top of page

Инспирација или мотивација - што го движи човека?

  • pozitivnapsihologija
  • Jan 30, 2015
  • 7 min read

Што го движи човека?

Уште како студент по психологија учењата за мотивацијата никако (ама никако!) не резонираа со мене. Секогаш кога ќе станеше збор за мотивација јас имав толку многу прашања на кои научната мисла која се бави со мотивација не можеше да даде солиден (читај: издржан) одговор на суштинското прашање: што го движи човека.

Вистина, ова прашање е едно од најкомплексните прашања во психологијата и јасно е дека нема да биде лесно да се даде одговор. Сепак, останува впечатокот дека и покрај многуте обиди за објаснувања, ниту едно од нив (за сега) не може да даде точен одговор на тоа што го движи човека.



За мотивацијата


Делот од психологијата кој претендира да ги даде одговорите на оваа тема е делот кој се однесува на мотивацијата како таква. Во читанките по психологија таа обично се опишува како теориски конструкт преку кој се објаснува однесувањето на човекот. Таа често се поврзува со термините на насочување, поттикнување или одржување на однесувањето. Понекогаш за мотивацијата се говори во термини на причини заради кои луѓето преземаат одредени активности, односно причини заради кои имаат некакви желби или причини заради кои тежнеат кон остварување на некакви потреби. Дури се оди до таму да се поистоветува мотивацијата со „нешто“ што предизвикува одреден човек да сака или да не сака да повтори одредена активност.


Она што е голем проблем во самата наука за мотивација е разнообразноста на дефинирање на самите термини мотив и мотивација. Па така, мотиви се поистоветуваат де со потреби, де со желби, де со нагони, де со инстинкти, де со интереси, де со не знам што(!) и тоа се прави во согласност со конкретната теорија (биолошка, психолошка, социјална, независно) а со цел да се потврди теоријата (а не да се продре, или барем не во онаа мерка во која би требало да се продре, во вистината на тоа што всушност го движи човека).


Втората работа која е може да се проблематизира е тоа што учењата за мотивацијата се пред сè теориски, што само по себе кажува дека се работи за идејни конструкти креирани од една одредена перспектива, приод, пристап или стојалиште. Како и секоја друга теорија и теориите за мотивација во суштина се базираат на шпекулации и претпоставки.


Јас лично многу ги сакам теориите. Ги сметам за моќен двигател на науката нанапред. Тие се исклучително битни затоа што се идеја (а идејата го создава и движи светот). Добра идеја е извор на добри истражувања. Нема наука без теорија! Но, кога станува збор за тоа што го движи човекот, ниту една од теориите не дава комплетен одговор. Тоа е тоа што никогаш не резонирало со мене (една теорија да не може адекватно да се справи со одредени битни одговори кои ја засегаат а толку добро да објаснува поедини делови).


Никогаш не сум можела да прифатам (штуро) објаснување дека човекот еднаш може да биде мотивиран од потребата да ја продолжи врстата па заради тоа стапува во сексуални односи, другпат дека човекот е мотивиран од самоактуелизација (врвен мотив според генијалниот и мене многу омилен психолог Абрахам Маслов), па заради тоа се впушта во одредени облици на однесување и успева да создаде брилијантен роман/слика/музика, третпат дека заради тоа што бил социјално битие и има потреба да се поврзе со други лица тој е мотивиран да стапува во социјални односи, да се дружи, да комуницира.


Ваквото објаснување, ќе се сложите, не е баш применливо на севкупноста и целовитоста на човековото однесување, особено на делот кој се однесува на однесување кое нема никаква дупла/маскирана причина. Значи, со мотивација одлично може да се објасни дел од човековото однесување (тоа не е спорно), но одговорот што го движи човека како целина, како битие, останува само делумно одговорено со овие објаснувања.

