Самодисциплина
- pozitivnapsihologija
- Mar 9, 2015
- 4 min read
Врвна животна вештина преку која можеме да постигнеме среќен живот исполнет со смисла и благосостојба - или животен испит на кој повеќето паѓаат.

Кого успешен и да го прашате како успеал во животот несомнено една од работите кои нема да пропушти да ви ги каже е дека тоа го постигнал преку упорност и/или истрајност. Но, што всушност некој сака да каже кога ја споменува упорноста и/или истрајноста како еден од клучевите за својот успех?
Иако зборот упорност (па и истрајност) имплицира напор - што сам по себе исклучува позитивни аспекти, а вклучува мачење, издржување на некаква тежина, обиди и грешки, паѓање и повторно станување - во суштина, зад овој термин се крие една исклучително позитивна и неповторливо корисна „алатка“ за постигнување на успех.
Во контекст на позитивна психологија, упорноста/истрајноста претставува континуирано повторување на активности кои водат до остварување на поставената цел. Еден од главните „тајни инструменти“ на упорноста/истрајноста е самодисциплината.
Иако многумина успешни можеби и нема да речат дека заради самодисциплината го постигнале она што го сакале (туку ќе го употребат не многу пријатниот збор „упорност/истрајност“) сепак, вистината е дека токму заради поседувањето на висока самодисциплина, успеале да го постигнат нештото. Рака на срце, ни зборот самодисциплина не буди баш многу пријатни доживувања заради тоа што и тој пак сам по себе вклучува некакво „устројување“ на сопственото однесување и имплицира „откажување“ од некои други „слободни“, па и „лесни“ облици на однесување. Но, вистината не е баш таква.
Самодисциплината може да им изгледа како некакво „ропство“ само на оние кои се недисциплинирани (читај: распуштени и неодговорни) кон самите себе си. Во суштина, самодисциплината има далеку повеќе корисни аспекти отколку што тоа може да си го замисли некој кој не обрнува внимание на нив.
Заради тоа, и покрај по малку морничавото чувство кое може да го поттикне овој збор, сметам дека е корисно да се погледне самодисциплината од близу со цел да се извлече максимумот од неа во остварувањето на живот исполнет со смисла, среќа и благосостојба.
Да ја погледаме ...
Што претставува самодисциплина?
Самодисциплината е животна вештина. И таа се учи. За да се совлада на ниво на вештина, потребно е однесувањето да се практикува и повторува постојано во секојдневниот живот (како впрочем и секоја друга вештина).
Од што е сочинета?
Самодисциплината е сочинета од мотивација и самоконтрола. Значи, за да изградите самодисциплина потребно е да сакате да го направите тоа и да имате контрола над своето однесување (она кое ќе го одберете како корисно за вас).
Зошто е важна?
Во контекст на позитивна психологија (и остварување на живот со смисла, среќа и благосостојба) самодисциплината е важна пред сѐ заради тоа што луѓето со висока самоконтрола се посреќни од оние кои имаат ниска самоконтрола (Wilhelm Hofmann). Ова добро запомнете го!
Зошто самодисциплинираните се посреќни?
Заради тоа што се поспособни да се справат со конфликтни цели. Овие луѓе поминуваат помалку време расправајќи за тоа дали да се впуштат во однесување кое е штетно за нив и нивното здравје и истовремено тие полесно донесуваат позитивни одлуки. Тие не дозволуваат нивните избори да бидат диктирани од импулсите. Наместо тоа, тие носат информирани, рационални одлуки на дневна основа, без притоа да чувствуваат стрес или да се вознемирени заради тоа.
Како да се подобри самодисциплината?
Има повеќе начини, но поважно од нив е да ја разберете разликата меѓу воспоставување на самодисциплина и форсирање на самодисциплина.

Ако се прашувате како да ја препознаете, (разликата меѓу воспоставување и форсирање на самодисциплина) еве ја суштината: воспоставување ќе ви помогне да воведете позитивни навики и/или да прекинете одредени негативни навики, со тоа што ќе носите поздрави одлуки за себе; форсирање ќе ве притисне до точка на кршење без да понуди квалитетно придвижување кон животната благосостојба и ќе ви понуди само стрес, напнатост и разочараност.
Конечно, разликата ќе морате сами да ја почувствувате. Таа со зборови може да ви се доближи, но не може потполно да се објасни додека не се искуси!
~ ~ ~
За крај, според мое видување, ова се трите најбитни работи кои би било корисно да ги знаете доколку сакате да воспоставите и зајакнете самодисциплина:
Отстранете го сето она кое може да ве расее. Сите искушенија, сите оние нешта кои вообичаено ви го одвлекуваат вниманието а кои ви се потполно некорисни - свесно, отстранете ги. Фокусирајте се само на она кое навистина ви користи.
Јадете редовно и здраво. Може да ви изгледа како смешка дека преку редовно и здраво хранење можете да направите нешто повеќе за својата самодисциплина, но не е така. Редовното и здраво хранење го држи нивото на шеќерот во крвта стабилно. Во спротивно ризикувате да бидете раздразливи и нервозни со што автоматски фокусот на вниманието и контролата на однесувањето ги ставате надвор од свои раце.
Не чекајте додека да „почувствувате дека тоа е она вистинското“. Зајакнување на самодисциплината значи менување на вашата вообичаена рутина, што може да биде доживеано како непријатно и мошне несмасно. Имајте предвид дека делот од мозокот кој е одговорен за создавање на навиките (basal ganglia) е истиот оној кој се поврзува со емоциите, обрасците на однесување и помнењето. Од друга страна, за носењето на одлуки одговорен е сосем друг дел од мозокот (prefrontal cortex). Кога одредено однесување станува навика, ние престануваме да ги користиме вештините за носење на одлуки и наместо тоа функционираме автоматски (што ќе рече: по навика). Заради тоа отстранувањето на негативна навика и градење на позитивна навика, не само што бара од нас активно да донесеме нова одлука туку истото ќе нѝ се чини како погрешно. Мозокот едноставно ќе ја одбива промената на сметка на она на кое е веќе програмиран. Тогаш, што е решението? Прегрнете го „погрешното“. Забележете дека ќе помине одредено време додека вашата нова рутина да почнете да ја „чувствувате“ како позитивна или макар како неутрална. Држете се до одлуката, чувството ќе се појави кај и да е.
Со среќа и само дисциплинирано :-) ...
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comments