Секое зло - за добро.
- pozitivnapsihologija
- Mar 12, 2015
- 4 min read
Нешто за оптимизмот и народните мудрости.
Многу ја сакам народната мудрост.
Во неа е сублимирано големо знаење и искуство кое честопати се пренебрегнува, се сфаќа здраво за готово или се отфрла како недоволно релевантно за современите трендови на живеење.
Но вистината е дека во народната мудрост е просеано многу повеќе од она што може еден современ човек на прва да си замисли. Многу ја сакам народната мудрост. Во неа на брилијантен начин е „спакувано“ она малку зборуе - многу кажуе (идеал за кој се прашувам дали некогаш ќе го достигнам?!? :-) :-)).
И светлите бисери на мудроста понекогаш запаѓаат во мрак. Но, не исчезнуваат, затоа што мислата не може да ја снема. Еднаш создадена, таа е вечна.
Време е прашината од овие скапоцености да се зачисти. Вреди да се размисли за нив, со остар, бистар и отворен ум.
Денеска, сакам гласно да проговорам за еден бисер на народната мудрост кој вели: секое зло - за добро. Со ова сакам да ве охрабрам да погледате од светлата страна на животот, од она оптимистична, ведра и полна со верба дека работите одат на подобро. Конечно, тоа е ваш избор - од која и кон која страна ќе гледате - но, моја работа е да ги откривам и промовирам позитивните перспективи за животот, за да не потонат во мрак, незнаење или заборав, туку да ви бидат на услуга и од корист вам, кои ќе дојдете до овие редови.

Да тргнам ...
Оние кои спознале нешто (од кое многумина се далеку) порачуваат дека секое зло е за добро.
Ќе си помислите - зошто да им веруваме кога ситуацијата не може да биде поцрна или како да им веруваме кога гледаме дека од ова подолу не може. Знам, тешко е на некој кој е долу да му се објасни дека скалилата за горе почнуваат токму од таму. Речи си невозможно е некому да се објасни дека треба да падне за да стане. Но, сакал или не, никој не може да ѝ се противи на оваа вистина. Прашањето е дали ќе останете таму и ќе продолжите со она со кое се бавите или ќе ја подигнете главата кон горе и ќе почнете да се искачувате кон светлината која ја гледате.
Затоа, го поставувам прашањето дали знаете која е вистинската функција на злото. Зошто воопшто постои зло?
Не? Не ви текнува?
Затоа што само преку злото можеме да спознаеме што е добро!
Ете, кратко и јасно!
Она што го сакаме, го осознаваме преку неговиот контраст! Тоа е главната вредност на постоењето на сето она што не го сакаме, не го одобруваме, она со кое не се сложуваме и против кое сме спремни да се бориме. Само преку негово постоење стануваме свесни за она што вистински го сакаме!
Затоа драги мои, не беснејте кога нештото станува „црно“, „лошо“ или „зло“. Има свое зошто е тоа така! А така е затоа што само во темница можеме да ја видиме светлата точка.
Затоа, секогаш кога работите стануваат од лоши полоши, нека не ве фаќа нервоза. Не губете време со ковање планови за одмазда, не полнете го срцето со омраза и не трујте ја душата со очај. Не загадувајте си го битието со бес, срџба или гнев.
Наместо тоа, погледајте го постоењето на злото од овој позитивен аспект за кој говорам. И не лутете му се, туку речете му добредојде (така побрзо ќе си замине ;-)). Не мразете го, туку засакајте го (така поскоро ќе го снема ;-)).
Како?
Еве како ...
Kога работите нема да се онакви какви што посакувате да се, веднаш (ама веднаш!) присетете се дека секое зло е (најава) за добро. Сетете се дека работите секогаш се одвиваат токму онака како што е најдобро (најдобро за комплетниот контекс, што значи најдобро и за вас). На пример, сетете се дека е добро што сте дале (или добиле) отказ, затоа што знаете дека ве чека (дека заслужувате или посакувата) подобра работа. Сетете се дека тоа што девојката ве оставила е добро, затоа што вашата идеална половина со голема желба чезнее за вас. И да не небројувам повеќе примери, секој има своја, нему позната случка од животот кога му изгледало „лошо“ ама работите сепак („на крајот“) „испаднале“ добро (за него и воопшто за целата работа). Нема човек без вакво искуство! Потребно е само да си го повторувате ова сознание и да го вградите во својот генерален став кон животот. Потребено е да го вежбате оптимизмот!
Главната поента на овој текст е да потсети дека функција на злото не е „да го завладее“, туку да го разбуди светот. Неговата улога е да ви ги отвори очите за она кое вистински го сакате (а не да ве наполни со лошотилак). Уште повеќе, намената на злото е да ве поттикне да го откриете и да го потврдите постоењето на доброто во себе, како и да ве придвижи кон негово остварување (не да ве втурне длабоко во пропаст - што само самите ќе си го направите доколку одберете негативни мисли, емоции и постапки).
Човек понекогаш навистина не може да ја види шумата од дрвјата. Но тоа не значи вечно да талка низ неа, несвесен дека шумата (колку и да му изгледа голема) некаде сепак завршува. Залудно ќе биде потрошен животот ако човек западне во мисла дека шумата е комплетниот Универзум, кога на сите нѝ е јасно дека тоа е само еден негов (мал) дел. Затоа, драги луѓе, потребно е секогаш да имате на ум дека сѐ се случува за некое поголемо добро за кое можеби во момнтот не сте свесни.
Многу ќе биде ако продолжам. Сигурна сум дека веќе одлично ја разбравте поентата.
Сега, останува на вас да го практикувате ова секој ден. Оптимизмот е важен, особено за оние моменти и ситуации во кои најмалку сакаме да се најдеме. Не пливаме секој ден, но ако случајно упаднеме во поголема вода, тоа што умееме да пливаме ќе ни го спаси животот. Исто е и со оптимизмот.
Со оптимизам и ведрина Ве поздравувам,
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

















































Comments