Самопочитување - израз на тоа како ја оценуваме и доживуваме сопствената вредност
- pozitivnapsihologija
- Feb 18, 2015
- 5 min read
Високо или ниско, нашето доживување на себе си е комплексно и променливо.

Самопочитувањето е престижен „психолошки накит“ кој изроди милијарди тешка индустрија. Постојат толку многу програми, статии, книги и продукти кои ветуваат дека ќе ви го зголемат самопочитувањето, така што некој може да си помисли дека нашето разбирање на оваа карактеристика е мошне големо.
Тешко мене, е па не е - психолозите сè уште се расправаат околу тоа што всушност претставува самопочитувањето.
Но, по неколку децении расправии околу дефинирањето на самопочитувањето, како и околу неговите димензии и функции, постојат неколку работи околу кои психолозите се стремат да се договорат:
Постојат различни видови на самопочитување. Научниците во главно се сложуваат дека нашето доживување на сопствената вредност е и општо (како се чувствувате во врска со себе си генерално) и специфично (како се чувствувате во врска со себе си во специфични улоги и области во животот, какви што се вашето самопочитување како родител, како професионалец, како готвач итн.). Иако имаме бројни области на специфични самопочитувања, не сите се еднакво значајни затоа што ...
Влијанието на специфичното самопочитување врз општото самопочитување варира. Колку повеќе ви е значајно и важно одредено подрачје на специфичното самопочитување, толку повеќе тоа влијае врз вашето општо доживување на себе-вреднувањето. На пример, имањето на лош круг во голфот нема да направи голема штета, доколку голфот не ви е многу важен, но ќе остави голема трага во вашето самопочитување ако сте професионален играч на голф. Еве зошто:
Нашето самопочитување варира од ден на ден, од саат во саат. Слично како кога ќе станете на лева нога, еден ден може да се разбудиме и да се чувствуваме одлично со себе си а веќе следниот ден да сме потполно несигурни. Ние имаме тенденција да мислиме за самопочитувањето како да е генерално добро или генерално лошо, но всушност тоа е многу пораздвижено, постојано менувајќи се горе-долу врз основа на внатрешната повратна информација која самите си ја даваме и надворешната повратна информација која ја добиваме од средината. Сепак, некои луѓе имаат повисоко базично самопочитување отколку други ...
Повисоко самопочитување не е нужно подобро. Во идеален случај, вашето самопочитување треба да биде високо, но не превисоко. Самозаљубените луѓе имаат тенденција да имаат високи доживувања за сопствената вредност но, нивното самопочитување е и кршливо и нестабилно. И најмала „навреда“ може да направи самозаљубеното лице да се почувствува „повредено“. Тоа е причината зошто луѓето со добро, стабилно самопочитување имаат тенденција да бидат психички поздрави од луѓето со високо, но кршливо самопочитување. Ако некој мисли дека е неверојатно привлечен, тоа може да биде резултат на неговата самобендисаност а може да биде и вистински одраз на неговиот изглед - но тоа не кажува многу за нивното самопочитување затоа што ...
Самопочитувањето е неповрзано со физичката привлечност. Студиите покажуваат дека луѓето со ниско самопочитување се оценети од другите луѓе како подеднакво привлечни со луѓето со високо самопочитување. Она што прави разлика е како се претставуваме себе си. Замислете две лица подеднакво привлечни. Лицето кое се чувствува подобро во врска со себе си, се облекува поатрактивно и има повисока самодоверба, веројатно ќе остави далеку подобар впечаток од лицето кое се облекува помалку атрактивно, е несигурно и сомничаво. Ако сѐ уште верувате дека привлечните луѓе треба да се чувствуваат подобро со себе си затоа што добиваат поголемо внимание и комплименти размислете за ова ...
Луѓето со пониско самопочитување се отпорни на позитивна повратна информација. За жал, имањето на ниско самопочитување нѐ прави отпорни на комплименти и позитивната повратна информација, која може да го зголеми нашето доживување на сопствената вредност. Кога нашето самопочитување е ниско ние се чувствуваме недостојни за пофалба и всушност сме дотолку повеќе под стрес заради зголемените очекувања за кои веруваме дека пофалбата ги носи. Многу луѓе се обидуваат да го зголемат своето самопочитување давајќи си комплименти себе си во форма на позитивни афирмации, како што се „јас сум привлечна и вредна за љубов“ или „наскоро ќе постигнам голем успех“. За жал ...
