За (не)кажувањето на вистината
- pozitivnapsihologija
- Mar 19, 2015
- 6 min read
ВИСТИНА - голема тема, нема што! Но, што уште да се каже за неа, што веќе не е кажано?
Вистината секогаш излегува на виделина.
Вистината боли.
Вистината никогаш не може да се сокрие.
Говорете ја вистината дури и кога гласот ви трепери.
Вистината сите ја сакаат, никој нејќе да ја проголта.
Вистината ова, вистината она ... Вистина, вистина, вистина!
Сѐ од умни поумни кажуванки!
Ако е толку важна и високо цената (а Е - нема дилема), тогаш, сте се запрашале ли, зошто луѓето честопати не ја кажуваат вистината. Сте се запрашале ли зошто луѓето лажат?
Нема да должам: луѓето лажат затоа што се несреќни. Поинаку кажано: несреќните лажат.
Затоа драги мои, во овој текст нема да ја глорифицираме вистината (иако таа бездруго ја заслужува славата и според мене во приоритетите на човековото живеење се изедначува со слободата!), ниту пак ќе ја кудиме лагата (која, рака на срце, и не е толку црна особено ако ја држиме подалеку од себе!).
Овој текст нема да упати ни прекор до луѓето кои лажат (за кои нема место за оправдување, но ни потреба од влошување на и онака гадното и мачно чувство кои тие го имаат самите за себе и истото го шират околу себе како отровен чад!).
Овој текст ѝ е посветен на вистината за оние кои имаат потреба да ја скријат или превртат наопаку. Овој текст им е посветен на несреќнте - на оние кои немаат храброст да ја кажат. Тој им е посветен на сите оние кои (од ним познати причини) одбираат да не ја стават вистината пред себе туку под себе, па мислејќи дека ја газат пропаѓаат сѐ подлабоко, додека таа, светла и лесна, одамна им е надвисната на главите и мирно чека да биде погледната и признаена.

Овој текст им е посветен на луѓето. Да - на луѓето. Не на „лажговците“ и „параспурите“. Не на „нечесните“ и „подлите“. И не на „поганите“ и „бедните“. (Овој текст нема да „лепи етикети“!)
Овој текст им е посветен на несреќните луѓе - на човекот во нив. На човекот кој има потреба од љубов и прифаќање, од грижа и простување, од признавање и подобрување. Како и секое друго битие и оној кој лаже има потреба од таа љубов, грижа и признавање и тоа дотолку повеќе затоа што токму нивното отсуство го одвело човекот до таму - во лага.
Во овој текст нема на долго да пишувам (воведов е и онака веќе доволно долг!). Само ќе поставам неколку прашања. Ќе ги прочитате, ќе си одговорите и толку.
Умни сте и совесни и нема што дополнително да се елаборира. Преку прашањата, се надевам, ќе успеете да ги видите од една позитивна перспектива сите оние кои немерено патат и немајќи друг излез смислуваат бескорисни (дури штетни) лаги, небаре тоа ќе им помогне да се исправат на сопствените нозе. Но затоа сте вие тука - да им помогнете на ближните и саканите.
Овој текст цели кон тоа да ве поттикне да го видите најдоброто во оние кои лажат, а не најлошото. Да ве охрабри да се доближите до „грешникот“ за да го оддалечите од „гревот“. Со тоа овој текст е подеднакво упатен и до вас лично - како битија кои во своја близина имаат една несреќна душа.
Затоа, посакувам прашањата наведени подолу да ги прочитате без строгост, затоа што она што го може благоста, не го може строгоста (стара и добро позната мудрост!). За да можете да го видите оној кој лаже од позитивна перспектива стивнете го бесот кој ви навира при помислата дека сте биле преварени/излажани и обидете се да го погледате маааалку поинаку. Фокусирајте се на човекот (не на „лажгото“). Направете го тоа преку срце а не преку ум, затоа што, како што нѐ подучи големата Скопјанка: сѐ додека им судите на луѓето, нема да имате време да ги сакате. А зошто би? Затоа што на оној кој отишол во погрешни води му е потребен светилник (оној кој е во вистинските и онака знае каде плови). Затоа што несреќата во која се оние кои лажат, е место од кое без љубов и сами нема да може да излезат. Ете, затоа. Затоа сте вие тука.
Сега еве ги прашањата. Ги поделив во неколку групи.
Првата е за човекот кој (ајде така да кажеме) не се „снаоѓа“ баш најдобро со кажувањето на вистината. Размислите ... дали е среќен?