Модерен мотивиран човек

Згора на сѐ придобивките од обемните истражувања од областа на мотивацијата се перфидно искористени од корпорациите и нивните одделенија за т.н. „човечки ресурси“ и тоа со цел брутална експлоатација на човечкото битие (небаре човекот е „работен материјал“, со кој треба да се управува и кој треба да се искористи!). Денеска најголемите зговорници на тоа дека човек може да се „мотивира“ се токму оние кои човека го гледаат како „ресурс“ (како не умно битие кое може да биде контролирано од надвор и кое со помош на одредени техники може да се поттикне (читај: натера, притисне, заплаши, излаже) да се однесува на одреден начин (онака како што организацијата тоа го сака!).


Со овој ужас никогаш не сум се сложувала! Ниту како психолог, ниту како магистер на економски науки а најмалку како човек!

Но темата нема да ја ширам во таа насока, бидејќи јас верувам во човекот како умно, силно битие со свој интегритет и автономија, битие кои е способно да ги користи (иако честопати не ги користи!) своите потенцијали за свој сопствен раст и развој, за свој сопствен процут и напредување. Човекот се раѓа слободен и таков треба и да живее, во слобода на избор, на мисла, на говор. Тоа што работите денеска во светот не изгледаат баш така (на глобално ниво) тоа е друга тема. За крај на овој дел, само ќе констатирам дека сѐ додека секој од нас поединечно не подзастане и подразмисли што всушност го движи неговото битие нема да има ниту слобода ниту мир во светот. Ова е нешто што секој од нас може да го направи. Во тоа верувам! Секој од нас може да застане и да каже „јас ова не сакам да го направам“ и тука ќе биде крај на приказната. Знам, ова понекогаш е многу тешко, особено што како човештво сме под долготрајно влијание на учењето дека таму некој друг ги одредува нашите животи (што не е точно!), па заради тоа човекот е повеќе склон да се предаде на секојдневието наместо да го создава истото по свој терк. Јас ги гледам и третирам луѓето, како умни и убави битија, како моќни и исполнителни (не како „багра“ која треба да биде водена, управувана, искористена) и длабоко сум убедена во нивната сила, моќ за креација и добрина. Толку за ова!

Инспирано движење

Што го движи човека


Со еден збор: инспирацијата.

Да, името на двигателот на нашето битие е инспирација.


Тоа е онаа сила која од внатре нѐ поттикнува да преземеме одредена активност.


Инспирацијата има крајно позитивно стојалиште. Таа секогаш доаѓа од она што го сакате. Инспирација е кога одлучувате да се однесувате на одреден начин само затоа што така сакате да се однесувате. Ова клучно за да ја разберете инспирацијата.


Кога сте инспирирани, љубовта кон нештото кон кое сте насочени е она што ве поттикнува на активност. Нема друга причина (во позадина).



Разлики меѓу инспирација и мотивација


Како да се разликува инспирирана активност од мотивирана активност?


Овие две не треба да се мешаат бидејќи иако можеби слични тие се суштински различни. Разликите меѓу инспирација и мотивација би ги прикажала со следнава аналогија од природата: тие се различни како што се различни печурки кои се јадат од и оние кои се нивни двојници и кои се смртно отровни!

Ова запомнете го. И немојте да ја мешате инспирацијата со мотивација.


Кај инспирираните активности вие сакате да ги направите работите само заради тоа што сакате да ги направите, заради самиот процес, заради тоа што самите активности се она што се причина заради која ги правите. Тоа е главната разлика меѓу инспирација и мотивација.

Кога станува збор за мотивацијата, таа исто така може да го придвижи човека (тоа не е спорно) но зад мотивираните активности секогаш се крие друга причина а не самиот процес заради кои ги изведувате активностите.

Ова во суштина значи дека инспирираните активности се активности кои се поврзани со суштината на вашето битие а мотивираните активности се активности зад кои стои одредена друга потреба.

Притоа и мотивираните активности може да водат кон позитивен исход, но нивната главна сила не е од потребата да се направи самиот процес, сам по себе, туку е во некоја друга потреба.


