top of page

Заминување - нови средби

  • pozitivnapsihologija
  • Dec 22, 2014
  • 6 min read

Долго размислував дали овој пост да го напишам или не.

Колку што мозокот ми велеше дека таа тема не е (баш) дел од позитивното, толку срцето ми велеше дека треба да го сторам тоа. А срцето е секогаш во право.

Одлучив да напишам некој ред на оваа тема, во надеж дека ќе понудам поинаков поглед на една работа која за никого на светов не е пријатна.

Тоа е разделбата.

На сите нѝ е јасно дека разделбата е дел од животот. Сите еден ден ќе заминеме, од некаде, од некого, од овој живот. Го сфаќаме ова како здраво за готово. Хм, е ОК де, сите ќе заминеме, и што!?! - ќе си помислиме и толку. Секој ден луѓе заминуваат од (лош) брак, од (лоша) работа, од (лош) живот, тоа е нормално - ќе си речеме.

И додека повеќето од нас немаат проблем со сопственото заминување (затоа што знаат дека заминуваат на подобро, затоа што сакаат да тргнат кон нешто подобро), кога ќе замине некој кој многу нѝ е драг, стануваме свесни за бурни доживувања, кои ги искусуваме со целото битие. Ова посебно важи за онаа најдраматична разделба, особено ако таа е ненадејна. Тогаш, болката нѝ го дере битието, нѐ дели на половина, нѝ прави да рикаме со сета сила. Во најмала рака, не нѝ дава мира. Се нема сила работите да се погледнат од друг агол. Време треба, велат. Боли, но ќе помине, велат. Не се оди со оние кои заминале, велат.

И тоа е точно (сѐ додека не нѝ се случи нам). Тогаш ќе крикнеме како да не(!) - негација, мора(ше) ли така да биде - каење , можев ли нешто (повеќе) да сторам - чувство на вина, нека оди бестрага - бес, да му се навиди - жалење и разочараност, проклето нека е - лутина.

Да не си му во кожа на оној кој ја доживува разделбата. Да не си му во кожа на оној кој останува.

Веќе ми се солзите на очи, присетувајќи се на разделбата која јас ја имав со баба ми. Последниот поглед, како во песната, фрлен преку рамо, нејзината поткрената рака како поздрав, јас потполно несвесна дека тоа е последното видување.

Запирам со куцањето. Па не е тоа она што сакав да го кажам, си велам. Но излезе. И нема да го кријам од вас. По неколку секунди се прибирам и еве ме се враќам на текстот.

Сакав да проговорам за позитивните аспекти од разделбата. Ќе прашате, па има ли такви. Тешко е за прифаќање во прв момент, знам, но да, има. И на нив им е посветен текстот. Кои се(?), нема(!), се противите. Го разбирам (и го познавам) ова доживување. Не ми е страно. Но сега, од оваа дистанца, знам дека и кога е најтешко има начин успешно да се справиме со тоа. Празни зборови, ќе си речете. И ќе бидете во право, признавам. Но, нешто во мене (пак, ќе да е срцето, изгледа) ми вели, раскажи ја својата приказна; овојпат, батали ја науката (која толку многу ја сакаш) и едноставно пишувај за твоето патување низ тие беспаќа; можеби некој ќе види нешто што може барем малку да ја олесни тежината на разделбата.

Затоа драги луѓе, со особена внимателност и нежност кон оние кои ја доживеале разделбата и во надеж дека овој текст ќе биде светлата точка, ви се обраќам на сите вас кои чувствувате (а тешко ви е да поверувате или да прифатите) дека животот продолжува и по заминувањето.

Во годинава која еве ја оставаме зад себе (која заминува) во мојот живот имаше две разделби кои воопшто не ги очекував. Некако едно по друго се погоди од овој свет да заминат еден, за мене, голем авторитет и една душа која многу добро ја познавав, со која израснав. Двајцата ми беа многу значајни а сите моменти кои сме ги поминале заедно за мене се многу весел спомен. Никогаш нема да ги заборавам. Никогаш! Многу тешко ми падна. И сѐ уште се расплакувам кога и да помислам на ненадејноста на разделбата. Се исплакувам од дното на душата! Кога боли, боли, нема тука што да се сопира, да се негира или да се игнорира. Тоа е тоа.