Дали некој кој е исполнет и среќен ќе има потреба да лаже? Зошто би го направил тоа?
Дали сте свесени за она што го чувствува, што го има во душата на оној кој лаже? Пекол или рај?
Имате ли поима каква е сликата за себе и сликата за околината на оној кој лаже? Полна со изобилие или пустош?
Што мислите, оној кој лаже, има ли висока или ниска самодоверба?
Знаете ли што доживува оној кој лаже кога ќе дојде прашањето за прифаќање на онаков каков што е? Си мисли ли дека ќе биде топло прифатен или брутално отфрлен?
Има ли мир во душата оној кој лаже? Битието му е во баланс или вознемирено, што мислите?
На каде е ориентиран оној кој лаже, знаете ли? Има ли чувство дека оди по вистинскиот пат до љубовта или има доживување дека упаѓа од трн на глог?
Дали оној кој лаже има чувство дека некогаш ќе стигне до она кое најмногу ми е потребно (љубов и прифаќање) или во грчевитата борба сѐ повеќе се оддалечува од она кое му е најпотребно?
Дали оној кој лаже чувствува тензија и вознемиреност или веселост и радост?
Дали оној кој лаже чувствува дека неговиот живот има смисла или е бесмислен?
Одговорете си на прашањава. И само замислете си како всушност се чувствува тоа битие. Само замислете!
Ако си ги дадовте одговорите на овие прашања, еве нова тура во врска со тоа како да се постапи со некој кој постојано лаже. Размислите ... дали да го казните или утешите?
Што ќе направите кога ќе видите човек во неволја, несреќен, изгубен и збунет човек? Ќе го згазите уште повеќе или ќе го извадите од калта? [Aко има потреба од повеќе нежност еве понежен пример: Што ќе направите кога ќе видите дете кое во игра се повредило? Ќе му се изнавикате (или далеку било, ќе го изнатепате) дополнително или ќе го гушнете и ќе го држите во прегратка додека да помине болката?]
Одговорете си искрено. И преминете на следната група прашања. Размислите ... од каде потребата да се лаже?
Дали мислите дека „лажго“ се раѓа или се создава? Ако некој имал љубов, прифаќање и одобрување - зошто би лажел?
Дали мислите дека „лажго“ се создава во семејство кое дозволува (и љуби) или во семејство кое забранува (и отфрла)?
Искрено се надевам дека сега сте уверени дека:
Оние кои не можат да ја кажат вистината се веќе и премногу несреќни.
Лажењето е крик за љубов.
Прифаќањето им е најпотребно на оние кои го немаат.
Љубовта им е најпотребна на оние кои се оддалечиле од својата (добра) природа.
Сите оние кои се склони на превртување на вистината не се нужно лоши, туку имаат превртен (недоволно добар) начин да дојдат до неа.
Толку, драги мои.
Следен пат кога ќе се соочите со некој за кој знаете дека лаже, помислете на „пеколот“ кој го живеат (и кој го живееле). И сами одлучите што понатаму.
Сакате ли да се дружите со такво лице?
Ако одговорот е ДА, тогаш не губете време со прекор, туку покажете љубов.
Отворено но нежно поставете му го прашањето што се случува со тебе. И бидете подготвени да ја слушнете (и прифатите) неговата вистина. Зашто можноста дека таа е тешка за „проголтување“ е голема. И не, нема да биде лесно зашто она „од денес ќе се сменам“ нема да се случи преку ноќ. Едноставно, старите навики се тешки за менување, но тоа не значи дека се непроменливи. За некој да порасне преку ноќ, потребни ќе бидат многу денови свесна работа на себе. Бидете подготвени и свесни за ова!
Ако одговорот е НЕ, прекинете ја врската. Повторно, отворено и нежно соопштете ја својата позиција. Кажете дека во вашиот живот нема место за несигурни и несреќни луѓе. Нема место за оние кои не сакаа да растат и да се менуваат.
Дали ќе бидете мирни со таа одлука? Вие си знаете!
Како и да е, најмалку корисно е да останете во комуникација (однос) со некој кој ве лаже и ништо да не направите околу тоа.
За крај, не заборавајте: ако не сме способни да ја разбереме туѓата позиција (мислење, емоција, состојба) не сме способни да ја разбереме ни сопствената.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

















































Comments