Зошто фокусот нѝ бега од позитивните нешта - доминација на незавршените гешталти
- pozitivnapsihologija
- Dec 25, 2014
- 6 min read
Во последно време, еве да речеме во последнава декада, можеме да забележиме дека како печурки после дожд никнуваат различни методи кои имаат за цел да го подучат светот за среќата, за смислата на животот и слични корисни нешта кои можат да го унапредат личното живеење на човека. Сите тие претставуваат одраз на проширување на колективната свесност за значењето на фините/пријатните/позитивните нешта во целокупната благосостојба на поединецот. Многу книги се напишани во форма на романи или друг вид литература за подигање на свесноста, за само-помош и што ли уште не. Од друга страна, генерално гледано, ректо се среќава човек може да се пофали со унапредување на квалитетот на неговото живеење. Ретко ќе се слушне задоволна сум од себе, а почесто немам време за себе.
Оттука логично е човек да си го постави прашањето како е можно и покрај напливот на поучна, научна или популарна литература, луѓето сѐ уште да се пожалат на тоа дека не се чувствуваат добро во сопствената кожа. Не ви се чини ли дека е малку тешко да се разбере како и покрај многуте совети и препораки за поквалитетен живот, кои насекаде може да се најдат, ако барем малку се загребе под површината на секојдневието, сѐ уште има мало придвижување во личните животи на поголемиот дел од поединците.
Ова сознание ме инспирира да напишам краток текст базиран на сознанијата кои ги дава науката а се однесуваат на следново: зошто фокусот нѝ бега од позитивните нешта.
При пишување на текстот станав свесна дека ова интригантно прашање е мошне комплицирано и обидот да се скрати во неколку цртички неоправдано ќе го симплифицира. Ова значи дека постојат повеќе научни објаснувања за тоа зошто тешко се концентрираме на добрите и корисните работи за себе. Заради тоа, во овој конкретен текст ќе биде изнесено само едно од нив (она за доминација на незавршените гешталти). На другите објаснувања ќе се осврнеме во други засебни постови/текстови, кога ќе им дојде редот.
Ајде да започнеме.
Една од главните причини заради кои човек обрнува недоволно внимание на позитивните нешта е тоа што тие претставуваат завршен гешталт.
Што ова значи? Да објасниме.
Во Гешталт Терапијата (еден од психотерапевтските правци) функционирањето на човекот (меѓу другото) се објаснува и преку функционирањето на гешталти. Тоа се целини кои претставуваат сцена на која има позадина и фигура. Фигурата е главниот објект на кој е фокусирано вниманието и како таква претставува главен предмет на играта. Кога играта ќе биде одиграна/завршена, гешталтот (целината) се затвора, фигурата се повлекува во позадина со што остава простор за нови фигури. Со други зборови, откако ќе се затвори гешталтот, вниманието се насочува кон нови нешта/потреби/емоции (фигури).

Да дадеме еден едноставен пример.
Отворање на гешталт: одвојување на фигурата од позадина.
Кога бебето е гладно негова потреба/фигура станува потребата да го задоволи гладот и како таква му го окупира целото внимание. Гладот се одвојува од својата позадина и станува доминантен објект на внимание на целокупниот организам; станува фигура која сѐ останато остава во сенка.
Затворање на гешталт: задоволување на потребата.
Откако ќе се најаде, бебето повеќе не чувствува потреба за храна. Гладот е задоволен и повеќе не е фигура. Фигурата се повлекува во позадина со што гешталтот се затвора во остварена целина. По задоволување на потребата бебето се чувствува како цело и исполнето и веднаш е подготвено за нови животни доживувања.
И така постојано.

Одвојувањето на фигура од позадина се доживува како непријатно искуство, искуство кое прави тензија. Сѐ што е непријатно организмот има природна тенденција да го ублажи или да го избегне. Животот станува организиран околу намалување на непријатноста, односно околу затворање на отворените гешталти.
Затворањето на гешталтот во една целина се доживува како пријатно доживување и со самото тоа, затворениот гешталт потоа се повлекува во позадина, повеќе не е во фокус и не го привлекува вниманието.
Оттука, човекот повеќе е наклонет да се концентрира на оние нешта кои ги доживува како непријатни, отколку на оние кои ги доживува како пријатни. Природно, пријатните работи не се во фокусот на внимание.
Затоа почесто ќе сретнете луѓе кои ќе ви раскажат како немаат пари/љубов/почитување, отколку што ќе сретнете вистински богат/сакан/почитуван човек кој ќе во зборува за тоа колку многу е богат/сакан/почитуван. Овој вториов повеќе ќе ви каже за други нешта (веројатно за своите незавршени работи), отколку да ви раскаже за тоа колку е богат/сакан/почитуван. Ова е така заради тоа што за него финансиското богатство/остварената љубов/постигнатиот статус се завршени гешталти/работи. Исто како што за првите не се.
Да резимирам, човекот има природна наклонетост кон фокусирање на незавршените работи. Неговото внимание природно е привлечено од работи кои не му даваат мира, повеќе отколку што е привлечено од оние кои му даваат мира.
Но, токму во ова е парадоксот. Неговото делување секогаш е насочено кон повторното воспоставување на пријатните доживувања. Со самото тоа што е свесен за тоа дека неговиот баланс е разнишан, тој презема активности повторно да го воспостави тој баланс, за да може да продолжи да живее.

