошне опасна појава за општеството (повеќе отколку за самите себе). Поврзаноста меѓу психопатијата и алекситимијата е сигнификантна, но, предупредуваме: самата појава на алекситимија не имплицира и појава на психопатија (!), туку обратно, поврзаноста меѓу аликситимија и психопатија вели дека шансите психопатот да има и алекситимија се значително високи.)

Да продолжам со она за што почнав да пишувам а тоа е емпатијата.

За емпатијата многу се знае, но една од нејзините највпечатливи карактеристики е дека без емпатија човештвото не би преживеало. Затоа, во оваа пригода сакам паралелно да се осврнам на оваа нејзина несомнена вредност и да го акцентирам она што можете вие самите за себе да научите од своите процеси на емпатија, па врз основа на тие сознанија да делувате.

Ова е главната поента на овој текст!

Да тргнеме ...

Имате ли поима низ што минуваат луѓето кои без каква и да е своја вина искусуваат нешто кое секогаш ќе го паметат како важен но, екстремно стресен настан во својот живот? Знаете ли како изгледа да се соочите со смрт, пукотници и гранатирање? Знаете ли како е да останете месец дена без вода, во урбана средина, опколени од сите страни со опасни вооружени групи? Знаете ли како е секое утро да ве надлетуваат полициски и воени хеликоптери ? Како е да ве „избркаат“ од дома? Како е секоја секунда да мислите како да се извлечете од обрачот и како да ги спасите децата?

Знаете ли како е да ве уценуваат за работното место, да ви се закануваат по живот, да ве ставаат во кафез, да ве бројат како стока? Знаете ли како е да ве потсетуваат дека вашиот живот зависи од другите? Знаете ли? М?

Не, драги мои, не мора да осетите на своја кожа, за да дознаете како е!

(И НИКОМУ не му го посакуваме тоа, да сме на јасно!)

Реков, не мора да искусите на сопствена кожа за да дознаете како е, бидејќи ја имате способноста за емпатија.

Тоа е таа „магична“ алатка со која сме обдарени како живи (човечки) суштества.

Емпатија

А што можеме да научиме од неа?

И што можеме да направиме со неа?

Точно е тоа како што вели една голема мудрост: едно живо битие ништо не може да осознае подалеку од сопственото искуство, но човекот е најсовршеното живо битие кое нѝ е познато и она што го одвојува од другите живи битија (покрај, говорот, способноста за правење на орудие и насмевката) е токму емпатијата. Човекот има дарба да искуси нешто, да почувствува нешто и без да го осети на своја кожа (иако она што ќе го осети на своја кожа никогаш нема да го заборави!).

Човекот ја имаа таа способност да ја почувствува болката, стравот, ужасот низ кој минуваат угнетените, застрашените, малтретираните и токму тоа искуство (кое е негово лично, затоа што го чувствува, иако можеби не го искусува како физичка ситуација) го гради човекот во него.

Она што можеме да го научиме е како да станеме ЛУЃЕ а не да останеме само homo sapiens.

Затоа, драги мои, моето прашање за денеска е: во моменти кога некој е во непријатна ситуација, што би направиле вие? Што е првата работа која би ја помислиле (ако веќе не сте во состојба да направите повеќе од мисла)? Дали ќе помислите „ако им е, сами си го барале“ или „и онака се ***** која го заслужила тоа што го добива“? Дали ќе помислите „не ме интересира“ или „ма, тоа е далеку од мене и до овде нема да дојде, мене нема да ме снајде“?

Ова е прашањето на кое е убаво да си одговорите. И не, не мора со ова да се занимавате секојдневно. Воопшто не е корисно за вас го насочувате вниманието кон светските страотии (животот е за уживање, не за тормозење за тоа како им е на оние таму некои ...). Но, во моменти кога ќе посведочите за одредена појава, тогаш запрашајте се! Тоа е доволно. И важно за вас, бидејќи ако веќе сте посведочиле за некаква појава, тогаш тоа значи дека таа на овој или оној начин е дел од вашето искуство, од вашиот живот. И во такви ситуации, вредно е да дознаете нешто повеќе за себе, за тоа како размислувате за оние кои лично не ги познавате а имате некаков однос со нив (штом ги имате на некој начин во фокусот). Ете, заради тоа треба да си одговорите на горните прашња - не заради другите, туку заради себе си.

