top of page

Моќта на новата приказна

  • pozitivnapsihologija
  • Apr 6, 2015
  • 5 min read

Има многу теми за кои размислувам да пишувам. Всушност пишувам за неколку теми одеднаш. Го сакам пишувањето а и имам повеќе работи кои сакам да ги споделам со вас, па за да не ја изгубам поентата имам по два, три, понекогаш и повеќе работни прозорци отворено на мониторот. Во такви моменти, кога умот ми работи на неколку теми одеднаш, има една тема која постојано ми испливува на површина. Ја одлагам (заради нејзината провокативност) и продолжувам да работам на други текстови (за кои сметам дека се покорисни, понаучни, по не знам што). Но, таа упорно „напиња“ да излезе на „хартија“.

ОК, овојпат си реков: „ОК, еве, излези и биди му од корист некому“.

И после 15 години пракса како психолог, за мене како човексѐ уште атрактивно останува прашањето: како (некои од ) луѓето не ги разбираат наједноставните нешта во животот. На пример, како не разбираат дека ако сакаат да стигнат до врвот на Земјата ќе мора да се позанимаваат со алпинизам (а не со копање кон средиштето на Земјата).

Ова метафорички поставено прашање всушност е прашање за тоа: како (некои од) луѓето очекуваат да бидат среќни ако постојано се бават со содржини и активности кои никако не водат кон среќа. Сѐ уште се прашувам: како е можно (некои од) луѓето да очекуваат да им се случи некое ново, убаво, шарено, исполнето поглавје во нивниот живот ако постојано ја „дробат“ (и сркаат) истата стара, сива, избледнета и празна приказна. Сѐ уште не наоѓам доволно добар одговор на прашањето: како (некои од) луѓето не разбираат дека за да уживаат во животот треба едноставно да уживаат во (приказната за) животот (кој го посакуваат).

Како на психолог, ова ми е јасно (и повеќе од јасно!) како се случува. Јасно ми е и зошто се случува. Има безброј објаснувања, но ништо од ова како на човек не ми е доволно - затоа што е само објаснување. Она што мене (и како психолог и како човек) ме „копка“ е: како тоа - задржувањето на објаснувањето - да се смени. И како да се оди чекор понатаму - да се инспирираат луѓето да станат свесни за фактот дека нема ново животно поглавје преку кажување на претходното поглавје.

Моќта на приказната

Кога човек ќе дојде преку свое искуство до одредена вистина, тоа сака да го подели со светот. Нема повозвишена работа од тоа да споделите вистина, затоа што чувствувате од дното на срцето, чувствувате со секој атом на своето битие, до последната честица на душата, дека тоа сознание некому може да му користи, да го доживее и искуси истото блаженство кое сте го доживеале и вие.

И тоа е она што (изгледа) не ми „давало мира“ секогаш кога сум сакала свесно да ја прескокнам оваа тема и наместо неа да пишувам за нешто што е научно, важно, значајно, но (изгледа сепак) тоа не ми било толку битно колку ова. Тоа е тоа кога нешто „од внатре“ ве тера да го направите она што „треба“ да го направите.

Така, драги мои. Одлучив да ја споделам оваа приказна со вас. Да ви раскажам дека низ лично искуство ја спознав вистината дека приказната која ја кажувам го креира она кое ќе го живеам во наредниот период.

Како го спознав ова? Гледајќи наназад. Станав свесна дека она кое го говорев (секојдневно) во еден период од својот живот, стана мој живот во периодот кој следуваше. Тогаш несвесна за моќта на приказната, знаев да зборувам (на долго и на широко) за работи кои не беа моја реалност тогаш, но станаа тоа извесен период потоа. Денес е сосем различно. Денес сум потполно свесна и без дилема дека животот се одвива во согласност со приказната која ја кажувам. Денеска знам колкава е моќта на она кое одбираме да го кажеме.

Не ми верувајте на збор. Пробајте!

Пробајте во наредниов период да ја говорите приказната која сакате да ја живеете, не онаа која сте ја живееле. Говорете за она што сакате да го живеете во сегашно време и она што го планирате за во иднина, наместо за теми од минато време (а и кога ќе го спомнете минатото одбележете го само она што ви буди пријатни доживувања). И разликата ќе ја почувствувате многу скоро.

Сето она кое не ви се допаѓа, она кое ви буди непријатни доживувања или сеќавања, сето она со кое се застрашувате, зошто би го повторувале? Зошто по кој знае кој пат би повториле дека: „по толку труд, никаков резултат!“ или она: „што и да направам, ништо нема да се смени“? Свесни ли сте дека ваквите констататации воопшто не ви користат? Ниту ќе ви користат. И дека се на ваша штета. Свесни ли сте дека повторувањето на она од кое лошо се чувствувате е само продлабочување (читај: креирање) на она кое не го сакате? И дека дополнително ги парализира вашите снаги кои природно ги поседувате.

На правете си го тоа повеќе!

И иако е ова (конечно) ваш избор - не правете си го тоа повеќе.

За среќа, моќта на новата приказна делува и обратно, односно, повторувањето на она од кое се чувствувате добро е приближување кон (читај: креирање на) она кое го посакувате!

Секој од нас ја живее својата приказна. Својата приказна! Приказната која ја раскажува.

Моќта на новата приказна

Започнете ја својата нова приказна уште веднаш. На следното прашање: „како си, што има ново?“, кажете: „одлично сум, нов ред навезов од гобленот, прекрасен ќе биде, вистински уживам додека го работам“, „супер сум, денеска ќе готвам за мајка ми, едвај чекам да дојде и да се дружиме“, „прекрасно сум, со колегите на пауза ,спелскавме’ кош, добро ќе се работи попладне“.

Разбирате ли?

Сигурна сум дека разбирате! Затоа што знам дека и да не го разберете ова на когнитивно ниво, ќе го разберете на духовно, на несвесно, на организмичко или на она на кое сте подготвени да го разберете. Но, ќе го разберете. Не може да не го разберете. Затоа што ова сознание не е „резервирано за ретките“. Тоа е дел од сите нас, како битија и секој може да направи нешто добро за себе. А, да ја каже приказната која сака да му се случи, е тоа сигурно е нешто кое секој до нас го може.

Искусете и сами уверете се во моќта на новата приказна. Она што сакате да го доживеете, тоа нека биде доминантно во вашиот говор.

Колку имате контрола врз своите зборови? Потполно!

Негодувате и ќе речете дека не можете да се спречите и зборовите сами ви излегуваат од уста? Не е вистина! Не упаѓајте во оваа замка. Вие сте свесно битие и секако имате моќ да контролирате што ќе кажете. Штом ќе се „фатите“ себе дека ја „верглате“ истата (непосакувана) приказна, повлечете „ручна“. Ако немате контрола врз она што ќе го кажете, мислите ли дека ќе имате контрола врз животот кој го живеете?

Од она што го говорите, ќе зависи она што ќе го искусите во животот. (Се разбира, не само од тоа, туку и од тоа!)

За крај, не се работи овде за некакво магично делување на зборовите. Се работи за устројување на комплетното битие кон новини кои ги посакувате. Ако успеете да ја измечтаете и раскажете сопствената нова приказна, тогаш ќе можете и да ја уживате. Не заборавајте, најубавите приказни се оние кои најнапред се создадени во главата на раскажувачот. И да, најубавите приказни се оние вистинитите, животните, (авто)биографските. Прашањето е само сакате ли да ја живеете убавината која чувствувате дека ви припаѓа. Ако сакате, почнете да ја предете со зборови. Уште денес.

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Kommentare


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page