Можеме ли другите да ги видиме како скапоцен камен?
- pozitivnapsihologija
- Jan 8, 2015
- 6 min read
Пред извесно време прочитав една интересна мисла, која вели: да очекуваш од секој човек да биде Човек, е исто како да очекуваш од секој камен да биде скапоцен камен.

Морам да признам, на прво читање, многу ми се допадна.
Споредбата на Човекот со скапоцен камен ја истакнува реткоста на појавите и во исто време ја нагласува нивната висока вредност.
Интересна и мошне ласкава споредба.
Сепак, на второ читање, мојот критички ум го постави прашањето од што е мотивирана оваа реченица. Дали од потребата да се изрази вредноста на Човекот (тоа е она што јас го видов!) или од потребата триумфално да се издигне сопственото его над вредноста на другите луѓе?
Во дел од секунда станав свесна дека симпатичната реченица повеќе се однесува на релацијата еден човек во споредба со друг човек, отколку на истакнувањето на вредноста на човекот како поединец. Драги мои, овде се работи за односот кој го имаме кон другите луѓе, за тоа како ги доживуваме другите околу себе. Забележувате? Се работи за нашата релација со другите, за нашето очекување од другите, за нашето доживување на другите.
Во продолжение, мојата приказна за тоа колку нашето мислење за другите се разликува од нашето доживување за нас самите. Ајде да погледаме колку од она што го гледаме зависи од нас самите а колку од она/оној што го гледаме.
Како го поимаме светот околу нас?
Човекот е егоцентрично и центрифугално битие.
Така сме конструирани, тоа е нашата природа - да можеме да го осознаеме светот преку личното искуство. Луѓето го преципираат светот преку своите сетила, појавите во окружувањето ги доживуваат преку сопственото битие.
Егоцентризмот како поим е воведен во психологијата од страна на големиот развоен психолог Jane Piaget кој го користи терминот за да го објасни когнитивниот развој на детето и неговото осознавање на сопствениот идентитет. Во оваа пригода нема да се задржувам на работата на брилијантниот Piaget, туку оддавајќи му голема почит за спектакуларното дело, би сакала силно да нагласам дека поимот егоцентризам се разликува од пјавите егоизам и нарцисизам (последниов почесто среќаван како нарцизам или нарцисоидност). Значи, овде се работи за сосема различни работи, честопати погрешно доведувани во врска. Со егоцентризам се обележуваат содржини од развојната психологија, додека со термините егоизам и нарцисизам се обележува симптоматологија на одредени невротски појави. Изразот егоцентризам пред се’ се однесува на раниот развој на децата кои немаат способност да го разликуваат надворешниот свет од сопственото јас. Рудименти од егоцентризам се среќаваат и кај возрасните, особено во ситуации на автоматски одговори и брзо носење на оценка/мислење (!) или во ситуации на депресивни состојби (!). Иако возрасните (треба да) се свесни дека нивните мислења се разликуваат од мислењето на другите, честопати, заради егоцентричноста на когнитивните процеси, ова не е така, па многумина не разликуваат, не препознаваат и/или не дозволуваат дека и другите „имаат право“да бидат „во право“.
Центрифугалноста пак се однесува на поимањето на светот во смисла дека она што го носиме во себе си го одредува она што го гледаме надвор. За ова многу научивме од теоријата на полето на големиот Kurt Lewin кој маестрално објасни дека пилотот на житното поле ќе види можна писта за слетување, земјоделецот ќе го види својот иден род а вљубената двојка прекрасно место за романса. Фотографот во шумата ќе бара можност за својата уметност, жедниот ќе бара вода, уморниот место за одмор.
Да заклучам, светот го осознаваме и доживуваме преку сопствените искуства.
Никој не може да знае како е да се чекори во туѓите чевли (иако може да мисли дека знае!). Сите ние знаеме само како е во нашите. Она што го знаеме за светот, конечно, е само наше доживување за истиот, наш поглед кон него.
Како ги гледаме другите?
Имајќи ја карактеристиката на егоцентрично и центрифугално битие човекот е наклонет и другите луѓе да ги гледа од сопствената перспектива, што значи, од една крајно субјективна дистанца.
Притоа, она што го гледаме кај другите повеќе говори за нас самите. Она што го мислиме за другите повеќе кажува нас самите. Можеби тешко да се разбере а веројатно уште потешко да се прифати, оваа научно потврдена вистина треба да се има на ум.

