Како до подобро расположение?
- pozitivnapsihologija
- Jan 26, 2015
- 6 min read
Еден од главните проблеми со кои се соочува современиот човек е лошото расположение.
Во оваа статија нема да навлегувам во причините за лошото расположение (ем ги има многу, ем науката не може да се договори за нивната етимологија, ем се сосема небитни - кое фајде ако ги знаете?!?). Уште помалку ќе навлегувам во тоа во кои сѐ „дијагнози“ лошото расположение се јавува како „симптом“ (и ова е комплетно бескорисна информација - само опис на ситуацијата и ништо повеќе!).
Наместо тоа во оваа статија сакам да проговорам за тоа како да го подобрите своето расположение. Ова го сметам за битно.

Зошто?
Заради тоа што расположението претставува внатрешна субјективна емоционална состојба (не емоција, внимавајте, ниту темперамент, ниту карактерна црта!). Тоа е општо доживување кое преовладува, тоа е емоционален тон, односно еден вид генерален став, кој е сеприсутен во вашиот живот. Расположението претставува квалитет на живеењето и тоа во подолг временски период.
Ако не сте добро расположени, квалитетот на животот ќе ви биде помал во однос на она за што сте предодредени. Ете, затоа е битно да имате добро расположение. Со добро расположене ќе бидете во состојба да творите повеќе, да се радувате повеќе, да живеете посреќно.
Но како и да сте расположени во моментот, битно е да знаете дека расположението можете да го придвижите во саканата насока. Честопати тие насоки се или не доволно познати за дел од луѓето или се недоволно практикувани од нив. Но, едно е сигурно. Расположението може да се промени а кога еднаш ќе се навикнете на добро расположение, ведрина и оптимизам нема да сакате да се чувствувате поинаку од тоа.
Во наредниве редови, погледајте низа на техники со кои можете да го преуредите својот став кон животот генерално а со тоа и вашето расположение.
Но, најнапред, битно е да ги знаете следниве две работи:
Подобрувањето на расположението не е работа за еден ден. Ова нека не ве обесхрабрува. Напротив, она што не е за еден ден, нема еден ден ни да трае. Значи, целта е перманентно унапредување на расположението а не инстант подобрување на моменталното доживување.
Ова е процес кој нема фиксирана цел (не е тоа знаење за петка и чао-пријатно(!)). Тоа е животен процес во кој нема оценување, затоа што нема едно плато на кое сакате да стапнете. Во работата на себе (на своето расположение) има отворање на нови хоризонти за кои можеби воопшто и не сте биле свесни.
Значи, за да се чувствувате подобро, ќе мора и да поработите на тоа. Во подобрувањето на расположението нема „волшебна пилула“, туку многу игра, посветеност и постојаност. Ова е многу битно да го знаете. Сетсетете се само дека за оној кој постојано работи на себе велиме дека е „одржан“ а оној кој тоа не го работи е „запустен“. Сега, како сте расположени: од својот живот да направите оаза или пустина? Која од овие идеи ви буди попријатни чувства?
Во продолжение, повелете еден предлог од активности со кои можете да го подобрите расположението.
Направете проценка каде сте.
Непристрасната и објективна проценка е клучна за секој следен чекор. Ова е многу битно. Концентрирајте се на фактите и бидете внимателни да не се фатите во замката на оценување во термини на добро-лошо. Само констатирајте каде сте. При правењето на проценка пред сѐ обрнете внимание на тоа каква е вашата дневна рутина. На пример, дали повеќе гледате вести од тоа што слушате музика, или повеќе читате црна хроника отколку поезија, дали повеќе пиете кафе со пријателка отколку што вежбате, дали повеќе чистите по дома отколку што танцувате. Не брзајте со проценката. И бидете искрени.
Поставете временска рамка.
Ако сакате да го подобрите своето расположение одредете разумен временски опсег, како тест период. Рамката поставете ја сами. Секој за себе знае што е разумно, но еве малку помош од науката - докажано е дека 40 дена се период во кој може да настане одредена промена која е посакувана. Затоа, ако се двоумите околу времето, земете го овој научно (но и практично) докажан факт.
Воведете позитивна рутина.
Направете нешто што до сега не сте го направиле. Одберете активност за која сметате дека ќе ви го подобри расположението а која не ја практикувате секојдневно. Притоа одберете активност во која ќе уживате сами. Ова е важно заради две работи. Прво, се работи за вашето расположение, кое мора сами да го подобрите. Вистина е дека дружењето со драги луѓе има благотворно дејство врз нашето ментално здравје и расположение, но овде се работи за ваше расположение(!), затоа целта е самостојно да го подобрите, без оглед на она што е надвор од вас, туку со оглед на она што е внатре во вас. Притоа може да одберете активност која вклучува и други луѓе, но која не зависи од други луѓе. На пример, играњето бриџ со пријателите зависи од пријателите, но одењето на аеробик иако може да го направите во друштво на пријатели, можете да го направите и сами. Втората битна работа заради која треба да одберете активност која самостојно ќе ја изведувате е тоа што останувајќи во самостојна активност имате подобри шанси да одржите непрекинат контакт со себе си и сопствените содржини, па бидејќи работите на подобрување на сопственото расположение, тогаш коректно е да тие моменти да ги поминете сами (со себе).
