top of page

Зошто (воопшто) позитивна психологија?

  • pozitivnapsihologija
  • Nov 20, 2014
  • 5 min read

Психологијата е интересна наука.

Нејзиниот предмет на изучување - душата - не е интересен само за науката, туку за многу поширок аудиториум. Сите некако инстинктивно се интересираат за душата. Сите ги интересира што има Психологот да каже. Тоа е романтичната страна на психологијата.

Научната има свој лик. Од етаблирањето на псхологијата како научна дисциплина, таа претендира да се потврди како егзактна наука. Ова значи дека таа своите откритија ги базира на научно потврдени докази и со право може да се нарече наука базирана на докази.

Откритијата на психологијата се големи. Светот кој го познаваме воопшто не е ист со она каков бил пред психологијата да го заземе своето место во друштвото на науките. Сепак, иако има големи достигнувања како наука, психологијата на предизвикот јасно да го дефинира својот предмет на истражување - душата - се’ уште нема дадено единствен одговор, зад кој би застанале барем повеќето психолози. Ова, во никој случај, не ја намалува вредноста на нејзините откритија. Напротив, ова може да се согледа и како една од големите предности на психологијата, бидејќи различноста во поимањето на предметот на истражување дало широки хоризонти за научни истражувања на различни области на човековото живеење. Така, во психологијата се истражуваат базичните психички процеси: осети, претстави, перцепции, учење, помнење, мислење, говор; како и други психички порцеси и состојби: емоции, интелигнеција, мотивација, однесувањето, ставовите, комуникациите, сонот, свесноста, индивидуалноста, креативноста и многу други области од интерес не само за психологијата туку и за бизнисот, социологијата, политиката, медиумите, мирот, слободата, родовите прашања, маркетингот, преговарањето итн. Особено голем придонес психологијата има дадено во расветлување на појавите кои спаѓаат во категоријата на психо-патологијата, социјалната патологија и криминологијата.

Сепак се чини како во големата слика нешто да недостасува. И овој впечаток не е само субјективно искуство. Тој е непобитен факт. Психологијата знае многу за тоа како да се справи со чувството на депресивност, но малку за тоа како се постигнува чувството на среќа; знае точно што ја карактеризира анксиозноста, но малку за тоа што го карактеризира исполнетиот човек; знае многу за стресот, но малку за благосостојбата.

Се работи за тоа дека: психологијата мал дел од својот капацитет насочила кон појавите кои се на позитивниот крај од континуумот наречен живот. И ова е над секое лично доживување, мислиње или став. Ова е општа констатација за психологијата, погледано од денешна перспектива.

Затоа, сметам дека е битно да се даде коректен одговор на насловното прашање: Зошто позитивна психологија?

Да започнеме со расправата.

Главниот аргумент кој го потврдува етаблирањето на позитивната психологија, како научна дисциплина или гранка од психологијата како наука е тоа што:

задача на науката е да ги истражува појавите такви какви што се.

Да тргнеме од премисата: човекот е целовито природно битие.

Негова природна потреба е не само да ја избегне сиромаштијата во животот, туку и да постигне животна благосостојба. Негова природна желба е да биде здрав, среќен, исполент и да живее живот со смисла, не само да избегне болест, немоќ, чувство на празнина и бесмисленост. Оттука, јасно е зошто современата психологија својот фокус се’ повеќе го свртува кон позитивните аспекти на живеење и своето делување го формулира како посебна дисциплина која ја нарекуваме позитивна психологија. Современата психологија јасно ги согледа своите достигнувања на ова поле и како резултат на тие сознанија својот научен напор се’ повеќе го ориентира кон позитивниот крај од поларноста позитивно-негативно.

Понатаму, во своите истражувања психологијата како наука базирана на докази, открила многу за деловите на човековата душа, но помалку за целовитоста на човековото битие. Таа знае доста за перцепцијата и мотивацијата како делови од човековото постоење, но помалку за тоа како човекот да се оствари себе си како среќно и целовито битие. Психологијата знае како да се справи со стресните состојби (што е дел од животот), но малку може да помогне доколку некој побара од неа совет за тоа како да постигне исполнет живот (што е доживување на целото човеково битие).

Да ја разгледаме и премисата: човекот е природно наклонет кон позитивните вредности на живеењето.

