Прифатете ја одговорноста за својот живот
- pozitivnapsihologija
- Feb 10, 2015
- 2 min read
Прифаќањето на одговорност за сопствениот живот вклучува одговорност за она што го правиме, она што го мислиме и она што го чувствуваме.
Никој од нас нема дилема дека нашите постапки се наша одговорност. Но, честопати многумина имаат поинакво мислење во врска со она што го мислиме а особено во врска со она што го чувствуваме. Ова до некаде е разбирливо имајќи предвид дека постапките се акт изразен во надворешната средина и достапен на очите на јавноста. Оттука, јасно е дека постапките (во извесна мера) се моделирани од социјалните стандарди на околината во која живееме, но со тоа тие (до одредена мерка) стануваат и социјална одговорност.
Со мислите и емоциите е токму обратно! Нашите мисли и нашите чувства се содржини познати само нам. Парадоксално, но токму нив (како да) сакаме да им ги припишеме на другите (и како да не сакаме баш да ги прифатиме како своја одговорност!). Нелогично е, она што само наше, да им го припишеме на другите. И обратно, она што може (до некаде) да биде регулирано од другите, да си го припишеме само себе си. Размислете! Она што нѝ е достапно само нам, може ли да биде туѓа одговорност?
Згора на сѐ, нашите емоции и нашите мисли се основата на нашето однесување. Како тогаш можеме да прифатиме одговорност за однесувањето (за видливото, за надворешното) без притоа да прифатиме одговорност за она што го чувствуваме и мислиме (за темелот, за внатрешното). Тоа едноставно не оди така! Не можеме да имаме кров (над главата) без да имаме темели и ѕидови!
Затоа, драги мои, земете го својот живот во свои раце.
Вие сте одговорни за сѐ „што ви се случува“ - и за мислите и за емоциите.
Како се чувствувате денес е ваша одговорност. Какви мисли ќе имате денес низ главата е ваша одговорност.
Ја имате моќта да одберете да се чувствувате добро и да мислите позитивно! Тој успех припишете си го само себе си!
Вие сте заслужни за својот живот.
Прифатете го тоа.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comments