Значи, излезете до постојната рутина и креирајте нова. На пример, одлучете дека секој ден во одреден период ќе пешачите. Или дека ќе медитирате (ако успеете да ги постигнете да не мислите на ништо, сте постигнале сѐ што еден човек може да постигне!). Или одберете да дишете длабоко барем 10 минути во тишина без некој да ви го одвлече вниманието или да го наруши мирот во кој се наоѓате. Тоа што ќе го одберете ќе зависи од вас. Притоа, одбраната активност практикувајте ја во ритам. Ова значи, одберете го и времето кое најмногу ви одговара и во ист термин во текот на денот повторувајте ја активноста. Ова е многу битно. Да потсетиме, целиот живот пулсира во ритам. Сѐ има свој циклус на повторувања, на активност и мирување. Искористете ја оваа природна појава за подобрување на расположението и имајте ја постојаноста во вид. Влезете во позитивен ритам и не прекинувајте го синџирот на повторувања.
Бележете го својот напредок.
За да можете да го следите својот развој во подобрувањето на расположението, бележете го. Отворете тефтер, дневник, нов лист (што и да е) и документирајте го напредокот. Ова ќе ви помогне пред сѐ да можете да ги „видите“, да ги следите своите мисли во текот на движењето кон подобро расположение и да го почувствувате напредокот.
Опуштете се.
Во целиот процес на подобрувањето на расположението, важно е да сте опуштени. Ова значи, да не правите ништо на сила и да не напнувате во ништо, туку опуштено да ги правите промените кои сакате да ги живеете. Притоа не обвинувајте се доколку нешто не ви оди како што би сакале. Ова е исклучително важно. На пример, доколку на десеттиот ден не можете да ја направите својата позитивна активност од новата одбрана рутина, едноставно забележете го тоа и тргнете понатаму. Не фиксирајте се на она што сте го пропуштиле (тој ден) туку на тоа што ќе направите следниот ден. Не си додавајте тежина поради она што поминало, тоа и онака повеќе не можете да го смените, туку помислете на добрата страна од тој краткотраен „застој“ (помислете на тоа што всушност дознавте за себе од таа ситуација, дали планот е премногу амбициозен па сте се замориле, или има нешто на што свесно сте му дале приоритет итн). Значи, со лесно срце, помислете на утрешниот ден и на тоа колку ќе уживате во она што сте го одбрале (само за себе) и утре направете го најдобро што можете. Да повторам, потребно е да не напнувате, односно со леснотија да го направите она што ве весели.
Развлечете ја насмевката.
Иако може да ви изгледа неразумно или можеби дури и смешно, развлечете ја насмевката колку и да не ви се смее во моментот. Уште пред повеќе од 20 години Ekman & Davidson докажаа дека намерното смеење може да направи одредени промени во мозочната активност и да креира мозочни обрасци исто како кога се смееме спонтано. Што повеќе се смеете тоа вашиот мозок повеќе ќе ги зацврстува оние обрасци кои се асоцирани со доброто расположение. Сепак овде морам да истакнам и едно предупредување кое се однесува на видот на насмевката. Овде се работи за разликување на киселата од искрената насмевка, односно онаа кои не нѝ носи задоволство од онаа која нѝ носи задоволство. Така, само онаа втората ќе може позитивно да се искористи за подобрувањето на расположението (онаа кисела насмевка, која ја имаме кога сме огорчени или цинични, заборавете ја!). Затоа, вдишете длабоко, сетете се на некој момент кога сте се „здробиле“ од смеење (ама искрено, до солзи) и репродуцирајте ја таа насмевка. Развлечете ја на лице - таа е таа која ќе ви го подобри расположението.

Конечно, на оваа листа може да се додадат уште доста работи. Но за почетонок ова е доволно. Понатаму, самите ќе откриете како да го подобрувате сопственото расположение. Самите ќе станете свесни за многу повеќе од она што го знаете во моментов. Потребно е само да почнете. Сега!
А ако „сега“ ви изгледа како притисок, или ви прави нелагодност од која и да е причина, тогаш барем одберете во наредниов период (само) да размислувате за ова. Барем размислувајте за тоа дека сакате да се чувствувате порасположено. Ете, само размислувајте (не ја потценувајте моќта не мислите, тие се она што го креира светот). А тогаш кога ќе дојдете до точката да почувствувате дека сте спремни за посакуваните промени, вие веќе сте променети. Забележувате?! Промената на вашето расположение е веќе реалност. Тогаш ќе бидете расположени за нови промени.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comments