top of page

Приватност

  • pozitivnapsihologija
  • Feb 26, 2015
  • 7 min read

Деновиве не ретко ја слушам поговорката која парафразирана звучи нешто како „поарно е да не живеете во интересни времиња“ (сите знаеме зошто ова е толку многу повторувано во последно време, но тоа не е тема на моево писание).

Тогаш, ќе се прашате, каква врска имаат „интересните“ времиња со насловот на овој пост - приватноста? Поврзаноста е во тоа што „интересните“ времиња стануваат такви кога ќе се дознае (ќе се објави) „нешто“. А она што деновиве се дозна (и стана јавно) е фрапантна повреда на приватноста. Ете, тоа ме инспирира да се осврнам на оваа тема, без притоа воопшто да коментирам (ниту со еден збор) што било поврзано со содржината на повредата на приватноста. Толку за ова!

Она на што овој пост е посветен е како што кажав и во насловот, приватноста, нејзиното значење за човекот, но и по нешто за последиците од нејзино нарушување (на кои се осврнувам само и исклучиво со цел да ја акцентирам потребата од нејзината заштита).

Да тргнеме.

Приватна зона

Приватноста претставува сфера на живеење која е инхерентна (вродена, базична) и кон која човекот е особено чувствителен. Тоа е неговата интима, нешто што е само негово и нешто за кое тој сам одлучува со кого и во каква форма ќе го сподели.

И иако е културолошки условена (секоја култура има различни критериуми за тоа што е приватност), приватноста секогаш го има горе опишаното значење за индивидуата. Таа е едноставно неразделна од човекот.

Во контекст на мотивите приватноста е еден од основните, базичните мотиви кои спаѓаат во сферата на сигурност и безбедност, односно сѐ она кое се поврзува со интима, прибежиште, заштита. Со еден збор, приватноста е есенцијална за животот на поединецот и како таква таа имплицира силна потреба од чување на овој егзистенцијален аспект на животот. Значи, без приватност, нема живот (не како здраво човечко битие!).

Ако за сиромаштијата се вели дека претставува најголемото зло(сторство) кое може да му се нанесе на човештвото (како колектив/група/заедница), тогаш овој епитет може да ѝ се припише на повредата на приватноста, затоа што таа е најголемото зло(сторство) кое може да му се нанесе на човека (како индивидуално битие).

Во времево во кое живееме, човекот е на сигурен пат да ја изгуби својата приватност потполно. А најстрашната работа е што de facto е „уценет“ сам да си го направи тоа! Оваа „уцена“ иако брутална, има суптилни инструменти на делување и токму заради тоа таа е тешко препознатлива. Баш заради отсуството на свесност за притисокот самите да се откажеме од својата приватност (а со тоа и со сопствената суштина) зборот „уцена“ е ставен во наводници, бидејќи за видлива уцена човек знае дека е уценет, а во случајов станува збор за принуда за која многумина не се свесни.

Целта на овој текст е да ви го сврти вниманието кон „нежните“ механизми за манипулација и обидите за „истребување“ на сѐ што е вредно и човечко во вас. Со овој текст имам намера да ве поттикнам на преиспитување на она што е ваша лична сопственост, во смисла на интегритет, автономија и слобода. Тоа е мисија на овој текст. Да ве поттикне да го освестите оној дел кој се однесува на правата кои ви припаѓаат по раѓање а се однесуваат на вашата приватност и интима. Моја желба е убаво да размислите дали е вредно да го трампите суштинското во себе за лажното кое ви се ветува. Конечно, тоа е ваша одлука, но моја работа е да се осврнувам на позитивните аспекти на живеење а без приватност не само што нема позитивно живеење, туку нема живеење воопшто (битието едноставно умира кога нема слобода за растење, слободен избор и креирање).

Да погледаме сега, како се случува човек сам да ја „укине“ сопствената приватност.

