top of page

Значењето на сонот и спиењето. Зошто спиеме?

  • pozitivnapsihologija
  • Dec 9, 2014
  • 5 min read

Спиењето претставува феномен кој е дел од нашиот живот.

Всушност, тоа е третина од нашиот живот. Една ТРЕТИНА!

Една третина од животот преспиваме.

Зошто?

Дали сте се запашале??

Која е функцијата на сонот?

Мирно заспани

Бидејќи луѓето имаат тенденција да ги земаат работите здраво за готово, претпоставувам, малкумина се прашале чуму служи спиењето.

Ако е така, тогаш ајде да му пристапиме на ова интересно прашање преку она што сите сме го искусиле.

Сетете се, како се чувствувате кога сте ненаспани.

Раздразливи? Импулсивни и нервозни? Реагирате брзоплето? Станувате агресивни? Не можете на нозе да стоите, не можете да возите, ви се врти во глава? Не можете да се концентрирате, не можете ништо да запомните, не можете да се сетите на информации кои секојдневно ги користите?

Колку и да се различни доживувањата, сите можат да се опишат како непријатни. И покрај тоа, современиот човек често изјавува дека е ненаспан. Неспиењето го уништува квалитетот на живот, чувството на живот кој има смисла се намалува а чувството на среќа и исполнетост ретко се дел од општото себе-доживување.

Вистината е дека не можеме без сон и дека сонот е есенцијален за нашето здравје.

Да објасниме зошто.

Денеска се знаат многу работи за сонот и спиењето.

Познати се фазите низ кои минува сонот, механизмите кои го контролираат спиењето, електричната и хормоналната активност на мозокот додека спиеме. Познато е дека не можеме да заспиеме стоечки, дека не можеме да ги поминеме сите фази на спиење и „цврсто“ да заспиеме доколку сме изложени на силна светлина, дека не можеме да заспиеме додека капаците од очите ни’ се отворени, како и тоа дека не можеме да заспиеме додека стапалата ни се студени. Познати се и телесните и психичките појави кои се резултат на отсуство на спиењето.

Сепак научниците не можат да се сложат околу причините за тоа зошто спиеме.

Да споменеме неколку идеи кои се обидуваат да дадат одговор на прашањето.

1. Зачувување на енергија.

Еден од одговорите на прашањето зошто спиеме е дека спиеме заради тоа што организмот има потреба од зачувување на енергијата. Ова објаснување е сосем блиску до колективната свест, но науката веќе потврди дека организмот кој спие троши скромни 110 калории помалку енергија од организам кој во ист временски опсег не спие туку едноставно мирува.

Иако мошне интуитивна, ова е научно дискутабилна и не баш оправдана идеја.

2. Обновување на организмот.

Друга идеја која заслужува внимание е онаа која објаснува дека спиеме заради обновување на организмот. Оваа идеја не е нова, но дури сега во XXI век има научно покритие, со оглед на тоа дека веќе е потврдено дека постојат гени кои се одговорни за обновување на организмот а кои се активираат само за време на спиењето.

3. Мозочно процесирање и консолидирање на меморијата.

Оваа идеја е мошне интересна и во последно време силно го окупира современото научно мислење. Се работи за објаснувањето дека спиеме заради тоа што за време на спиењето врските меѓу невроните кои се важни за решавање на комплексни проблеми, за иновативни идеи и креативност, се поврзуваат и стануваат посилни, додека оние кои се помалку важни имаат тенденција да исчезнат. Значењето на оваа идеја е во тоа што укажува дека спиењето има функција на преживување, но што е уште побитно, таа укажува и на функцијата на мозокот во унапредувањето на квалитетот на живеење.

4. Чистење на мозокот.

Во своето скорешно истражување, објавено во 2012 год., Jeffrey J. Iliff и неговиот тим наоѓаат дека спиеме заради тоа што за време на спиењето мозокот го чисти своето ткиво од штетните материи кои се резултат на бурниот и активен клеточен метаболизам на невроните.

Да го погледаме од близу ова откритие.

