Гушкање - исцелителна моќ на допирот
- pozitivnapsihologija
- Dec 16, 2014
- 7 min read
Веднаш да појасниме.
Во овој пост нема да стане збор за никаква мистична „исцелителна“ моќ која на непознат начин делува на човека. Напротив.
Овде ќе стане збор за научниот поглед врз една од основните потреби на човека а тоа е потребата од контакт, во случајов, потребата од физичкиот контакт, односно допирот.
Ќе ги изнесам во детали, затоа читајте полека и внимателно.
Фактите се пред вас. Искористете ги.

Да погледаме како да станеме посреќни преку гушкањето и допирот.
Допир
Допирот претставува едно од петте познати сетила, преку кои човекот го осознава светот.
Органот преку кој ги примаме допирните (тактилните) сензации е кожата, која патем речено е најголемиот орган на човековото тело. (Случајно? Нема такво нешто!)
За разлика од останатите сетила и нивните соодветни органи (вид-око, звук-уво, вкус-јазик, мирис-нос) преку сетилото за допир-кожата (и нејзините деривати: косата, влакната и ноктите, како и преку соседните органи на кожата: мукозното ткиво) примаме богатство од сензации.
Преку допирот стануваме свесни за: топло, ладно, болка, притисок, чешање и вибрации. Дополнително заедно во содејство со други телесни органи кожата испраќа до мозокот информации и за позицијата на телото, односно учествува во формирање на т.н. кинестетски осет.
Допирот е медиум преку кој дознаваме многу за околината, но најважно за оваа статија е дека преку допирот и гушкањето можеме да го унапредиме нашето здравје, да ја зголемиме среќата и да постигнеме баланс и благосостојба во животот.
Гушкање
Гушкањето претставува акт на прегрнување на друго човечко битие, друго живо битие, па дури и нежив објект. Само како пример, честопати инстинктивно, оние кои имаат домашни миленици се гушкаат со нив. Неретко се случува човек да гушне дрво или да гушне книга или слика/предмет од сакана личност.
Гушкањето претставува акт кој е длабоко човечки и со него на ултимативен начин се изразува потребата од контакт, односно од поврзување.
Иако можеби ќе зазвучи банално, но да го погледаме актот на гушкање одблизу.
Вообичаено гушкањето во кое уживаме претставува акт на физичко привлекување на конкретен субјект или објект со рацете и негово доближување и благо притискање до градите. Обрнете внимание, гушнатиот го привлекуваме и нежно го припиваме до градниот кош, местото во чија внатрешност се сместени белите дробови и срцето (честопати поврзувани со локација на која престојува душата и со која чувствуваме љубов!). Дополнително, гушкањето може да биде придружено со благо движење на рацете на гушкачот преку грбот на гушнатиот, во висина (повторно) на градниот кош а по должина на ’рбетниот столб.
Се разбира постојат и групни гушкања вообичаени меѓу блиски членови од семејство или друга кохезивна група, за кои е карактеристичен контактот со поголема површина од телото, прегрнување преку раменици или преплетување на рацете околу половината на телото, како и седнување во скут, карактеристично за деца кои чувствувајќи се безбедно, комплетно се нушнуваат во прегратките на родителот.
Гушкањето е медиум преку кој дознаваме многу за социјалниот свет, за нашите односи со другите, за односот на другите кон нас.
Физиологија на гушкањето
Во моментите на контакт остварен преку гушкање се случуваат бројни телесни, хемиски процеси кои го подобруваат физичкото здравје на човека.
Еден од најпознатите и најчесто споменуваните факти за гушкањето е дека при гушкање се зголемува нивото на окситоцинот, т.н. хормон на љубовта, уште нарекуван и хормон на поврзувањето.
Самиот хормон има благотворно дејство врз срцето, намалувањето на крвниот притисок и намалувањето на штетните влијанија на стресот врз организмот, бидејќи го намалува кортизолот - хормонот на стресот. Поматаму, окситоцинот го стимулира лачењето и на серотонинот - хормон на среќата и на допаминот - хормонот на задоволството, што само по себе го објаснува неговото значење за среќен живот, исполнет со задоволство (притоа не се мисли само и исклучиво физичкото туку и на емоционално и духовно задоволство).