Надгледување

Одамна (многу одамна) Аристотел забележал дека човекот е zoon politikon (за оние кои не знаат: човекот е социјално битие). Ова значи дека човекот станува човек живеејќи меѓу луѓе, живеејќи во заедништво (во општество). Човекот ги развива своите потенцијали и ги реализира истите во социјален контекст. Оттука, јасно е дека дел од индивидуалната среќа и воопшто од животот на човека ќе имаат свој социјален контекст. Признанието од другите е исклучително важно за индивидуата, уште од првиот ден од раѓањето. Затоа, (освен што важи она Декартово „мислам значи постојам“), важи и „препознаен сум (видлив сум/ јавен сум) значи постојам“.

Токму ова е суптилниот инструмент со кој им се одзема индивидуалноста (и приватноста) на поединците. Како? Со самото тоа што човек „не постои“ во одредена општествена рамка тој „како да“ не постои воопшто (што не е точно!!!). Преку пример: доколку немате сметка или популарно кажано „профил“ (внимавајте на овој не случајно одбран термин: „профил“) на некоја „социјална мрежа“ вие (како да) не постоите.

Живееме во време кога виртуелните „социјални“ мрежи го потврдуваат индивидуалното реално (3Д) постоење. И преку тоа всушност ја одземаат интимата и приватноста на оној кој членува на таквите мрежи.

Како човек кој поминал приближно шест години во ИТ индустријата, јас наполно сум свесна за целта на постоењето на овие „социјални“ мрежи, како и за начинот на нивното функционирање, така што многу добро ми е познато дека приватноста е невозможно да биде сочувана доколку човек е дел од која и да е социјална мрежа. Да не се разбереме погрешно, немам јас ништо против виртуелните социјални мрежи (имаат тие свои позитивни страни, не велам не). Но, сепак до сите вас кои имате „профили“ апелирам, внимавајте што ставате на нив и со каква цел. И никогаш не заборавајте, вие можете да ги уредите своите „профили“ и на максимум „приватно“ ниво, но никогаш нема да можете да ги заштитите од оние кои имаат непречен пристап до нив (а тие, верувајте ми, не се малку!).

Колку и да не ви се верува, социјалните мрежи (покрај површинските предности - оние по/јавни и видливи) служат како масовни системи за надгледување кои на најперфиден начин ја одземаат приватноста.

И нормално, како што тоа обично бива, лека-полека, човек се „навикнува“ на тоа да биде надгледуван и тоа не само преку социјалните мрежи туку и преку други системи поставени насекаде низ јавниот простор. Човек се „навикнува“ да живее со убедувањето дека „тоа нема везе“ и дека тука нема „ништо страшно“.

Еве неколку тези кои се пласираат, кои се максимално деструктивни а кои се користат во одбрана на кршењето на основните човекови права и слободи, каква што е приватноста.

Обрнете внимание.

Теза 1:

Сѐ додека сте јавно изложени, вие сте безбедни.

Погрешна!

Ова е комплетно погрешна теза, односно комплетно извртена теза која во суштина претставува еден насилнички обид да се „укине“ приватноста. Немате такво доживување? Не ќе е чудо, затоа што човештвото е под долготрајно убедување дека тоа (надгледувањето) се прави за негова безбедност. Се игра токму на најосетливата карта - сигурноста. Трикот е да се убедите (самите себе си) дека тоа се прави за ваше добро. Верувам дека многумина од вас си велат: „е добро де, ама ако ми се случи некаква незгода на улица или во некоја јавна или приватна зграда, барем ќе има доказ, ќе го ,фатат’ злосторникот“. Вистината (за жал) е сосема поинаква. Вистината е дека системите на надгледување (сите оние машини за „откуцување“ на работа, камери по ходниците, на ќошовите од крстосниците, на семафорите) не се заради ваша безбедност, туку токму заради тоа што вие сте тие кои треба да бидат „фатени“. На ова ќе речете: „но јас немам што да кријам, јас не сум злосториникот, па што ако ме снимаат“ или „баш убаво ако се снима, барем ќе ги видиме оние кои ги кршат правилата“. Но, ова е втората опасна теза на која се потпира овој брутален а толку суптилен инструмент и таа е:

Теза 2:

Добрите нема зошто да се плашат - лошите имаат.