За објаснување на феноменот на чистење на мозокот потребно е малку предзнаење за чистење на организмот, како целина.

Еве за што се работи.

Главен чистач на организмот е лимфниот систем. Неговото значењето за одржување во живот е клучно. Здравјето на организмот во голема мера зависи од здравјето на лимфниот систем. Самиот систем е составен од телесна течност позната како лимфа, лимфни садови, лимфни жлезди, најчесто групирани во лимфни јазли и лимфни органи. Покрај имунолошката, една од неговите значајни функции е да ги собере токсичните материи од метаболизам на клетките, исфрлени во меѓуклеточните простори, да ги прочисти низ лимфните жлезди/јазли и прочистената крвна плазма да ја врати во крвотокот, преку венскиот систем. Она што е значајно за овој контекст на сонот и спиењето е тоа дека овој систем е распространет низ целиот организам освен во мозокот.

Овде наидуваме на прашањето: ако нема лимфен систем, на кој начин се чисти мозокот?

Одговорот е: мозокот се чисти со помош на телесната течност позната како церебро-спинална течност. Оваа течност го исполнува просторот кој го окружува мозокот. Таа го окружува големиот мозок и неговите делови, малиот и ’рбетниот мозок. Оваа течност служи за пренесување на отпадот од внатрешноста на мозочното ткиво до крвотокот. Функцијата е многу слична како и функцијата на лимфата, со таа разлика што во мозокот нема дополнителни садови кои би ја пренеле до крвотокот. Она што за овој контекст на спиењето е најбитно е дека овој процес на прочистување на мозокот се одвива само и исклучиво за време на спиењето.

Самиот процес на чистење се одвива вака: во текот на спиењето, мозочните клетки го намалуваат својот обем и формираат поголем меѓуклеточен простор низ кој минува церебро-спиналната течност. Таа на некој начин ги „измива“, ги „плакни“ невроните и со себе ги понесува токсичните метаболити создадени како резултат на мозочната активност.

* * *

Овој пост го завршувам со истакнување на две битни нешта кои се во контекст на позитивната психологија.

  • Наспијте се добро.

Ова е од клучно значење за вашиот живот. Не се оставајте без сон ниту една ноќ. Слушајте го сопствениот организам и ако почувствувате, дремнете и во текот на денот затоа што така ќе му дадете на мозокот можност да се прочисти. Исфрлете го ѓубрето од вас. Почнете од мозокот. Ако мозокот ви е чист и животот ќе ви биде.

Онаа народната вели: „да отспијам, да ми се разбистри умот“. Има логика. Разбистрете го умот. Само бистар ум работите може да ги „гледа“ чисто.

  • Концентрирајте се на она што ви е важно.

Без разлика што е тоа. Додека сте будни мислете на она што го сакате, на она што ви користи во животот, мислете на она што ве прави среќни. Грижите и нервозите оставете ги засекогаш. Ова е прашање на вежба. Најдете време да тренирате позитивни мисли, научете да гледате во убави работи, фантазирајте за она што сакате да го доживеете. Колку повеќе го вежбате она што сакате да го видите и доживеете, толку повеќе тоа ќе се зацврсти во вашиот мозок.

Народната вели: „утрото е помудро од ноќта“. И ова имало логика. Не заборавајте, човекот е homo sapiens (мудар човек) а спиењето му помага да ги искористи тие потенцијали. Преку спиењето мозокот ги зајакнува оние синапси меѓу невроните кои се одговорни за нови решенија и за креативни идеи. Секогаш кога имате некаква ситуација за решавање, некаква одлука за носење, на вашиот мозок му е потребен сон за да може да креира нови одговори, да продуцира нова идеја.

Само позитивниот ум може да создаде креативни решенија за работите кои ги смета за значајни.

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

* * *

Ова е мојот предлог за сите вас на кои сонот ви значи.

Ако ви е потребна дремка или се подготвувате за спиење, кликнете го линкот и уживајте во тишината која Бетовен брилијантно ја создава.

Умот сам ќе се разбистри.

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page