Психологијата во XXI век согледа дека е време нејзиниот фокус да биде свртен кон откривање на оние аспекти на живеење кои ќе дадат свој придонес кон унапредување на квалитетот на живеењето на поединецот, бидејќи квалитетен живот е природна состојба на човековото битие. Таа сега, подобро од кога и да е, разбира дека примарната превенција не е клучот за решавање на проблемите на живеење. Со други зборови, психологијата како наука во XXI век, е свесна дека отсуството на болест не е здравје, дека отсуството на војна не е мир, дека отсуството на сиромаштија не е благосостојба, дека отсуството на ретардација не е генијалност, дека отсуство на анксиозност не е фокусираност, дека остуство на депресивност не е радост, дека отсуството на пореметувања не е исполнетост на животот и конечно дека отсуството на несреќа не е среќа.

Денеска психологијата со повеќе храброст од кога и да е покажува дека во совоето постоење како наука, до некаде, ги занемарила позитивините контексти на живеење, кои се природна состојба на човекот. Секој човек сака да е среќен, здрав, ведар, радосен, исполнет, сакан. Никој нема дилема околу ова. На сите ова им е јасно како ден. Сепак, психологијата повеќе се интересирала како да се справи со потешкотиите, предизвците, пореметувањата, отстапувањата а помалку за тоа како да се постигне она што е на другиот крај од поларноста негативно-позитивно: убавината на живеењето, радостите и уживањето, усогласувањето на живеењето со здравјето, среќата и благосостојбата. Психологијата согледа дека за да се постигне исполентост, процут и среќа, потребно е подетално да се истражуваат овие феномени и тоа онакви какви што се.

Психологијата конечно прифати дека не е доволно да знае се’ за тоа како да ги превенира несаканите состојби и како да се справува со сето она што го тормози човештвото. Таа конечно прифати дека е потребно да се фокусира на суштината на среќата и истата да ја истражува како посебен феномен, кој има своја содржина и кој може непосредно да се истражува. Психологијата денеска се фокусира не само на превенција на маките и неволјите на поединецот и човештвото, туку и на феномени кои водат до процут, развој и благосостојба.

* * *

Расправата може да биде и подолга и поширока и подлабока од ова што е изнесено овде. Но, изнесеново е сосема довоно е за да го сублимираме одговорот на прашањето: Зошто (воопшто) позитивна психологија?.

Позитивната психологија заради тоа што тоа е научна дисциплина која ги третира феномените на среќата онакви какви што се. Таа ја изучува среќата како природна состојба и стремеж на човековото битие. Да се биде среќен, да се оствари исполент живот, да се креира личен процут и да се живее живот со смисла, се суштината на човековото живеење, суштина на неговата природа. Тоа се позитивни состојби на живеењето и неосновано е тие да се дефинираат преку негативни термини, уште помалку да се доведуваат во нужна корелација со отсуство на негативни појави. Среќата и благосостојбата се човекови природни посакувани состојби, кои имаат сопствена содржина и сопствени карактеристики и изучуваќи ги како такви може да се дојде до нивната суштина, закономерности и чинители.

Заради сево ова, постоењето на позитивна психологија е многу логичен развој на психологијата како наука. Психологијата конечно мора да одговори на оние прашања кои се суштински за човековото живеење и го засегаат комплетното човештво.

Прашањето на среќата е универзално за сите живи битија на планетава, без исклучок. Без разлика на индивидуални карактеристики сите луѓе сакаат да бидат среќни. Последново само по себе го одговара насловното прашање.

Преку откритијата до кои доаѓа и допрва ќе доаѓа позитивната психологија унапредувањето на квалитетот на живеење на поединецот и на човештвото е извесно. Ова е водено и најголема вредност на позитивната психологија: креирање на апликативно тело на знаења, кое ќе биде изградено од научно докажани вистини, кои човекот ќе може да ги користи за постигнување на личната среќа и процут. Последново е особено битно бидејќи сите луѓе имаат потенцијали да бидат среќни, па знаењата кои ќе ги продуцира позитивната психологија ќе имаат висока вредност за човештвото како такво.

Автор на текстот

Психолог, Гешталт терапевт

Автор на страницата ПозитивнаПсихологија

 
 
 

Comments


Придружени текстови
Тековни текстови
Архива
Пребарајте по клучен збор
Следете нè ...
  • Facebook Basic Square
  • Twitter Basic Square
  • Google+ Basic Square
bottom of page