Само тоа што ќе го соџвакате, вистински ќе ве нахрани
- pozitivnapsihologija
- Jan 16, 2015
- 5 min read

Неодамна, направив едно кратко истражување на тема зачестеност на посети на кратки наспроти долги пораки поставени на интернет. Резултатите покажаа дека пораките кои се подолги (содржат повеќе текст ) се помалку посетувани во однос на пораките кои се претставени само како слика или се комбинација од слика и кратка тексуална порака.
Овој податок, за мене беше сосем очекуван а со направената анализа тој стана и статистички потврден. Така, добив инспирација на пошироката јавност да ѝ го објаснам овој феномен.
Знам дека објаснувањето кое следува, добро им е познато на Психолозите и Гешталт терапевтите, но наоѓам дека ова прашање ќе биде интересно и за вас. Во продолжение погледајте зошто повеќе сме склони кон консумација на симболични пораки отколку кон читање на подолги текстови, како и тоа кои се ефектите од овој феномен.
Со оглед на целиот контекст во кој живееме, јасно е дека не секој има време да прочита нешто подолго од 160 карактери. Исто така, не секој има интерес да прочита нешто ново (нешто што иницијално можеби и не го интересира). Згора на сѐ, сосем природно е да комуницираме преку симболи/слики затоа што така сме конструирани (не бадијала се вели една слика илјада зборови). Сепак, како стручно лице од областа, знам дека зад оваа појава има нешто што го надминува обемот на наведените три факти. Сте се запашале ли некогаш, зошто луѓето всушност ретко читаат подолги текстови. Ако да, тогаш ова е вистинскиот текст за вас. Повелете, во продолжение објаснувањето на овој феномен.
Навиката за читање на нови (и подолги) текстови е поврзана со потребата сами да дојдеме до одредени заклучоци. Ова значи, дека читачите имаат потреба самостојно да истражуваат, самостојно да анализираат, самостојно да тестираат и синтетизираат. Со два збора, да искусат и да креираат. Кажано во психолошки термини, читачите имаат потреба самите да ја метаболизираат сопствената (ментална) храна. На нашиот мозок му е потребна одредена храна (не само познатата гликоза и кислород кои физички го одржуваат во живот). Потребни му се информации кои самиот ќе ги преработи. Само на тој начин, добро нахранетиот мозок ќе биде вистински способен за она за што примарно е создаден - да продуцира нови/иновативни и креативни мисли/идеи.
Заради тоа, драги луѓе (вие кои веќе дојдовте до ова место од текстот), со вас сакав да го споделам знаењето кое го објаснува овој интересен феномен, односно зошто повеќе сме склони кон кратки текстови/слики/симболи, во однос на (по)долги текстови/пораки.
Насловната тема вели само тоа што ќе го соџвакате вистински ќе ве нахрани. Да, вистината е стварно толку едноставна. Да повторам, само тоа што ќе го соџвакате вистински ќе ве нахрани. Ова практично значи дека она што ќе го проголтате (што ќе го примите како кратка порака), нема квалитетно да ве нахрани. Тоа може (само) да го задоволи гладот (на брзина, и на кратко!), колку да останете во живот. Но, нема да ве нахрани.
Во суштина, овде се работи за навиката на луѓето да бираат одреден вид на храна. Некој преферира инстант, преработена, претходно (од друг) раздробена и/или соџвакана храна, други пак бираат цврста, сирова, свежа храна, кои самите ќе ја загризаат и соџвакаат. Ова не е случајно и тесно е поврзано со навиките на хранење кои сме ги создале уште од времето кога сме биле бебиња.
