Заборавањето е активен процес
- pozitivnapsihologija
- Apr 16, 2015
- 3 min read
За да функционираме нормално потребно е процесите на помнењето и учењето од една страна и заборавањето од друга да бидат во баланс.
Со цел да функционира соодветно, човековиот мозок мора да поседува способност не само за чување на информации туку и за нивно заборавање: преку губењето на меморијата непотребните информации се бришат и нервниот систем ја задржува својата пластичност. Нарушувањето на овој процес може да доведе до сериозни ментални проблеми. Научниците од Базел сега го открија молекуларниот механизам кој активно го регулира процесот на заборавање. Познатото научното списание Cell ги објави нивните резултати (оригиналната научна статија можете да ја најдете овде).
Човековиот мозок е изграден така што само потребните информации се зачувуваат засекогаш - останатите се забораваат со текот на времето. Сепак, до сега не беше сосем јасно дали овој процес е активен или пасивен. Научниците од Мултидисциплинарна истражувачка платформа од областа на молекуларна и когнитивна невронаука (Molecular and Cognitive Neurosciences, MCN) на Универзитетот во Базел сега ја пронајдоа молекулата која активно го регулира губењето на меморијата. Т.н. мусаши протеин е одговорен за формирање и функционирањето на синапсите во мозокот, места каде информациите се разменуваат од еден неврон до друг.

Употребувајќи олфакторна (видна) условеност, истражувачите Атила Статек и Нилс Хаџиселимовиќ најнапред ги проучувале способностите за учење кај генетски модифицираните прстенести црви (C. elegans) на кои им недостасувал мусаши протеинот. Експериментите покажале дека црвите имале исти способности за учење како и немодифицираните животни. Сепак, со понатамошниот тек на експериментот, научниците откриле дека мутираните црви биле поспособни да запомнат нови информации многу подобро. Со други зборови: генетски модифицираните црви на кои им недостасувал мусаши протеинот помалку заборавале.
Заборавањето не е случајно
Понатамошните експерименти покажале дека протеинот ја инхибира синтезата на молекулата одговорна за стабилизација на синапсите. Оваа стабилизација се чини игра важна улога во процесот на учење и заборавање. Истражувачите идентификувале два паралелни механизми: од една страна, протеинот адуцин стимулира растење на синапсите и заради тоа исто така помага во задржување на меморијата, од друга страна мусаши протеинот активно ја инхибира стабилизацијата на овие синапси и така помага во губењето на меморијата. Така, балансот меѓу овие два протеина е клучен за задржување на меморијата.
Оттука, заборавањето не е пасивен процес туку активен и нарушувањето на овој процес може да резултира во сериозни ментални нарушувања. Мусаши протеинот исто така има интересни импликации за развој на лекови со кои би требало да се превенира абнормалната загуба на меморијата која се јавува кај болестите каква што е Алцхајмеровата болест. Понатамошни студии за тераписки можности на ова откритие ќе бидат направени.
Мултидисциплинарна истражувачка платформа од областа на молекуларна и когнитивна невронаука (на англиски: The Transfaculty Research Platform Molecular and Cognitive Neurosciences). Мултидисциплинарна истражувачка платформа МКН е заеднички проект на Факултетот по Психологија на Универзитетот во Базел и Психијатриската универзитетска клиника во Базел. Нивна цел е напредно истражување на невробиолошките основи на човековите емоционални и когнитивни процеси и придонесување кон развојот на нови можност за третман на невропсихијатриските нарушувања. Платформата е под заедничко водство на Prof. Dominique de Quervain и Prof. Andreas Papassotiropoulos.
Библиографија / Референца: Hadziselimovic, N., Vukojevic, V., Peter, F., Milnik, A., Fastenrath, M., Fenyves, B., Hieber, P., Demougin, P., Vogler, C., de Quervain, D.J.F., Papassotiropoulos, A. & Stetak, A. Forgetting is regulated via Musashi-mediated translational control of the Arp2/3 complex. Cell, online, 13 March 2014. DOI: http://dx.doi.org/10.1016/j.cell.2014.01.054
Превод: Даниела Арсовска Богдановски
Comments