Погрешна!

Дали ја разбирате разорната моќ на ова тврдење? Тоа вели: добри се (само) оние кои немаат приватност, тие (и онака) немаат од што да се плашат. Тезата продолжува со: оние кои имаат што да сокријат, односно имаат од што да се плашат, ете, тие се лошите (тие се криминалците, злосторниците). Дали разбирате дека со ова човечкиот род a priori се дели на „добри“ и „лоши“, притоа она што се толкува како „добро“ всушност претставува „доброволно“ откажување од сопствената приватност а она што е „лошо“ всушност е една нормална и здрава реакција, односно еден сосема човечки обид за зачувување на приватноста (кој намерно се маскира и се прикажува како криминал, тероризам и што ли уште не?!)

Дали разбирате дека сите ние кои тежнееме кон индивидуалните слободи (како услов за здраво живеење, за живеење на живот во кој ќе расте човечноста во нас) a priori сме сметани за „лоши момци“ на кои им се лепи етикета дека се зли и дека имаат (не)што да сокријат? Дали разбирате дека оваа манипулација (која лесно станува дел од менталниот склоп на оние кои „немаат што да сокријат“) всушност значи дека со тоа тие истите дозволуваат есенцијата на човековата слобода да биде жестоко осакатена. Ова е комплетно разорно мислење со кое се манипулираат токму оние „добри“ луѓе кои самите (со прифаќање на овој став) си ја „укинуваат“ сопствената слобода и дополнително го оправдуваат (а со тоа и учествуваат) во насилството кое се извршува врз сите (останати) поединци на човештвото.

Третата работа која е подеднакво (ако не и повеќе) опасна од горните две е:

Теза 3:

Вие можете да се чувствувате слободни само (и само) ако доброволно се откажете од намерата да бидете „бунтовници“.

Погрешна!

Притоа како бунтовност се толкува сѐ што е различно од мислењето на „стадото“ а особено сѐ што е во сферата на индивидуалноста, личната слобода и среќа (права кои сите ги имаме од своето раѓање).

Ова значи дека вие можете (ви се „дава“ правото) да се чувствувате слободни само (и само) ако се однесувате како што им одговара на оние кои ги поставаат правилата (и системите на набљудување). Секое „дигање глава“ ќе се казни а секое „свиткување на ’рбетот“ ќе се награди (со „кобајаги слобода“).

Дали разбирате дека овде се работи за човековото доброволно тргување со сопствена слобода? Овде се работи за суптилна корупција („подмитување“) на оној кој ве сака (на кого сте му потребни) послушни во замена за вашата сопствената слобода и за возврат ќе ве награди со „безбедност“?

Погледајте ги тезиве убаво! И добро (ама добро) размислете за ова.

Конечно, чувајте ја својата приватност. Таа ве прави она што сте.

За крај ...

Чувајте ја својата приватност

... ова што го кажав погоре не се однесува само на нарушувањето на приватноста од страна на поширокото општество, туку и на секоја непосредна околина (во која општествувате, од која сте дел).

Не заборавајте, повредата на приватноста има суптилно дејство и во суштина е „расипана трговија“ меѓу „моќниот“ и „послушниот“. „Моќниот“ може да биде родителот, сопругата/сопругот, пријателот, претпоставениот, со едно име оној кој на некој начин зависи од вас (некој на кого сте му потребни ... послушни).

Не се потценувајте себе си, значајни сте повеќе отколку што можете да замислите. Затоа не дозволувајте кој било да ја купи вашата вредност евтино. Ова не е повик за бунтовност без причина, туку повик за заштита на она кое по сите човечки правила ви припаѓа само вам. Сами одлучете со кого и на кој начин ќе ја споделите својата интима и приватност.

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page