Хранењето во животот не човека тргнува со примање на течна храна преку голтање (обично, тоа е мајчиното млеко). Ова е сосема нормално и природно. Дел е од нас луѓето, како цицачи. Подоцна, со растењето на првите запчиња, бебето/човекот се подготвува за хранење преку консумирање на тврда храна. Во транзиторниот период (од хранење со течна храна кон хранење со тврда храна) се случуваат бурни физички, емоционални и ментални процеси низ кои минува бебето. Овој период е единствен за секое бебе и во зависност од искуствата низ кои ќе мине, човекот ќе изгради соодветни ставови за животот. Овој период може да биде фрустрирачки за бебето, но може да биде и исполнет со прекрасни доживувања на истражување на новото. Без да навлегувам во огромната палета на индивидуалните искуства на секое од бебињата, генерално, може да се заклучи дека ова искуство е едно од клучните животни искуства низ кои минуваме како индивидуи. Во зависност од тоа дали раното искуство на гризење е асоцирано со пријатни или непријатни емоции, од тоа (до одреден степен) ќе зависи и нашиот став кон храната (и физичката и менталната) која ја примаме како возрасни. Така, оние кои минале низ пријатни искуства во транзиторниот период, ќе бидат наклонети кон тоа самите да ја одберат, загризаат и изџвакаат храната. Обратно, оние кои минале низ непријатни искуства постојано ќе посегнуваат по течна и/или преработена храна, која ќе можат набрзина да ја голтнат и да го задоволат гладот. Првите се оставени природно да се развиваат и природно да ја задоволат потребата самостојно да ја разградат својата храна, другите се спречувани во намерата да ги користат сопствените заби. Спречувањето може да дојде во вид на физичко казнување на детето (заради гризење на храната, во случајов, мајчините гради при доење) или како брутално и нагло прекинување на доењето (што е мошне непријатно за детето!) или со прекор упатен до детето, со осуда дека е „лошо“ дете затоа што го гризе „хранителот“ (или сѐ останато што ќе му дојде под рака).
Мислам дека веќе ја „фаќате“ поентата.
Секој оној кој во раното детство имал искуство на прекинување на потребата да ги користи сопствените заби, како возрасен ќе биде склон кон голтање и инсистирање на преработена/преџвакана храна. Обратно, оние кои имаат рано искуство на природно посегнување по користењето на сопствените заби (а забите примарно служат за гризење и џвакање, нели), како возрасни ќе бидат наклонети кон истражување, разградување, тестирање на својата (ментална) храна. Овде морам да напоменам дека ова не е единствената причина, но е една од клучните.
Во секој од нас лежи креативец. Секој има способности за искористување на сопствените потенцијали. Клучот е да се користат сопствените заби (читај: сопствените потенцијали) за она што го консумираме.
Овде сакам да истакнам дека „загризувањето“ не е поврзано со некаков напор, маки или издржување на гадно тормозење (ова е погрешно вкоренето во свеста на човекот, особено во нашата култура, која има страв од напуштање на стадото и силна аверзија кон промени!). Напротив, гризањето и џвакањето се сосема природни и здрави физички (и ментални) способности на човека. Предодредени сме да загриземе и да соџвакаме пред да проголтаме. Прашањето е само колку вистински ги користиме своите потенцијали за џвакање, за разградување на она што си го принесуваме пред уста (а колку го голтаме без да го загриземе и разџвакаме). Колку преземаме чекори со кои се создаваме/градиме себе си (а колку дозволуваме другите/условите да нѐ наполнат со нешто што не е наша суштина). Прашањето е значи, колку сме ја претвориле оваа природна предиспозиција во вистински корисна навика.
За крај, дозволете да ви честитам на сите вас кои дојдовте до крајот на овој текст. Вие сте всушност оние за кои и беше наменет овој текст. За сите вас кои се одлучија да ја напуштат комфор-зоната и да загризаат нешто ново. Сега кога го загризавте овој текст, соџвакајте го добро и бидете сигурни дека имате храна која ќе ви даде „гориво“ за креирање на вашата лична среќа и исполнетост.
Тој што на брзина ќе се идентификува со некоја (туѓа) умна мисла, од некој (далечен) генијален човек, вечно ќе остане гладен. Вие не сте меѓу нив! Знајте, зборовите не се оние кои нѐ учат на нешто, искуството е тоа. Не е до зборовите кои ќе ви искрснат пред очи, до искуството на нивно метаболизирање е! Затоа, гризете, џвакајте, тестирајте, вкусувајте. Искусувајте!
Бидејќи, само тоа што добро ќе го соџвакате, вистински ќе ве нахрани.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

















































Comments