Првата работа која треба да ја направите кога не се чувствувате добро
- pozitivnapsihologija
- Jan 10, 2015
- 4 min read
Прашањето кое во неколку реченици сакам да го одговорам е што да се направи во моменти кога не се чувствувате добро.
Сите знаеме дека понекогаш се случува „да нѐ снајде“ некое доживување од кое би сакале веднаш да се „ослободиме“. Се случува понекогаш „да влетаме“ во „ситуација“ која е жестоко непријатна и која сакаме веднаш да ја „напуштиме“.
И бидејќи сите сме различни секој од нас има свој опис за сопствената непријатност која ја искусува.
За некого тоа е кога ќе почувствува нервоза, паника или страв. За друг тоа е чувството на безизлезност, немоќ или заглавеност. За трет тоа е кога ќе се почувствува депресивно, очајно или како жртва.
Независно од индивидуалните разлики она што го доживуваме како непријатно нѝ ги окупира мислите и тешко можеме да се фокусираме на што и да е друго (за ова пишував во еден од претходните постови). Во непријатни ситуации тешко можеме да најдеме нешто што ќе нѝ помогне да се „оттргнеме“ од тоа чувство, мисла или активност.
Заради тоа, од особена важност е да се справиме со „напливот“ на таквите содржини пред истите да нѝ го окупираат целото битие и да се претворат во аждаја која ќе нѐ „проголта“ цели.
Затоа, првата работа која треба да ја направиме кога ќе се почувствуваме нелагодност е да се дистанцираме од неа. Ова значи дека треба да се оддалечиме од изворот (и контекстот) на она што предизвикува да не се чувствуваме добро. Ова е првата работа - запомнете ја добро!
Штом ќе се соочите со ситуација или доживување кое е непријатно за вас, фокусот комплетно треба да го тргнете од тоа. Како што веќе кажав и погоре, понекогаш ова знае да биде мошне тешко но, останувањето во окружување кое прави да не се чувствувате добро, на никој начин нема да ви помогне! Не заборавајте, не можете да излезете од бунарот ако копате надолу, туку ако се искачите нагоре. Не можете да не изгорите на сонце или да не дехидрирате ако останете предолго незаштитени, треба да се повлечете во сенка или да се напиете доволно вода.
Па така, штом ќе станете свесни дека сте во состојба која ја дефинирате како непријатна за вас, веднаш треба да се насочите кон активност за која сте сигурни дека со леснотија и едноставност ќе ви пружи задоволство.
Внимавајте на делот со леснотија и едноставност, ова е многу важно!
Значи, секогаш кога сакате да излезете од некоја тешка и напорна ситуација, некоја мисла со која самите се тормозите, некоја емоција заради која би сакале да „излезете од сопствената кожа“, не можете тоа да го направите со тоа што ќе продолжите со напорот и мачната работа. Напротив. Потребно е да најнапред да се опуштите и смирено да се впуштите во активност за која знаете дека освен што ќе ве релаксира, ќе ви понуди ангажираност на комплетното битие.
Ова се два исклучително битни моменти (опуштање и ангажирана активност) на кои треба да обрнете внимание!
Запомнете, она што ве вознемирува, ве вознемирува цели (нема такво нешто како „имам непријатни мисли а се чувствувам супер“ или „имам главоболка ама супер ми е“).
Затоа, најдете активност во која ќе го вклучите сето свое битие.
Така, некој од вас ќе одбере да излезе на прошетка, некој ќе се фати за книга/музика/танц, некој ќе отиде во некаква сала/терен за физичка активност. Друг ќе се јави кај пријателката, ќе одбере да си направи топло кафенце/чајче или ќе зготви нешто креативно. Трет, ќе се фати за рачна работа и ќе креира, плете/везе/шие, ќе поработи во бавчата или ќе си направи нов маникир.
Она што е битно е да се посветите на активноста комплетно, бидејќи бадијала физички ќе се зафатите со нешто ако мислите сѐ уште ги насочувате кон ситуацијата која ве вознемирила. Попусто ќе мислите позитивно ако телесно се чувствувате клапнато или напнато.
Запомнете го ова!
Да резимираме, најпаметната (читај: најкорисната) работа што можете да ја направите кога „струите ќе почнат да влечат надолу“ е да подзастанете. Не опирајте се, не противете се, не „исправајте ја кривата Дрина“. Не обвинувајте се заради тоа што сте се „нашле“ таму каде што сте се нашле. Но најважно од сѐ , не продолжувајте да останувате во таквата состојба. Направете чекор напред, со кој ќе се придвижите кон она што прави да се чувствувате добро.
Помислете на тоа што ви причинува задоволство. Кога ќе ја најдете својата омилена активност, со целото битие вклучете се во неа. И уживајте.

Ангажирајте се и уживајте сѐ додека не почувствувате потполн мир. Сѐ додека не ја почувствувате онаа животна енергија која ви покажува дека имате сили да се справите со сѐ во животот (па и со она што ве „снашло“). Сѐ додека да ви се поврати оптимизмот, ентузијазмот и радоста.
Практикувајќи го ова, верувајте, сѐ помалку ќе имате доживување дека нешто ве „снашло“ и на сметка на тоа ќе го ревитализирате доживувањето дека самите управувате со сопствениот живот.
За крај, еве потсетување на една охрабрувачка мисла од фантастичниот Deepak Chopra, која вели: Наоѓањето на вашиот Центар значи постигнување на стабилна разбирлива состојба на свесноста. Надворешните сили не доминираат над вас.
Така, драги луѓе. Вие сте Центар на сопственото битисување. Вие можете да се справите со сопствените содржини. Само концентрирајте се на добрите аспекти на живеењето. Имате потполна контрола над нив. И можете да го креирате својот живот како што сакате. (Вие бездгуго го креирате сопствениот живот, свесно или несвесно. А кога веќе е така, тогаш свесно одберете тоа да го направите на свое добро.)
Ве сакам и верувам во вас,
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comments