Зошто некого не можете да го убедите во нешто?
- pozitivnapsihologija
- Feb 16, 2015
- 4 min read
Дали сте се запрашале, драги мои, зошто понекогаш некого едноставно не можете да го убедите во нешто? Колку пати ви се случило во разговор да кажете свое видување за и да не можете да ги уверите соговорниците дека тоа што го говорите е вистина?
Се случуваат такви работи, постојано, но прашањето е дали знаете зошто.
Кога некого не можете да го убедите во нешто, тоа знае да биде мошне фрустрирачко доживување. Вие знаете нешто, убедени сте во таа одредена вистина, но тоа никако не сакаат да го прифатат вашите соговорници. Ситуацијата може да се вжешти и да заврши непријатно за сите, доколку некој (читај: попаметниот) не попушти. А во случајов тоа сте вие! Зошто? Затоа што во тие ситуации токму вие сте во позиција која е помоќна и супериорна (во однос на знаењето кое го поседувате). Вие имате увид во нешто во што другиот нема. Ова е првата работа која сакам да ја нагласам!
Секогаш кога разговарате со некого за нешто и тој другиот никако да разбере дека работите се поинаку отколку што тој/таа смета, бидете свесни дека токму вие сте оние кои знаат нешто повеќе, нешто за кое вашите соговорници не се свесни. Ова сознание нека ви помогне да ја разберете (и со леснотија да ја прифатите) онаа народната. Бидете убедени, секогаш (без исклучок) попаметниот/помудриот е тој што попушта. Зошто? Затоа што тој знае дека другиот не го гледа она што тој го гледа. Свесен е за ова. Свесен е за ограничувањата кои ги има другиот, за недостатокот на знаење и во целиот тој контекст, мудриот не му се лути на другиот и не сака (не по секоја цена) да го убеди во она кое тој го гледа. Ова прво.
И второ, колку и да се обидува, знајте дека никој никого не може да го убеди во нешто. Ова запомните го добро и имајте го во вид кога и да зборувате со луѓето. Зошто? Затоа што секој од нас има свое видување за работите, има свое предзнаење, предубедување, своја перспектива, која е различна од нашата. Оттука, никој никого не може да го убеди дека нешто е вистина сѐ додека оној другиот (убедуваниот) самиот не се увери во тоа. А како ќе се увери (ако се увери!)? Така што ќе го искуси истото кое што сте го искусиле и вие.
Треба да разберете (и прифатите) дека зборовите не се оние кои подучуваат. Иако се тие многу моќно средство за пренесување на порака (на знаење), тие сепак не се оние кои можат да освестат (да подучат) некого, сѐ додека самиот не одлучи така. Преку примање на зборови (преку слушање) никој никогаш ниту се уверил, ниту се разбудил. Она што е најголем учител, она што буди и освестува е искуството. Колку и да убедувате некого во нешто, ако тој/таа го нема тоа искуство кое сте го минале вие, верувајте, нема да стане свесен што всушност зборувате. За да разбере што зборувате, мора да ја има вашата перспектива а тоа некогаш е можно, но честопати не.
Да резимирам, секогаш бидете свесни дека оној кој сака да сподели некоја вистина, некое ново знаење, секогаш е на различно ниво од оној со кого сака да го сподели тоа знаење. Ова е одговорот зошто некого не можете да го убедите во нешто.
Вие кои искуствено сте дошле до одредени сознанија, не сте на исто рамниште со оние со кои разговарате и се обидувате да ги убедите во нешто - тие имаат различно искуство или имаат различно доживување за истото искуство. Ова значи дека вашето емоционално, когнитивно, спиритуално (па ако сакате и вибрациско) ниво се разликува од емоционалното, когнитивното, спиритуално и вибрациското ниво на оние со кои разговарате. Тоа е причината зошто некого не можете да убедите во нешто.

Ако веќе сакате некого да убедите во нешто, тогаш убедете се себе дека ова е вистина (и ќе сфатите дека и не е така лесно некој да го смени сопственото уверување!).
Убедете се себе си дека (понекогаш, во одредени разговори) вие и вашите соговорници едноставно сте на различни рамништа и разговарате од две различни перспективи и дека е невозможно да се разберете сѐ додека нивоата не ви се приближат.
Затоа драги мои, не убедувајте ги другите во ништо. Прифатете го фактот дека некој не сака да верува во она што вие го знаете и не сака да го искуси она за кое зборувате. Не губете си го времето со убедување на другите. И верувајте, секој ќе се разбуди (ќе се убеди и ќе поверува) тогаш кога за тоа ќе дојде време (за него/неа). А и ако не се разбуди, разберете, и тоа е ОК. Зашто не сите сакаме да се разбудиме! Не сите сакаме да искусиме поинаква перспектива. Почитувајте го тоа дека некој едноставно можеби сака да го преспие животот (и тоа е ОК). Ако некој така сака, така нека му биде. Почитувајте го тоа и прифатете го како вистина. Нема ништо лошо во тоа. Дали има нешто добро? Тоа е прашање на кое одговор можат да дадат оние кои одлучиле да преспијат (впрочем тоа само тие можат да го знаат). Ние кои сме одлучиле да живееме живот со отворен и буден ум никогаш нема да дознаеме каква убавина лежи во тоа да го преспиеш животот. Иако можеби ќе знаеме дека сега се чувствуваме подобро од кога и да е, ние никогаш нема да можеме во тоа да го убедиме оној кој спие. Нека им е лесен сонот! Нека сонуваат слатки сништа. А на нас останатите нека ни е на здравје новото сознание. Наша работа е во мир да прифатиме дека никого не можеме да го убедиме во нешто и да уживаме во животот на височините на кои нѐ носи нашата сопствена перспектива, свесност и знаење.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Kommentare