Позитивните афирмации прават луѓето со ниско самопочитување да се чувствуваат уште полошо. Тажно, оние луѓе кои имаат ниско самопочитување, на кои најмногу им се потребни позитивните афирмации, имаат тенденција да се чувствуваат полошо во врска со себе си кога си ги повторуваат. Еве зошто: кога изјавата оди предалеку од нашиот систем на верување ние имаме тенденција да ја отфрлиме. Кога некој базично се чувствува слаб и немоќен, повторувањето на тоа колку се силни и моќни само ќе ги потсети колку всушност се чувствуваат обратно. Иронично, единствените луѓе кои имаат тенденција да имаат корист од позитивните афирмации се токму оние чие самопочитување е веќе високо. Позитивните афирмации не се единствениот популарен продукт за самопочитување на пазарот - има многу други и на повеќето од нив заедничко им е тоа што:
Најголемиот дел од програмите за поткревање на самопочитувањето не функционираат. Студиите покажуваат дека самопочитувањето на повеќето луѓе не се менува воопшто по употребата на продуктите или по завршувањето на одредени програми или работилници, чија цел е да го подигнат самопочитувањето. Па зошто тогаш индустријата на самопочитувањето е во таков подем и покрај сѐ? Излезе дека по одењето на програма за самопочитување ние ги изобличуваме нашите сеќавање за тоа како сме се чувствувале порано и сега гледаме на нашето самопочитување како да било пониско отколку што всушност било. Ние тендираме да веруваме дека нашето самопочитување е зголемено кога фактички тоа воопшто не се сменило. Срамота е што толку многу од овие програми и продукти воопшто не функционираат затоа што ...
Високото самопочитување функционира како емоционален имун систем. Кога нашето самопочитување е високо, ние сме помалку под влијание на стрес и анксиозност, ние ги доживуваме отфрлањата и неуспесите како помалку болни и заздравуваме од нив побрзо. На овој начин нашето самопочитување функционира како емоционален имун систем кој нѐ штити од емоционални и психички повреди. Очигледно, треба да правиме сѐ што можеме за да го заштитиме и зголемиме сопственото самопочитување, па сепак ...
Најголемиот дел од оштетувањата на нашето самопочитување се предизвикано од само-инфицирање. За жал, ние често одговараме на отфрлањето и неуспесите со тоа што стануваме самокритични, набројувајќи ги сите наши неуспеси и недостатоци, нарекувајќи се со погрдни зборови и во основа газејќи се себе си во моменти кога сме веќе паднати. Тогаш употребуваме крајно смешни и бесмислени оправдувања за да ја оправдаме повредата на самопочитувањето во моменти кога тоа е веќе повредно и боли - „јас го заслужувам тоа“, „тоа ќе ме направи поскромен“, „тоа е начин да ги држам очекувањата на ниско ниво“ или „точно е; се мразам себе си!“. Ако постои барем една „програма“ која сите треба да започнеме да ја практикуваме и која ќе направи чуда за нашето самопочитување, тогаш тоа е да ставиме крај на непотребното самокритикување и да го прекратиме говорот со кој се казнуваме себе си - а таа програма е бесплатна!
Автор на текстот: Гај Винч / Психолог
Превод: м-р Даниела Арсовска Богдановски / Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Забелешка на преведувачот:
Терминот самопочитување е превод од англискиот термин self-esteem. Во контекст на овој текст а и во контекст на психолошката литература под овој термин (самопочитување/self-esteem) се подразбира генерална, целокупна емоционална проценка на личноста за нејзината вредност, односно, ставот/мислењето кое го има личноста за себе си. Во психолошката литература на англиски јазик се прави разлика меѓу термините self-confidence (на македонски: самодоверба) и self-respect (на македонски: самопочитување). Содржините на последно споменатите два термина претставуваат дел од self-esteem (преведен во овој текст како самопочитување). Читателот треба да има во вид дека терминот самопочитување (self-esteem) во контекст на овој текст (и воопшто во контекст на психолошката литература) концептуално е поширок и од самодовербата (self-confidence) и од самопочитувањето (self-respect) и се однесува на веќе споменатата оценка која личноста ја има за својата вредност, односно како личноста ја оценува и доживува својата сопствена вредност, способности и капацитети, што мисли за себе си и каков став има кон себе си.
Можеби најадекватно би било терминот self-esteem да биде преведен како „себевреднување“, „самоуважување“ или „самодоживување“ но, со оглед на тоа дека овие термини не постојат (барем за сега) во македонскиот литературен јазик, направен е компромисен превод и за self-esteem даден е зборот самопочитување (кое ги вклучува и претставува спојување и преплетување на следниве конструкти: самодовербата, самопочитувањето, себевреднувањето, самоуважувањето и самодоживувањето).
Comments