top of page

Какви нѝ се мислите - таков нѝ е животот

  • pozitivnapsihologija
  • Feb 3, 2015
  • 7 min read

Кога одредена мисла се повторува многупати таа почнува да се зема здраво за готово.

Сфатена здраво за готово, мислата престанува да ја има својата изворна снага. На тој начин, добрите мисли ја губат снагата за креирање која изворно ја имаат и неретко стануваат разбрани како флоскули. Спротивно од тоа, лошите мисли ја амплифицираат својата снага и стануваат разорно моќни.

Главната поента на овој текст е да ја илустрира, преку научно докажани факти, силата на зборовите во кои е материјализирана мислата какви нѝ се мислите - таков нѝ е животот.

Оваа голема вистина, склопена на вака едноставен начин е материјализирана преку искуството на едно толку нежно а толку силно битие кое низ смирение и тихување ја има досегнато и споделено со светот како универзална мудрост, која и без да сакаме ја живееме.

Она што мудрите го имаат досегнато низ лично искуство, науката сè повеќе го потврдува како вистина. Има таа уште многу пат да измине додека да се потврдат сите оние знаења кои се познати (но, кои тешко научно се докажуваат - тоа е тоа, науката е млада во однос на мудроста). За среќа, неодамна во еден свој TED говор Miguel Nicolelis, бразилски научник и автор кој ја истражува мозочната активност, мозочното кодирање, невро-протетика и слични области од невро-науката, изнесе податоци со кои се потврдува токму тоа, какви нѝ се мислите - таков нѝ е животот.

Јас многу ја сакам науката а кога ќе пронајдам научно докажан податок кој како клуч во брава се вклопува во нешто што човековата мудрост и онака го знае, секогаш сакам тоа да го забележам.

Овој текст е токму таква забелешка.

Колку се важни мислите за креирање на нашите животи и светот во кој живееме никој повеќе нема дилеми (иако има и такви кои во тоа никако да поверуваат или едноставно не сакаат да го прифатат овој факт или им е тешко суштински да го разберат).

Затоа, кога ќе дојде научна потврда од една тврда научна линија тоа делува многу, многу импресивно и вреди да се забележи (па кој знае, можеби научникот, во оние кои не сакаат да прифатат дека со мислите го креираме сопствениот живот и светот околу себе, ќе се пробуди и ќе ги земе на разгледување фактите пред кои, нели и боговите молчат).

Во наредниве реченици, издвојувам неколку научно потврдени факти од говорот на Miguel Nicolelis, кои се од исклучително значење за позитивната психологија (и со тоа значајно да бидат забележани на страниците на ПозитивнаПисхологија).

Ова се изнесените факти, кои за потребите на овој текст ги систематизирав во две поголеми групи. Под секоја од групите, давам краток осврт на импликациите од научно докажаниве факти, кои се во контекст на позитивната психологија. Обрнете внимание и на фактите и на импликациите.

Како функционира мозокот и што сè може?

Мозочна клетка / Универзум

  • Мозокот е пандан на Универзумот. Тој е сличен со Универзумот, има милијарди клетки кои зборуваат една со друга преку електрични бури.

  • Можеме да го придвижиме телото само со мисла/мислење.

  • Само со мисла, можеме да ги движиме работите на далечина, независно колку сме далеку од она што го движиме.

  • Мозокот генерира електрични сигнали кои нè движат низ просторот, но за да тоа и реално може да се направи потребни се сензори, кои ги читаат електричните мозочни бури и кои ја враќаат информацијата назад до мозокот, со што би се потврдило дека неговата (мозочната) активност е извршена. За да може мозокот да „регистрира“ дека нештото се случило мора да има повратна информација која ќе стигне до него, дека неговите „наредби“ се извршени.

  • Без оглед на состојбите/условите во кои се наоѓаме, нашиот мозок работи како да се тие совршени. Мозочната активност не престанува дури и ако сме искусиле некаква непријатност. Мозокот сонува, мечтае и прашањето е како тој импулс/код да излезе од мозокот и реално да се случи движењето. Доколку се пронајде адекватен „сензо-моторен апарат“ движењето ќе биде направено.

На последниве две особено сакам да ви обрнам внимание. Зошто? Затоа што за да бидете среќни најнапред треба да го замислите тоа, да ја посакате среќата а после и да ја почувствувате, да ја доживеете, пред реално да се материјализира среќата во вашиот живот. На овој начин го креирате сопствениот живот! Испраќајќи му повратна информација на мозокот дека веќе сте среќни, дека веќе сте на работата од соништата, дека веќе ги имате најубавите чизми на светов, дека веќе го имате идеалниот партнер, дека веќе го живеете својот живот како од бајка, вие всушност му давате „храна“, информација на мозокот каде сакате да се движите, што сакате да се оствари во вашиот живот. Откако мозокот ќе ја прими таа информација, понатаму тој самиот ќе ве придвижи онаму каде што посакувате да бидете, кон она што сакате да го искусите.

Притоа, условите во кои моментално се наоѓате се ирелевантни. Сфаќате ли? Небитни се! Неважно е дали го носите најубавиот фустан на важниот состанок, битно е да се однесувате, да се чувствувате, да размислувате како да го носите, битно е и телото и мислите и духот и ставот да ви се устроени како да вистински го имате на себе. Важно е како вие се чувствувате без оглед на условите. А кога се чувствувате среќни и условите ќе се материјализираат. На овој или оној начин она што го чувствувате и мислите, ќе стане ваша реалност. Дали сте свесни за ова? Дали сте вистински свесни што ова всушност значи?