На пример, сликарот слика само заради тоа што тоа му доаѓа од внатре. Тој едноставно твори. Неговите причини за творење се внатре во него. Неговите творби извираат од него. Тој не слика заради тоа што сликата ќе ја продаде за одредена сума пари (иако тоа не е исклучено). Ниту слика заради тоа што сака да стане славен (иако ни ова не е исклучено). Но ниту првото ниту второто не се суштината на причините заради кои твори. Тој твори заради творењето - тоа е инспирирана активност. Кога човек слика првенствено заради пари или заради слава - тоа е мотивирана активност. Притоа, никој не вели дека таквиот човек нема талент, туку дека своите мотиви (парите и славата) ги ставил пред сопствениот талент, па наместо да твори заради творењето, тој твори заради други причини. Во овој случај зборуваме за мотивирана активност.


Инспирираните од внатре се движат кон врвни достигнувања

Кај инспирираната активност акцентот е ставен на внатрешната потреба/желба да се однесуваме на одреден начин. За разлика од ова, кај мотивираната активност акцентот е ставен на други потреби/желби чие задоволување се остварува преку активност која се изведува за нивно задоволување.


Разбирате, нели?


Еве уште еден споредбен пример за подобро разбирање.

  • Инспирирана активност е ако одите во попладневна прошетка само затоа што сакате да пешачите.

  • Мотивирана активност (водена од посакуван исход, односно т.н. награда) е ако одите на прошетка (не заради тоа што сакате да пешачите туку) заради тоа што имате висок крвен притисок и за да го спуштите потребно е да пешачите.

  • Мотивирана активност (водена од избегнување на негативен исход, односно т.н. казна) е ако одите на прошетка (не заради тоа што сакате да пешачите туку) заради тоа што ако не одите да пешачите вашата здравствена состојба ќе се влоши.

Разликите, верувам јасно ги гледате.

За крај, да не оставиме недореченост, и инспирацијата и мотивацијата имаат свои вредности. Но најбитно е да разберете дека овие процеси се суштински различни.


Никој не може да ве инспирира за нешто (тоа го можете само вие, затоа што само вие знаете што има внатре во вашето битие). Точно е дека вие можете да видите слика, причитате книга или дојдете до каква и да е информација од која ќе ви затрепери срцето и ќе преземете одредени активности, но на тоа никој не може да ве натера, тоа самите ќе го почувствувате во себе и вашето битие ќе биде поттикнато на акција бидејќи тоа нешто вие бздруго го носите во себе. Кога мотивацијата во прашање, таа секако доаѓа од надвор и може да го регулира и контролира вашето однесување (за кои цели и дали тоа ќе го дозволите, останува на вас).


Луѓе инспирирани да уживаат во животот

Она што е најбитно е да разберете дека само инспирираните активности можат вистински да ви користат. Сѐ додека преземате некоја активност заради нешто друго (заради каков и да е мотив) а не заради тоа што вистински сакате да ја направите, бидете сигурни дека нејзините ефекти нема да бидат трајни (колку и добар исход да има од таквите активности) а честопати нема да бидат ни корисни или уште полошо нејзините ефекти ќе бидат контрапродуктивни (не можете да живеете ако вечно избегнувате некаква имагинарна казна, ова добро запомнете го).


Ако делувате од срце, без притоа да воведувате калкулација дали ќе имате некаква награда од тоа или ќе избегнете казна, тогаш направете ја акцијата. Верувале или не, тоа секогаш на добро ќе излезе.


Ако во равенката постои награда или казна која ја маскира вашата суштина, бидете сигурни дека од тоа нема да има никаква корист гледано долгорочно.


Тоа е вистината.

Делувајте од срце!

Само инспирираните активности водат кон вистински вредности.

Затоа правете го само она што навистина го сакате.

Делувајте од срце!

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comentarios


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page