top of page

Две најважни психички карактеристики за постигнување на благосостојба

  • pozitivnapsihologija
  • Mar 27, 2015
  • 5 min read

Нова студија открива кои квалитети најдобро може да предвидат личен успех и благосостојба.

Психологија - што со неа?

Скоро и да е невозможно да се помине преку стоиците написи објавени секоја година во врска со психичките карактеристики познати како предности или силни страни. Јас сочувствувам со родителите кои сакаат да знаат која [психичка] карактеристика е најважна за да ја развијат кај своите деца, бидејќи ништо нема да се постигне во обидот да се развие секоја од вредните карактеристики. Сочувствувам и со организациите, вклучувајќи ги училиштата, кои се најповикани во случајов, како и социјалните претприемачи кои сакаат да креираат култура во која секоја личност ќе може да го максимизира сопствениот потенцијал. Сите ние сме преплавени од премногу информации.

Но постои уште еден подмолен проблем во психологијата: премногу истражувачи ја фокусираат својата енергија на своето „милениче“, притоа не проверувајќи адекватно дали тоа реално заслужува повеќе внимание од останатите алтернативи. Постојат истражувачи специјализирани за благодарност. Други специјализирани за простување, трети за самосожалување, или оптимизам, или истрајност и мотивација за долготрајни цели или уживање. Некои се хиперфокусирани на среќата додека ривалската група е хиперфокусирана на смислата и целата во животот. Секој истражувачки тим троши огромно време перчејќи се со тоа како нивното „бебе“ е вистинскиот предиктор за исполнет живот, здрави врски, физичко здравје или други елементи на благосостојбата.

Парите се во прашање - ако можете да покажете дека она што вие го работите функционира, тогаш тоа е највредната инвестиција.

Репутацијата е во прашање - да се остане вон стадото, луѓето сакаат да се прикажат како светски водечки експерти за едена одредена област преку пишување на статии и книги или држење на предавања и работилници од таа област. (Ако погледнете во мојата историја ќе видите дека и самиот сум виновен за ова).

Иако истражувачките програми на многумина од овие специјалисти се привлечни, листата на психичките карактеристики (силни страни), мотивацијата и системите на верување поврзани со благосостојбата се огромни. Следниот чекот мода да биде директно да се споредат овие различни атрибути со нивниот капацитет за унапредување на адаптацијата (прилагодувањето) и усогласувањето.

За да ја растераме маглата од овој голем број на психолошките конструкти поврзани со благосостојбата, потребно е истражувачите да ги истражуваат овие психолошки конструкти и благосостојбата паралелно, и тоа во поголем временски период (лонгитудинално). Ова неодамна, на меѓународен примерок од 755 индивидуи, го направивме јас и моите колеги. Ние споредувавме десет психички карактеристики (силни страни) со нивниот капацитет за:

А: предвидување на остварувањето на целите

Б: предвидување на најголеми промени во благосостојбата, како резултат на остварените цели

Во овој метод, психичките карактеристики (силни страни), кои имаат капацитет најдобро да предвидат дали луѓето ќе бидат успешни во остварувањето на целите и благосостојбата која произлегува од нивното остварување, се карактеристиките највредни за унапредување или развој.

Кои десет карактеристики (силни страни) ги испитувавме?

  1. Истрајност/посветеност и мотивација за долготрајни цели

  2. Благодарност

  3. Љубопитност

  4. Уживање

  5. Внатрешно чувство на контрола

  6. Присуство на смисла во животот

  7. Употреба на силните страни и знаење

  8. Став за потрага по среќа преку максимизирање на задоволство и минимизирање на болка

  9. Став за потрага по среќа преку ангажирани активности

  10. Став за потрага по среќа преку потрага по живот со смисла

Сите од овие десет психички карактеристики ги поврзувавме со благосостојбата од бројните студии, иако повеќето од студиите веќе вклучуваа вкрстени варијабили. Во оваа студија сите десет карактеристики беа аплицирани повеќекратно во текот на годината, заедно со мерките за (А) остварување на целите и (Б) субјективното доживување на благосостојба - дефинирано како комбинација од задоволство, чести позитивни емоции и ретки негативни емоции.

Што пронајдовме?