Ова е (едно) објаснување на прашањето зошто фокусот ни’ бега од позитивните нешта. Затоа што е доминантно насочен кон незавршените гешталти. Со други зборови, незавршените работи доминираат во однос за завршените.
Значи, секогаш кога сме среќни, задоволни, мирни или исполнети тоа го разбираме како дадено здраво за готово, како завршена работа, како да нема што околу тоа понатаму да се бавиме. Ова значи дека нашата среќа per se не нѝ е во фокус, затоа што ја разбираме како condition sine qua non, како така треба, како нешто природно.
Но, затоа пак, секогаш кога доживуваме дизбаланс на личната среќа стануваме свесни за контрастното доживување. Дури тогаш стануваме свесни за спротивното од балансот. Ова исто така дел од нашата природа. Едноставно, не можеме да станеме свесни за нештото доколку не го осетиме неговиот недостаток.
Па така, инстинктивно почнуваме да трагаме по средствата кои би го вратиле балансот (среќата). Сепак, овде се работи за погрешна трага во „потрагата“ по среќата. Мислејќи дека „трага“ по среќата, човек всушност само бара средства да ја ублажи несреќата. Со други зборови, овде доаѓа до погрешно идентификување на среќа со средствата за нејзино постигнување.
И така поговорката патот до несреќата (оригинално: пеколот) е поплочен со златни плочки од добри намери, го добива своето научно објаснување. Повеќето луѓе мислат дека кога би биле (по)богати би биле посреќни или мислат дека кога би го нашле партнерот на својот живот би биле посреќни. Врз основа на своето мислење, тие се впуштаат во активности кои имаат повеќе врска со „средствата“ отколку со самата среќа. Дали разбирате? Меѓу желбата да се биде среќен и нејзиното остварување вметнати се две нешта кои ја маскираат среќата како таква. Тоа се мислењето и условите, кои го поплочуваат патот до нејзино неостварување.
Во основа на желбата за среќа се потребите да се чувствуваме пријатно, задоволно и исполнето. Но, проблемот настанува кога за овие состојби почнуваме да мислиме дека се некаде надвор од нас и дека зависат од условите во кои живееме, што е сосема погрешно и перфидно ги наведува човековите активности во погрешна насока.
За крај, да видиме со што е поплочен патот до среќата и како да го одржиме во фокус она што навистина нѝ е битно.

И додека децата, особено бебињата се зависни од околината, возрасните не се! Нивната среќа не е сведена на простото задоволување на базичните потреби. Тие знаат (или треба да знаат) дека нивниот живот зависи само од нив самите, од нивните потенцијали. Ова особено важи за постигнувањето на среќата, посебно ако се знае дека таа ги вклучува духовните потреби, емоционалните потреби и врски, доблестите и слично.
Оној кој сака да биде среќен најнапред треба да го прифати овој факт, дека може да биде среќен независно од условите во кои се наоѓа. Затоа, за среќен и исполнет живот, потребно е фокусот да го држите на среќата per se (а не да очекувате некој услов или некој друг од надвор да ве направи среќни, иако тоа никогаш не е исклучено, но не е поента на разговоров!).
Значи, независно од тоа каков е вашиот став околу ова прашање и во што повеќе верувате (во тоа дека среќата на вашиот живот зависи од другите и од околностите или дека за постигање на среќата сте способни сами!) факт е дека и сите богатства (материјални или духовни, сеедно) да ги спружат пред вас во овој момент, вие нема да можете да ја почувствувате изворно среќата, бидејќи таа е лично и организмичко доживување, кое единствено сами можете да го постигнете.
Едноставно, среќата не може никој да ви ја подари. За неа ќе мора сами да ја завршите работата.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

















































Comments