Мисијата на ПозитивнаПсихологија е да поттикне позитивни перспективи на гледање кон себе си и кон животот и затоа сметам дека е важно да ве поттикнам да размислите за тоа што можете да научите за себе од процесот на емпатија. Можете ли да донесете поинакви одлуки врз основа на емаптијата која ја имате како „алатка“.

Сетете се, на пример, што мислите за оние кои не размислуваат како вас. Кои се вашите чувства за нив? Кога ќе станете свесни за ова, одете чекот понатаму и прашајте се, како се чувствува тоа битие, што е она што го прави да има таков став, какви искуства има тој/таа за така да размислува или постапува. Помислете си дека можеби туѓите избори не нивни слободен избор туку дека можеби се уценети да прифатат одредени услови за да преживеат. Само помислете дека можеби во животот не биле доволно среќни како вас да ја уживаат слободата, независноста и дека постојано биле принудувани (на овој или оној начин). Помислете за момент каков е тој живот. Сега? Какви се вашите доживувања? Ќе мислите ли исто како и претходно? Ќе бидете ли спремни да ги изговорите сите погрдни зборови и ќе бидете ли (не)совесни да ширите омраза и нетрпение кон оние кои имале различни услови и контексти на живеење од вашите?

Не верувам!

Секое човечко битие инстинктивно е наклонето кон заштита, на себе си и на другите.

Јас сум убедена дека повеќето од луѓето имаат способност за емаптија, но ретко (плашејќи се пред сѐ од сопствените содржини на немоќ) не ни сакаат да размислуваат како им е на другите. И тоа е ОК. Нема што да се замери на оној кој интензивно ја чувствува сопствената немоќ и не е подготвен да ја почувствува и туѓата. Тоа е ОК и нема осуда за тоа.

Но, исто така, сум уверена дека повеќето од вас се доволно силни и доволно добро се справуваат со сопствената слабост и имаат храброст да го почувствуваат она кое другите го чувствуваат.

Имаат храброст за емаптија.

Да завршам ...

Знајте дека секогаш кога ќе разберете друго суштество, тоа е затоа што се разбирате самите себе. Затоа што имате способност да почувствувате нешто кое не е директно ваша состојба, но знаете како е да се биде во неа.

Затоа драги луѓе, не носете судови за другите без да имате увид во тоа со што другите се соочуваат. Да го прифатите другиот таков каков што е (и да не му „судите“) во суштина значи да се прифатите самите себе си такви какви што сте (и да не си „судите“ за тоа). Ако другите (кои се различни од вас и чии постапки можеби за вас изгледаат нерационални) ги третирате со љубов и нежност (имајќи, преку емпатија, увид во тоа низ што минуваат), тоа значи дека и за себе имате љубов и нежност.

Кога преку емпатија ќе осознаете нешто повеќе за другиот и врз основа на тоа ќе одлучите да се воздржите од навредлив збор, злобна мисла или пакосно дело, тоа ве прави доблесни.

Не, не е ова никакво морализирање. Ова е животна вештина која го унапредува квалитетот на вашиот личен живот.

За крај, знајте дека ...

Доблеста не гледа сеир (импотентноста го прави тоа), доблеста не ужива во туѓата болка (садизмот го прави тоа), доблеста не е индиферентна кон туѓата несреќа (тапоста го прави тоа), доблеста не се смее на туѓата пропаст (ограниченоста/малоумноста го прави тоа), доблеста не гледа на туѓото паѓање како на свој личен триумф (кукавичлукот го прави тоа).

А, вие драги луѓе, кои го читате ова, кога и да се соочите со нешто што другиот го доживува, преку емаптија одберете што сте, она во заградите или она пред нив.

Во име на хуманоста, толеранцијата, слободата на мислење, посакуваме вашиот избор да биде доблеста, затоа што оваа природно дадената способност за емпатија ќе ја воздигнете на едно повисоко ниво кое ќе го одреди општеството во кое живеете, во кое сме сите ние заедно.

Конечно, тоа што ќе го направите/помислите/кажете за другиот или на другиот, повеќе збрува за вас отколку за другиот. Ова никогаш не заборавајте го!

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Commentaires


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page