Кога станува збор за тоа која од овие десет карактеристики (силни страни) самостојно има капацитет за поголема предикција (предвидување) на зголемување на шансите за остварување на целите во текот на времето (во два одвоени шестмесечни периода) одговорот е: љубопитност и истрајност/посветеност и мотивација за долготрајни цели.

Но, со оглед на тоа дека луѓето понекогаш страсно се врзуваат за погрешни цели од кои имаат сосем мала корист, поважно прашање беше: која карактеристика (силна страна) ги зголеми ефектите од остварувањето на целите врз субјективната благосостојба? (Односно, која карактеристика посредно влијаела врз - и го зголемла - субјективното доживување на благосостојба постигнато како резултат на, односно ефект од остварените цели - забелешка на преведувачот).

Единствена карактеристика која се покажа како карактеристика (силна страна) која го зголеми ефектот на остварените цели врз субјективното доживување на благосостојба низ шестмесечените периоди, двапати во текот на годината беше љубопитноста. (Истрајноста/посветеноста и мотивацијата за долготрајни цели го зголеми ефектот на остварените цели врз субјективното доживување на благосостојбата во текот на еден од шестмесечните периоди.)

Оттука, користа од љубопитноста и истрајноста/посветеноста и мотивацијата за долготрајни цели се покажа како потрајна и поконзистентна во однос на онаа од останатите осум психички карактеристики (предности/силни страни) кои беа предмет на проучување во оваа студија.

Овие резултати се возбудливи но, постои една важна забелешка која мора да се има на ум: листата на овие психички карактеристики (силни страни) во никој случај не е потполно исцрпна и постојат и други важни резултати кои треба да се разгледаат покрај овие во студијава - вклучувајќи го тука животното задоволство, позитивните емоции и негативните емоции. Замислете да истражувавме поинаков исход (да нѐ интересираше нешто друго а не благостојбата - забелешка на преведувачот). Кои силни страни (карактеристики) тогаш ќе беа „победници“ доколку фокусот беше на одржување на задоволителна, интимна, страсна романтична врска? Што ќе „победеше“ доколку фокусот беше на тоа да се биде продуктивен на работа? Или креативен на работа? Растење на автономно и мило (љубезно) дете кое се чувствува сигурно и сакано? Која комбинација од силни страни (карактеристики) тогаш ќе беше најдобра? Постојат толку многу прекрасни истражувања кои чекаат на нас. Во тоа име, оваа меѓународна лонгитудинална студија е ветувачка за продолжување на истражувањата низ помали студии, за тоа како љубопитноста и истрајноста/посветеност и мотивацијата за долготрајни цели овозможуваат луѓето да пронајдат постојани извори на радост и задоволство во стремежот (и потрагата) по живот исполнет со смисла.

Заборавете на додо пресудата: ајде да ги ставиме на тест нашите идеи за тоа што најдобро функционира, за кого и под кои услови. Одново и одново.

Автор на текстот: Тод Кашдан

Забелешка на преведувачот:

Со оглед дека текстот не е лесен за читање и потребно е предзнаење од областа на методологијата на психолошките истражувања, направени се (во два наврати) директни интервенции во текстот и истите се уредно обележани со следново: „- забелешка на преведувачот“. Интервенцијата е направена заради контекстуално објаснување кое е поблиску до духот на македонскиот јазик.

Исто така, потребено е посебно објаснување за изразот „истрајност/посветеност и мотивација за долготрајни цели“ кој во англискиот јазик е означен со само еден збор - grit - кој се однесува на позитивни, не-когнитивни карактеристики базирани на страста на индивидуата за некоја одредена долготрајна цел, во комбинација со силна мотивација истата да се оствари. Со оглед на тоа дека во македонскиот јазик не постои збор соодветен за покривање на оваа комбинација на карактеристики, одбран е описен израз, наведен погоре во овој пасус во наводници.

Читателот на овој превод треба и ова да го има на ум: во контекст на овој превод изразите како „карактеристика“, „силна страна“ или „предност“ се користат како синоними и се однесуваат на психички карактеристики кои се силната страна односно предноста на поединецот. Во англискиот јазик тие се сретнуваат под изразот - strength - што буквално значи „сила“, но во контекст на психологијата овој израз се користи за означувањето на потенцијалите, моќта, силната страна на личноста.

 
 
 

Kommentare


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page