Благословот на несмасното прашање
- pozitivnapsihologija
- Apr 29, 2015
- 4 min read

Пред извесно време имав едно излагање пред хетерогена група на луѓе (дури необјасниво хетерогена за декларативната одредба на настанот!) после кое следеше интересна и за мене многу возбудлива дискусија. Беа поставени и неколку прашања. И како што тоа обично бива, кога човек е соочен со нови и за него непознати информации тој се збунува. По својата природа новата информација има таква моќ. Умее да го збуни неинформираниот слушач и во таквата бркотница по мислите, тој умее да постави некакво прашање кое не соодветствува со темата за која се дискутира.
Да, природата на новата информација е таква. Таа навистина има моќ да побуди „емоција“. И ова е особено карактеристично доколку човек (оној кој се соочува со информациите) не е баш наклонет кон истражување, не е приемчив за новини, не е сензибилен за разлики или неговиот систем на убедување не е доволно еластичен. Таквиот човек кога прима нова информација обично на првата неприфатлива работа „се лови“ (како крап на јадица), па понатаму или не го слуша соговорникот/предавачот или она што ќе го слушне го восприема од своја перспектива и го мери со својот „аршин“ (што е за него поризичната варијанта!). Така збунетиот човек, заради неможност брзо да ја свари и апсорбира новината, станува лут и нервозен а честопати има и лично доживување на атак врз личноста. Неговото дотогашно знаење и верување го ограничува да го отвори умот и наместо тоа го преплавуваат емоции на бес. За сите психолози јасно како ден - емоционалната интелигенција е една од димензиите на живеење која го одредува (читај: понекогаш фрапантно го намалува) квалитетот на живеење. Така наместо да го искористи својот простор за нови учења, „емоционално збунетиот“ човек со сета сила се обидува да го потврди своето постоење со отфрлање на секоја новина. Спрегата мисли-емоции-мисли делува на зачувување на дотогаш формираниот интегритет на личноста. Ова е инаку здрав механизам чија еластичност, доколку затаи, може да го армира карактерот и да продуцира низа животни дисфункционалности а попатно и да продуцира по некое несмасно прашање, кое на изглед е незгодно, но во својата основа е наивно, без ронка злонамерност но, во својата недокваканост мошне комично.
Нејсе.
Значи, беа поставени неколку (на изглед незгодни а во суштина неадекватни) прашања, на кои дадов одговор полн со дополнителни информации за темата за која говорев. Но, велам, како што тоа обично бива, кога збунето лице поставува прашање тоа никако не е во состојба да прими дополнителна информација на темата, која секако првично веќе го блокирала. И што се случува? Дополнителното објаснување дадено со намера да го избистри погледот на слушачот всушност ги бетонира неговите „позиции“ (што е во крајна линија загуба за оној кој го поставува прашањето). Секој искусен предавач ова го знае! Го знаев и јас. Сепак дадов одговор со дополнителни информации.
И ова е тоа што ме копкаше. Можеби можеше да дадам подобар одговор?!

Иако сум човек кој е убеден дека секогаш е најдобро така како што е, сепак, веднаш по настанот, размислував за тоа дали дадениот одговор беше најдобриот можен. Од стручен аспект дадениот одговор беше комплетно издржан, информативен и коректен. Но, прашањето дали тоа беше најдобриот одговор повторно ми доаѓаше до свеста.
По предавањето поминав прекрасно попладне со луѓето во чие друштво уживав, но од време на време испливуваше прашањето беше ли дадениот одговор најдобриот можен. Ќе беше ли покорисен (за оние кои ги поставија прашањата) поинаков одговор. Како низ магла се појавуваа различни варијанти, но ниту една не се квалификува за најдобриот одговор.
Конечно, кога се вратив дома по забавниот ден, задоволна од сѐ што беше дел од него и со благопријатен замор кој беше како патоказ кон опуштањето на кое му се радував при самата помисла на лесната завршница на денот, од никаде, молскавично светна најдобриот можен одговор.
На моите радости им немаше крај!
Го најдооооооов најдобриот одговор! Скокав од радост.
(Така е тоа - кога сте опуштени, доаѓаат најдобрите идеи!)
Бескрајно сум им благодарна на луѓето кои ги поставија несмасните прашања. Да не беа тие немаше да се потсетам кој е најдобриот одговор на прашање надвор од темата. Благодарна сум за ова прекрасно искуство од кое се чувствувам израсната (како квасец). Се чувствувам пре-кра-сно!
Тоа е благословот на несмасното прашање - дава можност да истражуваме, да бараме најдобро можно решение. Поттикнува да станеме подобри одошто сме. Ова е феноменален благослов кој не може да се спореди со она кога се поставени „баш убави прашања“.
Ве интересира кој е најдобриот одговор?
Да не должам: тоа е потсетување на оној кој го поставува прашањето која всушност беше темата.
Толку просто! Грав!
Е да, ама јас уживав во идејата дека сум онаа која инспирира. Одбрав да бидам информативна иако сега би одбрала да бидам само онаа која насочува.
Во вакви пригоди за слушачот секако нема најдобар одговор, затоа што за него не е важно она што е кажано туку она што слушнато. На оној кој веќе е збунет, поради новоста на информациите кои нема капацитет во моментот да ги свари, дополнително стручно објаснување нема да му помогне да му се разбистри визијата. Исто како што на дете од трето одделение нема да му помогне да ја научи таблицата на множење тоа што ќе го подучувате како се вади квадратен корен (туку токму тоа може дополнително да го збуни и да демотивира).
За слушачот од поголема корист ќе му беше (а за тоа ќе стане свесен подоцна во животот!) потсетувањето на главната идеја. Фокусирање на мисловниот процес на основната идеја (затоа што токму тоа е она кое не го видел доволно јасно уште од почеток - главната идеја!).
Денеска сум задоволна (и повеќе од што претпоставував) од целиот овој ангажман. Стартува сосем неочекувано, си реков „зошто да не“ (сакам да се забавувам - што да правам!), се подготвив (имав високи критериуми до кои се држев), самото предавање беше одлично изведено а посебно сум благодарна за „гратисот“ што го добив и тоа е искуството на откритието за изборот на најдоброто можен одговор (на „незгодното“ прашање).
Така драги мои, бев во ситуација во која ми беа поставени прашања надвор од контекстот на она за што го говорев и сега знам дека најдобриот одговор ќе беше да ги потсетам оние кои ги поставија прашањата за тоа која е темата на разговор. Толку!
Во следната пригода (едвај ја чекам), ќе го кажам токму тоа. И ќе се насмевнам.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comments