За откажувањето
- pozitivnapsihologija
- Mar 4, 2015
- 4 min read
И да се предадете - вие никогаш не сте губитник.

Многумина кои работат на полето на мотивирање препорачуваат никогаш да не се откажуваме. Истото честопати може да се слушне како порака и од многу луѓе кои постигнале големи успеси во своите лични животи. Генерално кажано, нивната порака е - не откажувајте се.
Сепак, како психолог наполно сум свесна за притисокот кој го трпи лицето кое ем е далеку од патот до успехот (и му доаѓа да се откаже) ем добива порака да не се откаже - што само по себе му прави дополнителен притисок, заради тоа што ја поттикнува (во позадина) помислата (а со тоа и доживување) дека е губитник ако се откаже.
На човек кој е на некакви маки, неодговорно и сурово е да му се рече - не предавај се (или варијанти на темата: „ти можеш“, „издржи“ и што ли уште не). Иако пораката („не откажувај се“), сама по себе е извесно позитивна (и целта ѝ е да мотивира, да охрабри, да го подигне оптимизмот), влијанието кое може да го има врз човек кој е во неволја може да биде сосем негативно и разорно за него, затоа што од негова страна може да биде доживеано како своевидна закана: „ако се откажеш, ти си губитник“.
Овде е моето внимание и поентата на овој текст.
Моето лично убедување е дека една од пострашните работи кои човек може сам да си ја направи е да се откаже. Затоа, можам да кажам дека делумно се согласувам со тврдењето дека никогаш не треба да се откажеме, но овде би додала и силно би подвлекла - од себе си.
Што значи ова?
Ова значи дека што и да правите правете го затоа што чувствувате (не затоа што мислите!) дека нештото е најдобро за вас. Зошто? Еве вака ...
Кога веќе сте долу (сте потиштени, ранливи, измачени, предолго чекате на нешто), тоа како доживување е и онака доволно лошо за вас. Во таква ситуација, навистина нема ниту една разумна причина за додавање на притисок, кој би си го направиле со помислата дека сте губитник ако се откажете. Навистина нема потреба од додавање на масло на огинот и на поттикнување на мисли и емоции кои нема да ви користат. Во ситуација која сама по себе е неподнослива (и попрво би се откажале отколку да продолжите), навистина нема потреба од дополнително казнување, кое ќе ве докусури како битие. Ова прво!
Значи, што да се прави? Да се откаже човек или не?
Првата работа - опуштете се. Најздравата реакција која човек може да ја направи кога е под притисок е да се олабави. Дајте си (разумно) време за да го рекреирате сопствениот баланс. Кога ќе постигнете, со ладна глава и лесно срце ќе го согледате и доживеете комплетниот контекст во кој се наоѓате и дури тогаш носете одлуки како понатаму.
А понатаму, дали ќе избрете да се откажете (од замислата, од целата) или ќе го продолжите патот, тоа ќе зависи од вас (и само од вас).
Најважно е да запомните дека во никој случај вие не сте губитник. И да се откажете и да продолжите понатаму, вие не сте поразни. Зошто? Затоа што не сте се предале себе си.
Ако со бистар ум и лесно срце согледате дека нештото кое сте си го зацртале не било во согласност со вашата суштина (туку било креирано од некаков пркос или од каква и да е друга причина, која била релевантна за вас во минатото), ќе можете да процените дали е тоа сѐ уште толку блиску до вас и дали е тоа она кое навистина го сакате. Врз основа на ова носете ги одлуките.
Ако откриете дека тоа нешто сѐ уште многу ви значи - тогаш, не откажувајте се.
И иако можеби ви изгледа како неостварливо (а сепак сѐ уште многу ви значи) - не откажувајте се.
Но, ако откриете дека нештото повеќе не е она што го сакате од сѐ срце или ако само помислата на тоа нешто ви е мачна (а се приморувате да продолжите) - тогаш, баталете го. Притоа (повторувам) вие не сте губитник. Ќе речете, „како не сум губитник кога се откажав“. Не, не сте губитник затоа што на овој начин вие всушност ќе се вратите себе си во својот живот. Со тоа што ќе се откажете од нешто што ве мачи вие престанувате да ја живеете имагинацијата која повеќе не ви е значајна. И со тоа ќе го вратите своето најсуштинско на вистинскиот пат.
Да не се разбереме погрешно. Јас ниту навивам за откажување, ниту за не-откажување.
Акцентот го ставив на не-предавање на себе си. Доколку не сте се изневериле себе си - вие не сте се откажале од себе си (независно дали сте се откажале од нешто кое повеќе не е ваша суштина).
За крај, ако сте во добар контакт со себе си и сте свесни дека сакате да продолжите со нешто чиј резултат ќе ви значи, ќе ве израдува а кое ете, така некако за момент станало по малку мачно, тогаш еве една порака (од Zig Ziglar) која може да ви користи - кога ви доаѓа да се откажете, потсетете се зошто сте се држеле толку долго.
И ...
Само храбро и смирено ...
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comentarios