top of page

Приказната за племето кое го негува најубавиот обичај на светот

  • pozitivnapsihologija
  • Mar 30, 2015
  • 4 min read

Пред извесно време по некои белосветски портали се појави вест за „некое“ африканско племе кое го „негува можеби најубавиот обичај на светот“. Веста брзо се прошири по социјалните мрежи, особено меѓу луѓето кои имаат драматично негативни профили, со бројни врски или споделувања на содржини кои ги манифестираат ужасите и мизериите на животот (а не убавините и неговото изобилство).

Како и 90% од содржините кои се појавуваат на интернет, се покажа дека и оваа приказна за „африканското племе“ е измислена (како впрочем и повеќето приказни, нели). Но, во исто време се покажа и дека приказнава е мошне „леплива“ за сите оние кои токму во сопствениот живот имаат недостаток од љубов и остар ум и кои несвесно промовираат страв и јад.

Оваа приказна „надградена и проширена“ по вкусот на оние кои ја споделуваат, добива повеќе различни „изданија“, но за среќа нејзината убавина, е сочувана од занесот на нивното „дуздисување“. Еден од „оригиналите“ може да го видите овде, а она за што се работи во приказната е следново:

UBUNTU - јас постојам, бидејќи ние постоиме

Некое африканско племе (на кое не му се споменува името во ниту една од варијантите кои јас ги сретнав, ниту се споменува локацијата во Африка, а Африка е ооогромен континент!) верува дека човекот е духовно битие кое во суштина има само две потреби: да сака и да биде сакано. Доколку некој племеник се однесува неприфатливо (за племенските критериуми), племето тоа поведение го гледа како крик за помош на таа душа, која се одвоила од својата изворно добра природа. Во племенскиот менталитет е дека „грешникот“ само бара љубов, но тоа го прави на погрешен начин. Затоа соплемениците го земаат лицето кое згрешило, го поставаат на сред село, тие се редат околу него во круг и во наредните два-три дена сите му ги повторуваат добрините кои лицето ги сторило. Соплемениците му го кажуваат одново и одново сето добро кое тоа лице го постигнало во животот. Целта им е со ваков чин битието кое тргнало да бара љубов преку (за нив) погрешени „методи“, да воспостави поврзување со својата вистинска природа. Тие сакаат да го потсетат на тоа која е неговата вистинска природа и сè додека лицето не се сети на таа вистина од која било привремено исклучено, тие му ги повторуваат зборовите на поддршка и љубов. Тие сакаат лицето да се потсети и да го почувствува она „јас сум добар/добра“. Притоа соплемениците „грешникот“ го поздравуваат со (некакви чудни зборови кои на тој измислен африкански дијалект значат) „те почитувам, ти си вреден, ми значиш“ а тој/таа им отпоздравува со „тогаш, јас постојам за тебе“.

Ете, за тоа се работи во приказнава. Прекрасна, нема што! Прекрасна до небесата. Но таа е резултат на имагинацијата на некоја душа која посакува оваа фикција да стане реалност. Не е баш виситна. А вистината за тоа дека оваа приказна е измислица можете да прочитате овде.

Е сега ...

Зошто на блогот на ПозитивнаПсихологија ѝ се отстапува место на оваа фикција?

  1. Затоа што самата приказна е прекрасна. Таа во себе носи една вистина која нејзиниот анонимен составувач мора да ја знаел многу добро. Зошто не ја објавил под свое име, тоа е друго прашање - можеби затоа што ја „украл“ од некоја читанка по психологија, можеби затоа што не му било важно да ги собере ловориките туку му било важно да ја прошири добрата мисла или едноставно ја преработил онаа за значењето на UBUNTU (која патем речено е вистинита). Кој знае! А која е вистината која е раскажана во приказнава? Тоа е вистината за тоа дека признавањето и прифаќањето на битието (а не негова екскомуникација) се клучот за враќање на битието во баланс со својата суштина. Ова е научно докажана вистина! Отфрлањето и казнувањето никогаш нема да продуцираат никаква позитивна содржина, ниту кај личноста, ниту во општеството. Тие евентуално можат да коригираат одредено негативно поведение, но никогаш нема да креираат позитивно! Љубовта и нежноста се оние кои имаат очи „црната овца“ да ја видат како различна, но еднакво заслужна за „стадото“ (читај: човештвото). Оваа вистина е толку моќна што дури инспирира креативци да творат (да си измислат по некоја убава приказна, која на нежен начин понатаму ќе го инспирира целиот свет да креираат култура на прифаќање наместо култура на осуда). Ете, тоа е едната работа!

  2. Затоа што количината на лажни информации на интернет (и во другите медиуми!) е фрапантна и има една единствена цел - човекот да се оттргне од својата вистинска природа! Од социјално битие да стане виртуелно-социјално битие. Од битие со критичен ум да стане голтач на лесни четива. Од битие кое е предодредено да создава во битие кое консумира т.н. потрошувачко битие. Затоа, пред на нешто да се „налепите“ добро проверете ја вистинитоста на информацијата. Читајте и истражувајте. Поставувајте прашања. Љубопитноста и кристалниот ум можат да ја рефлектираат вистината, недостатокот на интерес и заматениот ум се особини преку лесно се манипулира со масите! Ова е втората причина зошто ја „прераскажуваме“ оваа приказна - затоа што мисијата на ПозитивнаПсихологија е да ја открива вистината и да ги поттикнува оние кои ги читаат нејзините содржини да ја проверуваат информацијата пред да одучат да поверуваат во неа. Ова второ!

  3. И трето ... затоа што многу психолози немаат базично знаење, ниту имаат суштинско разбирање за среќата на човекот а уште помалку имаат коректни информации за начините за нејзино постигнување. Да не се разбереме погрешно. Ова не е критика, ниту осуда - повеќе од јасно е дека психолозите никој не ги подучува за среќата ами ги учи за „гаснење на оган“, за тоа како да се справат со вакви или онакви психопатолошки или психосоцијални девијации од „нормалното“. Да повторам: ниту критикувам, ниту осудувам, но забележувам! Ете, затоа сметам дека е од исклучително значење психолозите да се свесни дека среќата во животот е единствената вистинска негова поента. Дополнително, сметам дека е важно психологијата (конечно) да го помести фокусот на интерес од отстапувањата кон највисоките фреквенции на појавите (без притоа се инсистира на нужно напуштање на ангажманот во сферата на „отстапувањата“).

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page