Но, како одминува времето (ах тоа време!), сѐ повеќе сум свесна дека секој оној кој заминува не заминува од нашиот живот, туку едноставно заминува! Дали разбирате? Секој е овде да го живее својот живот и одлуката како ќе го направи тоа и дали и кога ќе замине е негова (без оглед на тоа што ние мислиме за тоа, и што ние чувствуваме за тоа). Јасно е како ден, дека оние кои многу нѝ значат, кога ќе одлучат да заминат, за нас тоа е шок. Сепак, не заборавајте дека ништо не е случајно. Дека сѐ има своја смисла. Оние кои ги сакаме треба и да ги почитуваме, како битија кои имаат свои одлуки (па макар и такви да заминат, онаму каде решиле да заминат).

Во тој октомври 1999 се подготвувавме во радости и веселба за посета на нејзиниот дом по повод куќната слава Петковден (заслугот многу го сакавме сите). Недела дена пред празникот ми јавија дека заминала. Од земја се треснав! Тогаш донесов одлука дека никој никогаш повеќе нема да ми недостасува. Во една секунда созреав и станав човек свесен за вредноста на сегашниот момент (не како флоскула туку како реално доживување на контекстот на живеење, затоа што верувале или не, единственото нешто што постои како време е сегашниот момент). Тогаш решив дека секогаш кога сакам да го видам некого, јас сум таму. За мене оттогаш не постои она ќе се видиме (утре, следната недела, некогаш, никогаш). Ако некого стварно сакам да го видам, одам и го гледам. Го гушкам, поминувам убаво време со него. Му се радувам. Така заедно оставаме печат во нашите животи, кој потврдува дека живееме живот вреден за живеење (без разлика кој ќе си замине а кој ќе остане, еден ден). Градиме спомени кои ќе нѐ потсетат зошто сме овде и зошто живееме. Заедно плетеме бесценета мрежа која ќе нѐ дочека кога разделбата ќе не „тресне од земја“.

Во август годинава слушнав две вести за заминување. Веќе спомнав, и двете неочекувани и многу, многу болни за мене. Локум за душа. Не се купува тоа за врсник, ниту за оној кој ти бил близок како татко. Никој никогаш нема да се навикне на разделбите. Но овојпат, петнаесет години постара, знам дека сами одлучија да заминат. Зашто повеќе за нив не беше интересно на овој свет (секому од свои причини - имаа тие свој убав свет, оној внатре во нив, кој ја надминуваше условеноста).

Ова сознание ми помогна да го видам заминувањето од поинаква перспектива. Да видам дека кога некој заминува не го прави тоа заради другите (да ги повреди, да ги напушти или не знам што), туку го прави тоа за себе (за своја сметка). Благодарна сум им што со нивното заминување созреав да го видам тоа. И да се освестам дека животот е за уживање во него, дека е убав додека е интересно внатре. Кога ќе престане да биде, кога повеќе нема уживање, нови хоризонти се бараат. Нема душата интерес да останува во нешто што не ѝ е повеќе интересно, што ѝ станало досадно, немило и недраго (независно што ние кои остануваме мислиме за тоа).

Сега кога ова го знам, малку поинаку гледам на разделбите.

Сега знам дека сите заминуваат тогаш кога ќе одлучат така. Нивното заминување и понатаму мене тешко ми паѓа. Ох, би сакала јас уште да можевме заедно да се смееме. Малку ми е мене тоа, сакам уште да се забавуваме заедно, но сега сум (до некаде) помирна затоа што можам да го погледнам ова во поширок контекст (оној кој го надминува моето мислење и моите лични доживувања кои ги имам за драгите луѓе).

Сега знам дека секој е способен за себе да одлучи најдобро. Верувам во тоа. Верувам дека да им било интересно и добро тука ќе останеле. Сите го сакаат животот! Никој никаде не заминува од „масни колачи“ (како што вели народната). Но ете, изгледа оној кој заминува повеќе не го гледа овој живот како скроен по неговата мерка, не го гледа како што ние би сакале да го види.

Сега знам дека сите оние кои одлучиле да заминат се на вистинскиот пат до сопствената среќа.

Затоа драги мои, како што ние, кои веќе сме тука, со песна го славиме доаѓањето на новиот живот ...

... така треба да ги испратиме и оние кои заминуваат ...

Нови средби ги чекаат, таму некаде.

Нов живот.

Нека одат во слобода.

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

* Ненадејното заминување на двајца наши великани од кои бликаше уметноста, беше пресудно за пишување на овој текст. Едниот (се воздржав од пишување) вечно ќе блеска над нашето литературно небо а другиот (ме докусури) вечно ќе брмчи над небото на нашето глумиште. Момци, Ви посакувам нови широчини и мирна пловидба по нив. Испукајте ги своите најдбори стихови, одиграјте ја својата најдобра игра, таму некаде, ако веќе овде стана претесно за вас.

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page