Зошто сите го сакаме петокот?
- pozitivnapsihologija
- Feb 13, 2015
- 3 min read

Човекот е општествено битие. Социјалните врски се суштествен дел од неговото живеење. Без нив тој не може да живее човечки. Но, развојот на општеството сѐ повеќе се одвива во насока на наметнување на општествените правила на сметка на човековите слободи. Ова е комплексна тема (моја омилена) и ќе ја оставам за некој друг текст. Она што сакам преку овој текст (а е поврзано со човекот и неговото живеење како поединец во општеството) е да одговорам на прашањето зошто го сакаме петокот.
Петокот е ден во седмицата кој арбитрарно е земен како последен работен ден (се разбира, има бројни исклучоци, но велам, ова е вообичаеното работно време). Она што следува по петокот (викендот) е само наше време, време кое вообичаено го нарекуваме „слободно“ време. Тоа е одговорот. Петокот го сакаме поради слободата која следува по него. Покрај љубовта, таа е највредното нешто кое човек може да го доживее (затоа и ја сакаме толку многу).
Во суштина, петокот на симболичен начин претставува „раскинување на оковите“, „ослободување од ропството“, „симнување на јаремот“.
Иако во целава работа свирачот е општеството (и тој го одредува ритамот), сепак човекот е играчот (и одлучува дали ќе ја игра играта или не и на кој начин).
Човек (секогаш) може да направи повеќе отколку што е свесен дека може. Долга би била приказната да се анализира големината на улогата на општеството од една и човекот од друга страна. Нема да одам подлабоко, само ќе речам, општеството е збир од луѓе (нивните вредности и норми) и тука тие се потполно изедначени. (Дали човекот е свесен за тоа или не - тоа е друга тема). Дотолку повеќе, човекот го создава општеството (не е тоа никаква конструкција која е надвор од неговата моќ; напротив, општеството е создадено со учество на човекот).
Она што е најбитно е да разбереме дека секој ден е петок (во смисла на доживувањето на слобода и правото да правиме со сопствениот живот што сакаме). Разбирате, нели? Не е општеството тоа кое нѝ наметнува нешто - ние сме тие кои го прифаќаме тоа (и со текот на времето преку „општеството“ во нас самите, си ја ограничуваме сопствена слобода).
Во нашите глави е „бетонирано“ тоа дека петокот нѝ ја дава љубената слобода. Вистината е дека ние самите сме го „цеметирале“ ова верување. Самите сме се убедиле дека нашата слобода зависи од другите, од општеството, од работодавачот, од училиштето, од институциите, од уредувањето. Ова убедување (вистина) е резултат на долгогодишно тормозење на поединецот од страна на средината, но денеска во XXI век нема место за препуштање на одговорност за сопствените живот на другите (на општеството).

Време е секој да се преиспита (мислам, ако сака да живее среќен и исполнет живот) колку всушност се чувствува ВИСТИНСКИ слободен. Чуму ми е петок ако она што сакам да го направам можам да го направам независно од тоа кој ден во неделата е. Од петокот ли ќе зависи дали ќе читам книга пред да заспијам, дали ќе се насмеам, дали ќе ѝ се јавам на пријателката за да се дружиме?
Квалитетот на поминатото слободно време не зависи од неговата должина, туку од нашата перцепцијата на истата. Погледајте ги децата за време на школскиот голем одмор. Тие не велат „не идам на голем одмор (ќе седам во училница) и онака ќе заврши за петнаесет минути“. Штом ќе го слушнат ѕвоното тие се веќе надвор. Тие самите не се застрашуваат со она што ќе следува (враќањето во школските клупи). Тие самите не си го ускратуваат уживањето со помислата дека после истекот на големиот одмор мора да се вратат на час. Децата го гледаат големиот одмор како шанса. Го користат и уживаат во него како да е саат време.
Ритамот на животот постои, тоа никој не го негира, но дали тој мора да биде одреден само од конвенционално поставените норми, тоа е прашање кое заслужува одговор. Ако ви треба охрабрување, потсетете се само дека ништо живо во природата (освен човекот) не прави разлика дали е петок или не. Пчелата не собира мед од понеделник до петок, делфинот не си игра во океанските води само за викенд.
Само размислете за ова!
Занчи, не станува збор за петокот (кој сите толку многу го сакаме). За СЛОБОДАТА се работи! Со неа сме родени, во неа треба и да живееме. Секој ден. И во деновите по, но секако и во деновите пред петокот.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

















































Comments