Окситоцинот се лачи во хипоталамусот, но се складира и се излачува во крвотокот преку задниот резен од хипофизата.
Помалку познат факт за гушкањето е дека низ кожата се распоредени (нервни) центри наречени ламеларни телца (lamellar corpuscle) кои се познати како телца на задоволството. Тие имаат способност за пренесување на притисок и вибрации и истите комуницираат со мозокот преку нервот Vagus, еден од 12-те капитални (кранијални) нерви, кои директно излегуваат од големиот мозок. Конкретно, нервот Vagus излегува од мозочното стебло, односно од неговиот дел познат како продолжен мозок - мedulla oblongata (познат и како јазол на животот (!)).
Нервот Vagus дава инервација (меѓу другото) и на мазната мускулатура на белите дробови, како и на срцевиот мускул.
Она што е важно за контекстот на гушкање е дека тој е поврзан и со рецепторите за окситоцин. Ова значи дека преку стимулација на овој нерв (гушкање или допир на регијата околу градниот кош) се зголемува лачењето на окситоцинот, што доведува до бројни здравствени продобивки.
Ефекти од гушкањето
Од ефектите на гушкањето врз телесната благосостојба до кои дошле Forsell & Åström би ги издвоиле:
намалување на ризикот од срцеви заболувања
намалување на стресот
подобрување на имуниот систем
намалување на можностите од инфекции
Во однос на психичката благосостојба и среќа би ги споменале:
намалување на безволноста, летаргијата и меланхолијата
олеснување на депресивните состојби
олеснување на напнатост
намалување на чувството на осаменост
зголемување на чувството дека можеме да се справиме со стравот
Иако и претходно набројаните ефекти од гушкањето имаат позитивни ефекти врз човекот, сепак дел од нив во својот опис вклучуваат термини или состојби кои имплицираат некаква потешкотија или отсуство на некоја позитивна состојба.
Заради тоа, во оваа пригода особено би ги истакнале следниве неколку ефекти кои се опишуваат исклучиво со позитивни термини и имплицираат само позитивни аспекти и состојби:
покачувањето на самодовербата
покажувањето/изразувањето на почит
зголемувањето на чувството на припадност
зголемување на чувството на прифаќање
зголемување на чувството на среќа и задоволство
Сите ефекти од гушкањето се значајни, но за постигнување на среќа и исполнет живот предност би им дале на последните, но би апелирале да се обрне внимание на сите набројани, бидејќи се значајни за целокупноста на здравјето и благосостојбата на човекот.
Емоционална блискост и гушкање
Гушкањето подразбира извесна близина со оние со кои се гушкате. Во спротивно, гушкањето и допирањето можат да бидат и контрапродуктивни. Ова е битно да се знае!
Кога сте во контакт со блиско лице, кое ви верува и на кое му верувате, можете да го гушнете секогаш кога тоа ќе го посакате. Во спротивно, внимавајте да не (си) неправите поголема штета.
„Бегај, не ме допирај“ е драматичен приказ на тоа дека меѓу конкретните лица нема доверба!
Кога нема доверба - нема контакт, нема допир а за гушкање нема место.
Па така, ако е социјална норма дека „мора“ да се гушнете со некој кој не сакате ни да го гледате, тогаш гушкањето може само да ги влоши работите.
И обратно.
„Имам потреба од близина“ имплицира потреба до контакт, гушкање, држење за раце, со во кое имате доверба.
Кога има доверба - има контакт, има допир, има место за гушкање.
Работите можат да станат само подобри.
Позитивни импликации од фактот дека гушкањето е најдобро кога се гушкаат блиски луѓе, е дека секогаш кога некој од блиските не се чувствува „цел“, гушкањето ќе има исцелителен ефект (оттука и насловот на статијата). Значи, секогаш кога некој не е „добро“, не се чувствува „ОК“ гушкањето ќе има функција на „спојување“ на битието во едно, во (едно) цело. Со други зборови, гушкајте се со блиските секогаш кога сте (или тие се) депресивни, тажни, носталгични, под стрес. На овој начин ќе му помогнете на битието кое го гушкате да исцелее. Запомнете, гушкањето го намалува отпорот и дава многу физичко и психичко олеснување. Според Chillot, воопшто и не битно дали сте гушкачот или гушнатиот, бидејќи допирот има реципрочна функција и хемиските процеси бездруго ќе се одиграат во организмот.