Затоа овде го поставувам прашањето дали имаме очи да го видиме скапоценото во другите луѓе.
Скапоцениот камен пред да стане нешто на што му се восхитуваме, не бил ништо поубав од обичниот камен. Камен како камен! Но, она што го одвоило од останатите камења е острото окото на оној кој го здогледал, по што следувале мирните раце на оној кој го избрусил. Своето најдобро издание скапоцениот камен го добива откако некој кој ја познава светлината, успеал да ја види во каменот пред тој самиот да блесне во својот најдобар сјај. И друго нешто. Во секого има нешто вредно. Дури и во обичниот камен. Да потсетам, и Michelangelo ја имал визијата за маестрално извајаниот Давид, пред да го направи. И нашиот археолог Јовица Станковски имал око да го види Кокино (мегалитската опсерваторија) иако истите камења со векови стојат онде без некој да им обрне внимание.
Треба да се имаат „очи“ за нештото да се види.
Запомнете, она што го гледаме во другиот е ограничено на она што го носиме во себе си.
Што можеме да откриеме за себе си од сопственото мислење за другите?
На ова место сакам да ве поттикнам да размислите за тоа што можете за себе си да дознаете преку сопствените оценки на другите.
Забележете за колку лица околу вас имате убави зборови, позитивни мисли или со колку лица околу вас учествувате во добри дела и искрено одговорете си на овие прашања.
За почеток доволно е само да бидете свесни за тоа што всушност мислите за другите.
Само бидете свесни! Без да напнувате, само набљудувајте каде ви е насочен фокусот и која ви е првата мисла кога ќе го здогледате она што ќе го здогледате. Сето тоа ќе ви покаже кон што всушност сте насочени, од што е привлечено вашето внимание.
Ако секој еден што ќе го видите за вас е убаво облечена девојка, умно момче, креативно дете, прекрасен сопруг, исполнета жена, среќен човек, бидете свесни дека тоа е показател на вашата внатрешна убавина, умнотија, креативност, исполнетост, среќа. Бидете свесни дека она што го гледате, мислите, чувствувате или очекувате се ваши сопствени содржини (а со тоа и ваша лична одговорност).
За да дознаете повеќе за своето мислење за себе си, набљудувајте ги своите мислења за другите околу вас, за светот околу вас, бидејќи она што го гледате, тоа сте.
Она што го мислите, тоа сте.
Како да (о)станеме скапоцен камен?
Секој е она што е, таков каков што е. И тоа е ОК.
Она што некој друг го гледа во вас е негова работа, не ваша. Заради тоа, без разлика како кој ве гледа, за вас е важно вашето доживување на себе си. Важно е како вие се гледате себе си.

За вас е битно своите скапоцени камења да ги избрусите на најдобар можен начин. Верувајте, никој нема да остане имун на нивниот сјај.
Притоа, бидете нежни кон себе си. Внимателно изострувајте го сопствениот поглед и посветено креирајте го Човекот во себе си (во зависност од тоа што е вредност за вас).
И запомнете, скапоцениот камен немал ама баш никаква потреба да стане парче накит. Тој е дел од природата и тука неговата приказна завршува. Баш му е гајле на каменот што ние мислиме за него. Човекот е тој го креирал во нешто прекрасно (според човечките критериуми за убавина).
Така и вие постапете со себе си. Човештината во вас нека го открива и бруси она парче природа кое го носите во себе.
И уште нешто, каменот сам по себе немал некаков избор, во смисла дали ќе биде откриен, виден и обработен од човека и дали ќе блесне или ќе остане закопан покрај многу други камења. Вие имате! Колку повеќе работите на себе, толку повеќе ќе сјаете - колку повеќе сјаете, толку помалку ќе ја гледате темнината околу вас.
* * *
Реченицата околу која ја исплетовме оваа приказна беше да очекуваш од секој човек да биде Човек, е исто како да очекуваш од секој камен да биде скапоцен камен.
Мојот завршен коментар на ова реченица е колку повеќе ја наоѓате вредноста во себе, толку повеќе ќе го гледате Човека во другите.
Ако очекувате другите да бидат подобри од она што се, тоа значи дека очекувате од себе си да биете подобри од она што се.
Ако успеете да го креирате скапоценото во вас, ќе имате очи луѓето да ги видите како Човек.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија
Comments