Не потценувајте ја моќта на мозокот, моќта на мислата, моќта на доживувањето - тие (можеби за вас на непознат начин, но сепак) ја креираат вашата реалност и светот во кој живеете. И непогрешливи се во тоа! Ова добро запомнете го. Особено кога на ум ќе ви „паднат“ мисли како „од ова ништо не бива“, „нема да положам“, „нема да најдам работа“, „нема да оздравам“, „нема да се омажам“. Она што го доживувате и мислите - тоа ќе стане ваша реалност, тоа ќе се материјализира.

Ете, ова го потврдуваат овие научно докажани факти изнесени во говорот на Miguel Nicolelis.

Како комуницираат мозоците меѓу себе?

Меѓусебна комуникација на мозоци

  • Мозокот може да испрати и прими порака од друг субјект без да знае што и да е од околината (на испраќачот).

  • Преку соработка (ментална) можеме заеднички да постигнуваме цели и без да сме свесни кој од субјектите (кои учествуваат во соработката) што точно работи. Низ соработка таа секако ќе биде постигната, дури и без субјектите да се свесни кој што работи во тој процес. Дури и субјектите да не се свесни колкумина всушност се вклучени во конкретната активност и дури и да извршуваат само дел од активноста без да се свесни за крајната цел, преку синхронизација на активностите се постигнува остварување на целта. Дури и ако дојде до промена на условите во кои секој од субјектите делува, мозокот веднаш ги напушта некорисните движења и брзо се преориентира и се концентрира на новата активност за која има повратна информација дека ја контролира.

  • Луѓето ќе ја апсорбираат технологијата како дел од себе. Технологијата никогаш нема да нè апсорбира нас како луѓе.

  • Луѓето може да комуницираат на далечина без никаква технологија, само со мисла.

Дали сте свесни дека сите сме едно? Дека сите сме поврзани? Дека сите заедно го креираме светот во кој живееме? Не е важно колкумина од нас мислат на мир во светот (на пример), важно е дека мирот во светот е во нашата глава. И не е важно кој на каков начин придонесува за мир во светот, важно е дека секој го работи својот дел. Дали е сега појасно на кој начин колективната свест го шири знаењето преку границите кои нѝ се моментално познати?

Сите сме ко-креатори на овој живот. Со подобрувањата кои ги правиме во личните животи (не)свесно придонесуваме за убавините на светот во кој живееме.

Се разбира, ова важи и во обратната насока, па се надевам дека сега е појасно зошто се случуваат работите од кои повеќето од нас се згрозуваат. Јасно е како сè уште има глад, болести, војни, гадотии. Не ви текнува? Па затоа што многумина се „заробени“ од условите во кои се и наместо да продуцираат позитивни мисли, тие само го регистрираат она што се случува околу нив! Колку повеќе го регистрираат тоа што не го посакуваат, толку повеќе тоа се случува во светот. Згора на тоа, „заглавени“ се од мислата „јас ништо не можам тука да направам“. Ова е голема невистина! И голема догма која служи за манипулација на човекот и човештвото. Тврдењето дека сме мали и немоќни им одговара на оние кои имаат корист од тоа да сме мали и да не мислиме со своја глава. Но вистината е токму обратна.

Секој од нас е еден Универзум. Сите ние заедно можеме да направиме многу. Секој има моќ да ги одбере сопствените мисли, секој има моќ да се чувствува добро, да се чувствува вредно. Тоа никој на светов не може да ви го одземе! Но тоа треба самите да го посакате и да го практикувате. На овој начин, одбирајќи како се чувствуваме и фокусирајќи се на позитивната страна на животот со сопствените мисли насочени кон добри и вредни нешта, сите заедно можеме многу да направиме за светот во кој живееме.

Притоа, ретко кој од нас ќе биде свесен за активноста на другите. Ние нема да знаеме што точно прават монасите на Тибет за мир во светот, но мислата која ја продуцираат ќе стигне до нашиот мозок. Оној кој е на иста бранова должина, ќе ја прими, ќе ја разбере и без да знае ни од каде доаѓа, ни од кого доаѓа, ни во какви услови е создадена. Дали разбирате? Секој оној кој мисли добро, добри мисли може да „слушне“. Секој оној кој работи на внатрешниот мир, работи на мирот во светот. И обратно, секој оној кој размислува за војни, слуша сензационални вести за ужасот во светот, чита гадотии, гледа страотни призори, со својата мозочна активност всушност (се разбира, несвесно) придонесува кон сите тие гадотии. Со самото тоа што сведочи на хорор, хорор и креира.

Оној кој сака да се чувствува добро, кој сака да е среќен, кој работи на себе и својот раст, кој работи на својата благосостојба, кој работи на креирање на сопствената смисла на живот, тој е тој кој учествува во ко-креирањето на убавините во светот. Со својот мозок испраќа (и прима) сигнали за слични нешта, за убавината, за добротијата, за леснотијата на живеењето, за благодарноста, за признанието на туѓите достигнувања.

Мислам дека разбравте.

Ви испраќам добри вибрации.

Фатете ги.

Ве сакам и ви благодарам што постоите. Токму такви какви што сте.

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comentarios


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page