Ако почувствувате нелагодност при гушкањето (дури и со блиски или значајни луѓе) време е да си поставите прашања (и да си ги одговорите, искрено, без оглед на се’) дали вие сте со тоа лице и дали тоа лице е со вас во онакви релации какви што би сакале да бидете. Според Hertenstein и соработниците ова е одлична можност за освестување на сопствени содржини. Со висок процент на точност можете да утврдите што всушност вие чувствувате кон конкретното лице. Почувствувајте. И размислете!
Искористете го допирот за само-помош
Вистина е дека луѓето се незаменливи. Нивното значење во нашите животи е над секоја можност да биде опишано со зборови. Но, што може човек да направи за да го подобри квалитетот на живеење и да го одржи балансот во умот, душата и телото, кога значајните луѓе или луѓето на кои им верува не се физички блиску, па не може да ги гушне?
Во тој случај, искористете ги предностите на допирот.
Доколку од која и да е причина немате можност од гушкање со значајните луѓе во вашиот живот, искористете го физичкиот контакт-допирот и користа од него.
На пример, доколку сте отидени на некое подолго патување или некој ваш близок времено е далеку од вас, препорачливо е да појдете на масажа, особено на масажа на грбот. Тоа ќе ве опушти а се разбира и останатите хормонски процеси ќе се покренат во организмот. Туширањето со топол туш или пливањето, кои овозможуваат благ притисок на водата врз кожата, можат до одредена мерка да ја задоволат потребата од физички контакт и допир. Уште еден пример за искористување на благодатите од допирот е галењето на крзнено животинче. Познато е дека луѓе кои се соочиле со одредени немили ситуации во својот живот а кои биле во контакт со пес или мачка, поефикасно исцелуваат во однос на лица кои се соочиле со слична ситуација, но притоа немале контакт со животни.
Како до среќа преку гушкање?
Овие страници би ја изгубиле својата поента доколку главниот акцент не би го ставиле токму на позитивната страна на живеењето. Затоа, овој пост го завршуваме со нагласување на позитивните аспекти од гушкањето.
Освен што гушкањето има благотворно дејство врз телото и психата на човекот, тоа не треба да се користи само и исклучиво во ситуации кога истите се доведени во прашање. Напротив.
Гушкањето треба да се практикува секојдневно.
Преку гушкањето вашето доживување на себе си ќе се подобрува. А вие ќе се чувствувате се’ подобро и подобро. Ќе чувствувате како да си доаѓате на себе си, како станувате свои на своето, како да станувате цели, како да се исполнувате со себе си.
Намерно и свесно одржувајте ги нивоата на хормоните на љубовта, среќата и задоволство на високо ниво. Така ќе имате подобра работа на срцето, дишењето ќе ви остане умерено и ритмично, самодовербата ќе ви се одржува на функционално ниво, мислите ќе ви бидат позитивни, концентрирани и смирени, ќе го имате доживувањето на поврзаност, со себе си и со светот.
Затоа, гушкајте се секој ден. Останете во прегратка со драгите и значајни луѓе, барем по десеттина секунди, неколкупати во текот на денот. И додека просечниот човек на гушкање „троши“ околу две минутки во текот на денот, замислете си како ќе се чувствувате доколку успеете да „соберете“ барем три минути дневно во гушкање. Тоа што науката сигурно го знае е дека така ќе бидете во одлична позиција за зацврстување на самодовербата, телесниот баланс и чувство на исполнетост и целовитост.
До следното читање, ве гушкам.
Автор на текстот
Психолог, Гешталт терапевт
Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

















































Comments